Monday, November 20, 2023

во епизодата "Random мисли„

Често ми се случува да мислам на некои рандом луѓе од основно, комшии, роднини кои со години не сум ги ни видела, ниту пак знам што им се дешава во животот. Си викам, ваљда и на мене вака некој помислува без јас да знам. И исто толку пати сум помислила на некој што го гледам, што фино изгледа, види јакната колку и е добра или што убави чизми. И почнав на мислите глас да им давам. Првиот пат видов една девојка со прекрасен црвен капут со везени цветни мотиви на грбот. И застанав до неа и и реков „ Сакав само да ти кажам дека капутот ти е прекрасен„. Ме погледна зачудено и малку изненадено. После неколку секунди ми се насмевна и ми кажа фала. И продолжив да кажувам. На колешката со убав џемпер, на девојката со чизмите, на жената со ташната. Некој нема да ме слушне занесен во својот свет, некој нема да стигнам да го видам дали ќе изреагира зошто е брзо разминувањето, ама има и некои со кои ќе поделам секунда- две со поврзани погледи. Ако бар на некој му предизвикам убави чувства, ќе ми е мило. А мене ми е убаво што им кажувам, па сеедно се исплати...

Ги има толку многу што не кажуваат. Абе ќе и се свиѓа сликата, ама like нема да стисне, ниту пак ќе каже нешто убаво кога зборуваме. И не, не ми е до like- от него до горчината до душата што и е. Не е дека имаш доделено број на убави зборови, па треба да си ги штедиш за цел живот да ти траат. Не се трошат. Ги има на претек, ама само во убавата душа. 

Јас па сум ужасна за примање комплименти. Ми го пофалија изгледот на работа, а јас во следната секунда „Немам социјален живот, па само за на работа можам да се дотерам„. Ми го пофалија еднаш фустанот на забава. Јас, побрзав да кажам дека 10евра ми е купен. Ама се трудам ептен. Еве завчера ми го пофалија ланчето, а јас се задржав себеси и срамежливо кажав само „Фала„. 

Учам и јас..

Saturday, October 14, 2023

во епизодата „возење„

Со колегите од работа бевме на картинг. Со денови, да не речам недели се збореше за тој картинг. „Ќе биде интересно„ искоментирав кратко кога ме прашаа дали сум спремна. Туе кутрите се туфкаат на големо. Брзо се возело, како ли ќе било, никогаш не возеле претходно картинг, леле- леле... Кога стигнавме таму ме прашува колешката дали се плашам. „ Не.„- и одговарам. „Знам дека ќе бидам ужас, ама ќе биде интересно да се проба нешто ново„. Јас ни возачка немам, значи зад волан сум седнала само за часовие по возење што по крајниот резултат (паѓање 3 пати на полагање), се знае како ми одело возењето. Тие па сите со возачки, ама кој од кој со таков инстинкт за победување што на чело им ја пишува возбудата. 


Почнавме. Јас ужас како и однапред најавено. Тие луди! Луди скроз на скроз. Ме претркуваат, ме удираат, возат ко да и бегаат на смртта. Кога ќе приметев дека некој доаѓа си се тргав на страна за да ме прошишаат на раат. Тие 13 круга, јас кутри 9. Ама ич не му ја мислам. Баш уживање ми беше иако немав појма што правев. Иако секоја кривина морав на рикверц да ја фаќам по 2 пати, иако пречките на стазата после мене мораат да ги исправаат, иако бев убедливо последна :D Искрено и ми беше малце и жал за нив. Што од таа нескротлива потреба да победат, не упеаа ни на кратко да уживаат во моментот. За греота...


Wednesday, October 11, 2023

во епизодата "Љубов„

Пред некоја недела ми дојдоа ептен специјални гости од Скопје. Одморот веќе беше договорен на работа, а планот за активности што ќе се прават, места кои ќе се посетат и ручеци кои ќе се готват направен до најмал детаљ за секој ден. Се радував долго дека ќе дојдат. Конечно да дојдат! Комбинација од две сестри и 4 деца на возраст од 2 до 12 години.  Секој со свои желби и потреби. За секој ден имав испланирано по најмалце 3 работи да се видат/ направат и добро одеше на почетокот. И sightseeing и музеи. Ми изгедаше како добро да ми иде во планирањето, ама после 5 дена почнаа децата да уживаат повеќе во тоа да си бидат заедно и да си прават работи низ дома отколку да го видат Осло. А, јас форсирав. Планот беше направен. Како да дојдат во Осло, а да не се прошетаме низ Barcode, да не ја пројдеме Операта, Munch и новата Deishmanske?! Не иде! 

И одевме на се што имав испланирано, ама сите си чекаа со душа да дојдеме до дома на топло и удобно, да се пресоблечат во пижами и со саати да се кикотат во кревет и да не заспијат со саати така „легнати„. На крајот долго си мислев дали си поминаа убаво. 

Најмалава женска денеска им вика на Viber „Пак да дојдете кај нас„...

 Таа 2-годишна, ама знае што е љубов!

Wednesday, September 20, 2023

во епизодата "Солзи"

Годинава трет пат накај Скопје фаќам пат.  На работа знам да добијам коментар „Пак ќе земаш одмор?„ и тоа од оние кои си искористиле 4 или дури 5 недели одмор во лето. Слушам и коментари во Скопје во стилот „Аман бе, колку одмор имаш ти?„ .Хехе...еми имам исто колку и сите, 5 недели во годината, ама си ги распоредувам и цепкам за низ цела година да ми траат. Во Скопје не „трошам„ повеќе од една недела на одење. Имам среќа што можам да ги земам одморите и околу државни и верски празници, па на 10 дена патување ќе потрошам само 5 дена одмор на пример. И така ќе се искомбинираат повеќе патувања во годината. 

Додека ги правам последните подготовки пред пат и ги допикувам последните поклони во и онака накрцаниот ранец, малечката женска веќе мора да оди накај градинка. „Мама, ќе оди во Скопје. Ќе се видиме за една недела„ и кажувам. „И јас сакам во Скопје„ ми вика, „Сакам и во градинка„ надополнува, ме гушка и во следниот момент ми мафта симнувајќи се по скалите надоле. Хаха.. црв мајкин, ништо не разбира. Големата женска ме прати од соба во соба и ја гледам како полека и се менува ликот. Во еден момент не може веќе да издржи и прснува да плаче. „Зошти си одиш од мене, мамо?„ -  ме прашува. Ах... не успеваме да се доразбереме дека не си одам од неа, туку само одам до Скопје и дека ќе се вратам брзо. Солзите не престануваат дури ни кога зборуваме на телефон. Душа мајкина..




Овој пат имаше и посебна причина за пат до Скопје- свадба. Со невестата се немавме видено 9 години, од reunion патувањето во Чешка, каде јас од Норвешка, а она од Америка и се ставивме на другарка во Прага. Тогаш бев два во едно, со првата моја женска во стомак. Сега бевме на домашен (а, за нас сепак по малку и странски) терен. Интересно е како годините поминале, а сепак муабетот пак тече како подмачкан. Како блискоста да не се сменила поради далечината, иако има многу работи од животот за кои не сме се информирале меѓусебно. Нема непријатни тишини, нема страв и пресметување на зборовите пред да се изустат. Како времето да се вратило назад во основно, а ние сме биле цел ден заедно во школо и после 1саат дома пак сме се нашле надвор за да дремеме по клупи, ние, нашата женска банда од детсемина. 

Е, со тоа основно ме врзуваат преубави спомени. Некои се и потресни, како на пример моментот кога ни кажаа дека учителката ќе ни оди во пензија и 4. одделение ќе го поминеме со друга учителка. Какво разочарување беше тоа, каква болка, ма реки исплачевме. После дури и на гости и одевме дома. Исто такво трауматично искуство има и мојава ученичка. Уште плаче и уште и пишува честитки на прошлата учителка кои завршуваат со „Дојди да не посетиш„. И ја разбирам болката, скроз на сроз... мајкина душа..

***********

А, свадбата беше мешавина на традиции, ама полна со емоции. Јас секогаш се разнежнувам на свадби. Па, уште кога ќе ги видам родителите на парот, така трогнати од моментот, и мене ми се насолзуваат очите. Ама на оваа свадба не остана на насолзување очи. Се започна кога од нигде никаде, на свадбата се појави учителката до 3то. И како тргнав да ја пресретнам неа и сите кои веќе ја беа опколиле нашата учителка, солзите почнаа сами да се слеваат по образите. Не знам зошто и како, сами си течеа. Секунда пред да стигнам си викам во глава „Аман, што правиш, дај собери се малце„ и во тој момент ја погледнувам невестата облеана во солзи. Буахххх....нова серија солзи почнуваат да ми се леат. Ги бришам засрамено и гледам да не ме види никој, кога погледот ми се спојува со неколку други парови на очи исто расплакани како и моите. Буахххх...нова доза плачење. Ќерка и пак, не снима, ли не снима, сигурно малку подисплашена од настанатата ситуација на групно плачење. Абе што да ти кажувам. А, јас ни тогаш, а ни сега не знам зошто плачев. Дали беше за безгрижните детски денови, за секојдневните дружби кои никогаш не ни здосадија, за блискоста и моментите на припадност во нашата елитна група, за тоа што поминало ... кој знае за што беше. Ама плачевме смеејќи се зошто на никој не ни беше јасно каква беше таа силна емоција која не можевме да си ја објасниме, а која никој не успеа да ја стиши и смири. Верувам дека никој не одгатна зошто сите групно плачевме...

*******************

А, еве има веќе години како не плачеме со моите кога се разделуваме. Може ќе ни се вцрват очите и ќе се замати погледот, ама солзи успеваме да не пуштиме. Тагата која ја носи разделбата ќе ја кажеме со екстра цврста прегратка, дури и здив да подизгубиме малце. А, си плачеме сигурно на двете страни после на само, дур не се гледаме да не си се секираме меѓусебно. Пустото, и на разделбата се навикнавме...




Monday, April 24, 2023

во епизодата „Стареење„

Ако даде Господ веќе утре ќе ја слушнам далеку познатата реченица на стјуардесите на Wizz- „Пријатен престој на вашата дестинација„ проследено со „Добредојдовте дома„. Чудно ама и двете реченици ги чувствувам како да ми се упатени мене. Дома ми е сегаде и никаде. Измешано се во душата, ама убајни ми е кога ќе излезам од авионот и ќе стапнам на македонско тло. 

И никогаш претходно не сум била во Скопје како 37-годишна. Вака кога си мислам за себе, не можам да се сфатам и погледнам себе како една веќе поприлично жена-жена. Уште некако како на дете ми оди мислата, а уствари секогаш сум делувала далеку посериозна од годините и тоа без да се обидувам. Излегував во град како малолетна во друштво на 5години постарата сестра и сите мислеа дека сум им врсничка. Мислам дека изразот на лицето ми бил од секогаш озбилен, да не речем сериозен и возрасен. Ама и однесувањето ми било очигледно исто толку сериозно. И веројатно тоа ме прати цел живот. Не мислам дека некој мислеше дека сум се уште во 30-тите години кога го распослав плеталото на плажа пред некоја недела на одмор. Не, немам 100години... може 99 само...во душа.


Пред 2 години добив за роденден колекција креми против брчки. Тоа било времето за веќе сериозно да се загрижиш за збрчкување и да почнеш на големо да се шлакаш со креми. Многу се израдував на подарокот. Еве 2 години подоцна, една од трите туби од 30мл ја искористив. Хаха..Можеби не сфатив дека кремите ништо не помагаат ако стојат во шкавче во купатило. Дискутабилно е колку помагаат и ако ги ставаш на лице, ама ако не ги ставаш тогаш па сигурно не помагаат. 

Последниот пат на масажа ми го измасираа и лицето. Еј, уживање е, нема што. На крајот на масирањето газдарицата ми вика : „Осеќаш ли разлика?„. Се смеам јас слатко и пробувам да го избегнам одговорот. „Осеќаш ли како лицето ти се освежи?„ - не се откажува со прашување. Мене па како ме дал Господ не можам да лажам. Мислам возрасна жена сум до толку да можам да бидам искрена кон другите исто колку што сум кон себе и да го кажам тоа што го мислам. „Осеќам дека сум мрсна на лицето од маслото„- и одговарам и продолжувам да се смеам. Ептен сум дифтар значи, ама јас уствари немам никаква намера да ја навредам. Напротив мислам дека на светот ќе му служи да сме искрени. Батали ..стварно е безвеза да го нарекуваме лажењето, учтивост. Ако лажеш, лажеш, нема друг збор за лажење. „Колаген пиеш ли?„- продолжува со прашањата. „Не, не сум пиела„- и викам. „Ееее...обавезно да си земеш колагенче!„- дури и прекорно го повишува тонот. После нареднички и вика на девојката во салонот- „Дај, брзо донеси огледало да се види како лицето и сјае после масажата. Како е освежена„. Ми сјае да...од маслото што го користевте, си мислам додека ги поздравувам на врата и си одам по својот пат. Скроз дифтарски, нели?!

Јас таа веќе поминатата 36-ка ја заокружив во лесен џогинг низ маало. Убаво ми дојде. После еден брз туш и серија пред спиење. 37-цата пак ја отворив со друга комбинација вечерта.  Се гледа дека стареам, ама јас па никогаш нема да сум помлада од тоа што сум баш во овој момент, така да удри бригу на весељу. :D


Monday, April 17, 2023

во епизодата „Богатство„

Ланската школска година го имавме тој луксуз да бидеме дома со малата женска, па можевме да ја мазиме големата женска со носење и земање од школо, па и плус да не мора да оди на целодневна. Викам луксуз, зошто вака ко ние што сме сами, секојдневието е сведено на трчање до школо/ градинка па трчање до работа. После 9саати истото во обратна насока. Ама првата школска година, као лагано ни почна. Можевме да носиме и да земаме, зошто скоро цела школска година еден од нас родителите бевме на породилно отсуство. И ја носевме и ја земавме големава, додека малата си уживаше во секојдневните вожњи во количка. Убајни!

Арно ама големава после некое време пројави желба да оди на целодневна. Сите деца оделе, па сакала и она. Јас го влечев и го одложував запишувањето на целодневна. На крајот попуштив и ја запишав два дена во неделата. Еден ден така одам да ја земам одма после часови, и едно влегување во школо го сретнувам нејзиниот прекорнички поглед проследен со жалење. Гласно протестира додека другарот до неа се спрема за ручек на целодневна. „Можеби си ти сиромашна„ -и вика. Мене шок, не сум сигурна што случнав. „Зошто така мислиш?„ - го прашувам. „Па, затоа што не оди на целодневна„ -ми објаснува 6-годишњакот. „А, тоа е нешто што е важно-дали некој е богат или сиромашен?- го допрашувам. „Не„- кратко ми одговара и си оди во училница. Мојава женска прашално ме гледа. „Што е тоа сиромашна?„- ме прашува. „Тоа е спротивното на богата. Знаеш што е да си богат?„ја прашувам јас. „Не„- одговара мојата 6-годишна женска.

                               *****************************************************


Кога сме во Скопје барем колку пати сме сите на купче збрани. Тогаш е најубаво. Ретко кој успева со некој да направи асален муабет, ама само што сме заедно е доволно да е убаво. А и некоја слика секогаш се шкрапнува. Не еднаш, туку многу пати. Кој замижал, кој се свртил, па некое дете вришти...секакви ситуации настануваат во една секунда кога на едно место се збрани 3 генерации од вкупно 17 луѓе. Ама на крај се успева да се улови една достојна слика која е pure happYness. Со Y happYness, kako Will Smith-овиот Тhe pursuit of happyness. Не е граматички точно, ама баш затоа е убаво...зошто е несовршено.


                         **** ****************************************************

Кога доаѓаат празниците е најтешко. Кој сакаш иселеник прашај, исто ќе ти каже. Тогаш воздишките се најдлабоки, ама пустите не успеваат да го намалат притисокот врз градите. Нешто стега таму меѓу ребрата и не си заминува. Па уште и сликите кога ќе почнат да се редат по Фејсбуци и на Вибери. Ич не помагаат. Од една страна убаво ќе ми дојде што ги гледам сите собрани, насмеани, со некој алкохол во рака наздравуваат. Од друга страна па тука некако тивко во куќата, иако Господ ми дал две мали женски кои знаат и те како да се бучни. Ама не е тоа-тоа. Кога нема да си отидеш кај мама и тато на ручек за празник, не е тоа-тоа. И ме фаќаат по дома како плачам, а јас не можам да објаснам зошто. За се и за ништо, така му доаѓа некако. Вие ко мене „отидените„ ќе ме разберете. На вас другите ми е тешко да ви објаснам...

                      ********************************************************* 

И прашај ме ако сакаш колку имам. Вака право да ти кажам јас не можам ни да го избројам моето богатсто. На кратко кажано, немам појма колку имам од што имам толку многу. Е, толку многу сум богата. 


Мултимилијардерката,

Славица Савеска-Кењереш

Friday, March 31, 2023

во епизодата „Нервози и непогоди„

Во последно време некоја нервозна ме фатила и никако да ме пушти. Се нешто ми оди на живци. Трпението како да ми се потрошило. Сите само нешто ме нервираат и не можам да ги трпам. Ова па снегов надвор и квалитетниот минус сабајле во комбинација со оштар ветер воопшто не помага. Абе човек да сака да не се нервира, не може.


Ова најмалечково дома, се буди меѓу 4.30 и 5ч. И готово спремна е за акција. Бара млеко да сум стоплила, да сме ги нашле играчките, книги да сме читале, да сме станеле. Абе да си почнеш да си плачеш така во темницата најдобро. Мене очиве не ми се отвараат. Сум легнала у 1ч и едвај сум спиела 3-4ч. Ама она не ми е крива. Што не сум си легнала рано?! Ама сакам да си плетам, па сакам да си читам книга во тишина, па сакам серија да си гледам..абе се сакам. И да спијам сакам, ама помалце од се останато набројано. Така да, сама себе убила. :D

Сабајле, да не речам ноќта, кога ќе стане и кога ќе ме тера да станувам и јас, ме отскрива. Абе цел јорган дур не ми го тргне и од најмалото прсте на ногата, не е завршена. Ептен deja vu ми е тоа. Татко ми така сабајлињата ме будеше за на факултет. Во топличкото да ти задува еден ладен ветер и да те стресе од неудобност. Ич не сум сакала, а еве го малечково така ме буди секое сабајле. Некогаш се дешава да успеам да и се искрадам и они да презаспијат дур јас се спремам за тренинг. 

Е пред една недела баш така беше ама не заврши славно. Абе се спремив брзински, торбата со опрема ми беше спремна од вечерта, така да брзо излетав од дома. Прво стапнување на улица беше проследено со исто толку брзо сретнување на асфалтот со други делови од моето тело. Овој пат само со дланките и нешто колена и нозе. Телефонот изведе лизгачка точка низ замрзнатиот асфалт, клизачи скроз.Телефонот го спаси заштитното стакло и опаковката. Тие на парчиња, ама телефонот читав. Јас, за разлика од телефонот, во друга состојба. Станувам и гледам една поприлично длабока исекотина на дланката и уште неколку мали камчиња фино забиени во месото. Не бидна тренинг тоа сабајле...again.  Треба да си проверам дали Сатурн, Јупитер и Меркур се сретнале на кафе во куќата на невољата. Не го бива ова веќе. 

Последна дешавка е кога се карав у 7.30 сабајле со една полубаба (60тина години) у трамвај. Абе тоа снегот испонаврнал сабајлето, едвај се пробив до станица со трчање. И си седнав културно во полупразниот трамвај, а оваа господичнава баш сака да седне до мене кога јас си имав кутија со колачи на соседното седиште. Се преместив на спротивните две седишта, ама кој ѓавол ме тераше да ја погледнам во лице и да забележам дека нешто ми зборува. Гасам музиката од слушалки и ја прашувам што ми рекла. Таа па нервозно се тупнува на седиштето и почнува да ми држи лекции, па се дере цел трамвај да ја слушне зошто сум ја ставила кутијата на седиште. Требало доле да си ја ставам, да не зафаќа место и да можат луѓе да седнат до мене. Во нормални услови би се извинила и би се насмевнала пријателски, ама тоа утро душата не ми даде да сум пристојна. Исто толку ко неа гласно почнав да дискутирам дека трамвајот е празен и дека има сто седишта празни за бирање. Море, мани ми се жено, си викам у себе. Арно што не и реков и гласно, до таму беше работата...

Чекај лажам уствари, не е последно ова. После ова со бабата на два пати се карав со корисничкиот центар на банката на chat. До душа првиот пат бев логирана на сметката на машкиот претставник дома, така да иако јас се карав, неговото име стоеше зад секоја непријатна реченица која ја искуцав таа вечер. Следниот ден затоа се докарав во мое име, да не останам покуса. 

                                                              ***********************

Денеска некако расеан денот на работа. Така мислам дека ми е секогаш пред да одам на одмор. Се некако ми е страв дека нешто заборавам да направам или заборавам да известам некој за нешто. Абе, не е дека фирмата ќе пропадне дур ме нема, ама па мене ептен ми е важно се да ми е оставено под конец, и се да е под конец кога ќе се вратам. Тие кутрите едвај да ќе приметат дека ме нема :D Нејсе, расеано и со милион мисли во глава решив да си одам малце порано од обично. Слушалките на глава и Суперхикс во уши. Ветер пак дува и е ладно, ама па мене некоја убавина ми ја стоплува душата и адреналин ми го раздвижува телото. И почнувам да си пеам. Абе ко будала, одам и си пеам и дури и си подзаигрувам на ритамот на музиката. Нека е весело, дур не сретнам некој за карање. Господ знае дека не ми треба многу...


Славица Нервозната Савеска- Кењереш

Sunday, March 19, 2023

во епизодата „Тренинг„

Прошлава недела сум тренирала секој работен ден. Не е дека планирав, ама така некако испадна. Секоја вечер откако ќе легнеа женскиве, јас со шишето со вода во рака и патиките на рамо и правец у теретана. Овој пат решив групните тренинзи да ги исфорсирам, па да видиме што ќе биде.

Абе сите можни варијанти на пилатес, јога и баланс сум ги испробала. Од Shape up преку Bodybalance и Strong and flexible па до Pilates. Прв ден и 20мин после тренинг и еден тег мистериозно заврши врз моето мало прсте на рака. Не прашувај како се деси. Тешко е да се објасни. Важно многу брзо заврши часот мој. Девојката на рецепција даде мраз, а јас си ги собрав парталите и како ранет орел си одлетав дома. Абе бруки. Следните денови поминаат без поголеми инциденти. Часовите некако лесни ми се видоа. Или јас сум се пријавила за Senior часови или не ги праев вежбите како треба. Друго објаснување нема. Да не заборавам дека еден час јога и во Скопје удрив во февруари. Зклучокот од сите поминати групни часови е дека не е тоа за мене. Никој не може да каже дека не пробав. Толку ќе кажам!

Петокот па тренинг од дома. Така еден снег што изнаврна абе луда работа. Ова пролет као треба да изиграва, ама снегов никако да откаже. Луда Марта со триста ума, скроз на скроз. На внук ми му покажувам на што личи надвор, а тој па ме прашува зошто братучедките му, не се надвор да си играат на снегот. „Тета, интересно беше првиот и вториот и третиот и десеттиот и иљадитиот ден, ама иљада и првиов ден со снег, веќе не е интересно„ му објаснувам суптилно. 

Е, во петокот сум ринела снег. Ова малце поубаво звучи на норвешки, ама ринење снег на македонски е вистинската фраза. Прво на тераса. Абе се собра снег, скоро три
педи. Си викам дај да го фрлам доле у двор да не ми отиде терасата доле у двор од оваа тежина на снегот. Си излегов со малата женска. Ми се заглава детето у снегот. Влага у снегот и оп ја снема. Срце мамино. 

После се префрлив на влез во двор. Си викам да исчистам за да може да си го приберам големото дете од школо. И чистев ли чистев.  После санката у рака и отидов да ја земам голамата женска. 1,5км влечење 20++ кг на санка после ринењето снег.  Вака ќе рече човек не е тешко, ама еден work out е невиден. Доказ за тоа е што во саботата ме болеа сите мускулчиња на телото, па дури и оние што не ни знаев дека постојат. Абе влакненцата на грбот ме болеа кога се превртував во кревет. Е...тоа ти е вежбање, а не јоги/ моги и слични модерни вежбања. Абе да си се испотиш ко човек и некоја работа плус да завршиш. А, не па јас со групни тренинзи и трчање на траката ко удрена. 

Норвежаниве се екстреми за спорт. У теретана вежбање е нормално. Не се знае колку теретани има и сите се преполни. Една бивша колешка беше зачленета во 3 теретани. Е до таму оди работата. Ама друг левел се оние што цела зима возат точак до работа во комбинација со оние што цела зима трчаат надвор. Абе тоа стигнало -15, мрсулите ќе ти замрзнат од ладно, ама тие со тоа ранчето на грб и патики со шилци трчаат 10км до работа на мрзот и снегот. Има такви и што лизгаат преку езеро и скијаат до работа. 

Јас па некако гледам голема убавина во трчање. На отворено не ми оди премногу. Не знам да се дозирам. Да не заборавиме и дека тука нема рамна патека освен ако не трчаш стриктно покрај море. Осло е целото угорница и удолница. Смрт за вакви кои мене, што имаат желба, ама не и кондиција, умешност или издржливост за да истрчаат фино надвор. Ама трака ми е фино. Таму машината ме дозира, а угорницата сама си ја подесувам. Порано трчав по 10км пред работа. Сега по 5км ги правам. Ама едно темпо, за греота. Не е за кажување, колку е за греота. И што се десило? Ништо. 5км покажува лентата, а јас пак сум на истото место како и кога покажуваше 0м. Ама испотеана и задоволна. Работниот ден ми започнува со мислата дека е 7ч, а јас веќе нешто добро сум направила. Ептен кул, вака право да ти кажам. Целта е да се зголеми брзината, а и километражата, ама конкретен план немам. Може и заради тоа не успевам нешто посебно да сменам во досегашната динамика. Ама си викам, се додека правам нешто што мене ме прави среќна, доволно е. На крајот на краиштата, не е дека сме сите скроени за големи успеси, ама има голема убавина и во малите успеси.


Од едни 5км пред работа до други, 

Славица Савеска- Кењереш

Tuesday, February 14, 2023

во епизодата „All you need is love"

Во текот на денов на многу места и начини бев потсетена за специјалноста на 14ти Февруари. Срциња налепени на профилни слики, понуда на чоколади и букети по цвеќари , црвена долна облека во излог. Добро, не е до толку лудило ко во Скопје, но сепак ич да не е, ич да не е, ќе налеташ на муабетот во текот на денот, дали од медиуми или од колеги или од рандом луѓе во трамвај. Јас па не го славам нешто овој Валентајн. И не е дека не го славам Валентајн зошто „не е наш„ празник и зошто „ние си го имаме Свети Трифун„. Не го славам зошто не го славам. Ни Свети Трифун не го славам, ако сакаме да цепидлачиме. Последниве години и годишнина на брак си забораваме, па сега на Валентајн ќе му ја мислиме. 


Првата годишнина ни ја заборавија сите.  Ние прославивме со таи вечера во ресторан, ама честитки од никој не добивме. Е тогаш им се налутив апсолутно на сите. Битно ми беше, а никој не се сети дека на тој ист ден пред една година ја „крунисавме љубовта со брак„.. вака се кажува нели?! Битно ми беше, зошто веројатно немав нешто попаметно што да мислам, ниту имав обврски што ме преокупираа. Сега не им придавам значење на вакви работи. Што е битно кој е денот?! Ако се сакаме, се сакаме и на 13ти, а може баш па на 14ти да не можеме да се поднесеме. Животот е таков...горе па доле, па вањда пак горе. Има една што вика: „ Се ќе е ок на крај. Ако не е ок, значи не е крај„. Не звучи баш писмено вака буквално преведено од норвешки на македонски, ама уствари е многу убава мисла. Ај батали..

                                                           *******************

Многу работи можат да се глумат, ама гушкањето не. Тоа е најискрената форма на искажување љубов. Не се глуми тоа. Она кога ќе те стиснат толку силно што малце и воздух ќе снемаш. Душата да ви се поврзе во истиот момент и да бидете заедно во делење на болката или на радоста. Зошто кога се дели болката таа се преполовува, а кога се дели среќата таа се дуплира. И ова е некоја мисла на некој голем ум, ама оваа за разлика од другата погоре, барем убаво звучи и на македонски. :D 

                                                         ********************

За мене е Валентајн кога ќе го исчисти влезот кога е наш ред за чистење, кога ќе стане во 5.30 во сабота со малата женска и ќе ме остави да спијам до 9, кога ќе зготви ручек, кога ќе ја однесе големата женска во школо за да не паѓам јас по мразовиве, кога ќе ми ја наполни кадата и ќе ме остави да уживам...многу Валентајни во една година испаѓаат вака и ниту еден од нив не чека посебен датум да се случи.. 

Tuesday, January 3, 2023

во епизодата „Релакс„

Дур живеев во Скопје, во еден период бев решена да пробам пилатес. Можеби повеќе за да видам на што личи часот што, во тоа време еден „дечко„ почна да го работи, отколку што стварно ме интересираше да одам на пилатес. Часовите беа доста посетени и популарни ,а почнуваа секогаш со една повторувачка серија на длабоко вдишување и полека издишување додека рацете ги движевме поооооолеееека нагоре па надоле. Еднаш, два пати, три пати..... Веќе на третиот пат почнуваше да ме фаќа нервоза. Абе не може само да си дишиме нормално и да го забрзаме процесот со рацеве? Горе, доле набрзина дур дишеме и готово? Фрустрацијата растеше со секоја следна баааааааавна вежба на истегнување. После едно 3- 4 часа се откажав. Бев далеку понервозна после часот отколку пред часот. А, нели треба да ти даде енергија и да те релаксира?!

Кога се преселив во Осло си мислев јога да пробам. Тогаш живеев врата до врата со едно пилатес и јога студио. Кога насабајле почнав да ги гледам како доаѓаат во 6саат да дишат бавно, а сепак гласно во хор, се откажав од идејата. Не е тоа за мене. Нервозно ептен да слушаш како полецка дишат група луѓе поседнати на тоа чергичињата со нозете прекрстени и палецот и показалецот што оформуваат кругче. Не иде. Кога на колегите им ја објаснив мојата страна на гледање на јогата, ми рекоа дека баш тоа кажува колку ми треба јога во животот. Да ми ја смири внатрешната нервоза... абе ајде....

Еднаш дури и бев на јога. Ама така со многу ентузијазам отидов, решена да ми се свиѓа, ама чувствата брзо се сменија кога инстукторката почна да „намасте-ува„, па па тадасана, шавасана, па баласана и разни други „сани„ да ми реди. Не ме купи ама ич. Никаква релаксација не видов јас во тоа. Чиста нервоза само!

А за масажа секогаш сум мислела дека е царска работа. Само кога ќе го помислам зборот, една топлина ми поминува низ грб помешана со неодоливо чувство на уживанција. Се сеќавам како мала дека татко ми ме тереше да го газам. Што знае дете што е интерено?! Мене ми беше ептен кул да го газам, а он па си уживал без јас да знам. Сега јас така и викам на големата женска , а она исто мисли дека е тоа кул колку што јас мислев кога бев колку неа. Win-win!

А, секогаш кога имам план за одење накај Скопје си викам ќе си закажам масажа кај наши луѓе. Не знам зошто и како, ама така ми е секад планот. А, ретко кога закажувам. Кога ќе слетаме наеднаш ми го снемува времето за таму и немам никаки шанси да се дополни календарот со еден саат уживанција со масажа. Ама последните две одења во Скопје биднаа и масажи. Првиот пат, во март мајка ми само ми кажа дека ми закажала, па јас требаше само да се појавам. И се појавив. Ме упатија во темната собичка лагано и по малку романтично подосветлена од пламенот на свеќите наредени наоколу. Релакс масажа за цело тело имаш закажано, ми вика девојката. „Соблечи се и легни!-додава. „Ок„ викам и послушно ги здиплувам алиштата на столчето. Сакав да и кажам дека вака никогаш не сум правела со непознати, ама се спречувам во намерата. Може нема да ми го разбере хуморот низ маската па ке биде само awkward. 

Пуштаат некоја релаксирачка музика и почнуваат да масираат. Не една туку две девојки. Од време на време ги слушам како си шепкаат по нешто. Не зборуваат нормално за раатот да не ми го расипат, дека нели треба да се релаксирам. Оф, мори мајко.. 



4 раце по моите нозе, грб и рака се движат лесно низ 2 кила масло истурен низ мене. Едната рака се уште не е доопоравена од скршениците па таа ја оставаме на раат. Уххх...како бе да се релаксирам кога слушам ко да е зејтин во тавче за пржење- шљац, шљац на сите страни?! Сигурно и по земја капи....бљак... Они само си ја работат работата де...не е до нив. До мене е што не можам да уживам дури и кога е се наместено за уживање. После некое време се менуваат нивните раце со ролери или сукала со различни облици. Боли, корне, ама срам ми е да им кажам. Од толкава болка ми станува наеднаш многу смешно. Главата бутната во дупчето на масата за масирање, а јас се смеам низ маската, ама бесчујно. Они мислат телото ми се мрда од масажата, а јас уствари не можам да престанам да се смеам. Ама глас не испутам. Шљац, шљац тоа маслото, ака зејтин... хахаха.. 

Кога завршија со релаксирањето ми викаат да се полежам ако сакам. Јас само мислам како да си одам побрзо за да се истуширам дома. Кожава да си ја одмастам, ако е тоа воопшто можно. :D

Следно одење во Скопје, пак за масажа се спремам. Овој пат закажуваме со сваќата. Двете заедно, тако звана тандем масажа. Она па касни. Дечкото на рецепција ми вика „Можеш да одиш во собата, ако сакаш„. „Не, ќе ја почекам другарка ми„ - му викам и слушам како на други начини може да се протолкува сето ова со тандем масажа со другарка. Хаха.. За крако се збираме двете и се упатуваме во собата. Таму исто, релакс музика и слабо, да не речам непостојачко светло. Од одма се релаксирам..NOT! :D 


Овој пат болка не почувствуавав. Ме испомазни, ко на галење да отидов, а не на масажа. Додека масира, т.е. ме гали мене мислите на сите страни. Што ќе се јаде после, што ми прават децата, во колку ќе треба да се разбудам утре за да ги стигнам сите договори за денот. Ни Р од релаксирање. На крајот па почнува да ми ја масира главата..или косата или што па јас знам. По културно сигурно се вика масажа на скалп, ама јас единствено за што се секирав е дали влакната ќе ми останат закачени за главата кога веќе се помирив со фактот дека ќе морам коса да мијам кога ќе дојдам дома. Дури се мислам дали ќе почне тоа маслото од коса да ми тече по фустан кога ќе се облечам.. Абе маки, викам јас..

За кратко пак за Скопје летам. Мореееее.. има да одам на масажа, па што сака нека биде. Има да се грчам од болка и да се смеам скришно се додека не научам да се релаксирам. Друго чаре нема!


Од една до друга скопска масажа,

Славица Савеска-Кењереш

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...