Прошлава недела сум тренирала секој работен ден. Не е дека планирав, ама така некако испадна. Секоја вечер откако ќе легнеа женскиве, јас со шишето со вода во рака и патиките на рамо и правец у теретана. Овој пат решив групните тренинзи да ги исфорсирам, па да видиме што ќе биде.
Абе сите можни варијанти на пилатес, јога и баланс сум ги испробала. Од Shape up преку Bodybalance и Strong and flexible па до Pilates. Прв ден и 20мин после тренинг и еден тег мистериозно заврши врз моето мало прсте на рака. Не прашувај како се деси. Тешко е да се објасни. Важно многу брзо заврши часот мој. Девојката на рецепција даде мраз, а јас си ги собрав парталите и како ранет орел си одлетав дома. Абе бруки. Следните денови поминаат без поголеми инциденти. Часовите некако лесни ми се видоа. Или јас сум се пријавила за Senior часови или не ги праев вежбите како треба. Друго објаснување нема. Да не заборавам дека еден час јога и во Скопје удрив во февруари. Зклучокот од сите поминати групни часови е дека не е тоа за мене. Никој не може да каже дека не пробав. Толку ќе кажам!
Петокот па тренинг од дома. Така еден снег што изнаврна абе луда работа. Ова пролет као треба да изиграва, ама снегов никако да откаже. Луда Марта со триста ума, скроз на скроз. На внук ми му покажувам на што личи надвор, а тој па ме прашува зошто братучедките му, не се надвор да си играат на снегот. „Тета, интересно беше првиот и вториот и третиот и десеттиот и иљадитиот ден, ама иљада и првиов ден со снег, веќе не е интересно„ му објаснувам суптилно.
Е, во петокот сум ринела снег. Ова малце поубаво звучи на норвешки, ама ринење снег на македонски е вистинската фраза. Прво на тераса. Абе се собра снег, скоро три
педи. Си викам дај да го фрлам доле у двор да не ми отиде терасата доле у двор од оваа тежина на снегот. Си излегов со малата женска. Ми се заглава детето у снегот. Влага у снегот и оп ја снема. Срце мамино.
После се префрлив на влез во двор. Си викам да исчистам за да може да си го приберам големото дете од школо. И чистев ли чистев. После санката у рака и отидов да ја земам голамата женска. 1,5км влечење 20++ кг на санка после ринењето снег. Вака ќе рече човек не е тешко, ама еден work out е невиден. Доказ за тоа е што во саботата ме болеа сите мускулчиња на телото, па дури и оние што не ни знаев дека постојат. Абе влакненцата на грбот ме болеа кога се превртував во кревет. Е...тоа ти е вежбање, а не јоги/ моги и слични модерни вежбања. Абе да си се испотиш ко човек и некоја работа плус да завршиш. А, не па јас со групни тренинзи и трчање на траката ко удрена.
Норвежаниве се екстреми за спорт. У теретана вежбање е нормално. Не се знае колку теретани има и сите се преполни. Една бивша колешка беше зачленета во 3 теретани. Е до таму оди работата. Ама друг левел се оние што цела зима возат точак до работа во комбинација со оние што цела зима трчаат надвор. Абе тоа стигнало -15, мрсулите ќе ти замрзнат од ладно, ама тие со тоа ранчето на грб и патики со шилци трчаат 10км до работа на мрзот и снегот. Има такви и што лизгаат преку езеро и скијаат до работа.
Јас па некако гледам голема убавина во трчање. На отворено не ми оди премногу. Не знам да се дозирам. Да не заборавиме и дека тука нема рамна патека освен ако не трчаш стриктно покрај море. Осло е целото угорница и удолница. Смрт за вакви кои мене, што имаат желба, ама не и кондиција, умешност или издржливост за да истрчаат фино надвор. Ама трака ми е фино. Таму машината ме дозира, а угорницата сама си ја подесувам. Порано трчав по 10км пред работа. Сега по 5км ги правам. Ама едно темпо, за греота. Не е за кажување, колку е за греота. И што се десило? Ништо. 5км покажува лентата, а јас пак сум на истото место како и кога покажуваше 0м. Ама испотеана и задоволна. Работниот ден ми започнува со мислата дека е 7ч, а јас веќе нешто добро сум направила. Ептен кул, вака право да ти кажам. Целта е да се зголеми брзината, а и километражата, ама конкретен план немам. Може и заради тоа не успевам нешто посебно да сменам во досегашната динамика. Ама си викам, се додека правам нешто што мене ме прави среќна, доволно е. На крајот на краиштата, не е дека сме сите скроени за големи успеси, ама има голема убавина и во малите успеси.
Од едни 5км пред работа до други,
Славица Савеска- Кењереш


No comments:
Post a Comment