Sunday, December 30, 2018

„прашања за крајот на 2018та„

Во Осло имам една мала група македонки со кои доста се дружиме. Се гледаме кога ќе стигнеме, некогаш по неколку пати месечно,некогаш ниту еднаш во месецот, а секојдневно муабетиме на фб. Кога ќе се збереме, ееее тогаш паѓаат многу сериозни муабети.. Си се жалиме за животот далеку од сестри и браќа, родители и внуци..тоа најмногу боли. Па после се потсетуваме меѓусебно колку треба да сме благодарни за она што го имаме. И врти сучи ќе се наметне муабетот за домаќинлук. Тогаш се разменуваат рецепти, се зборува за кифлите на мајките,  бурек во маалската бурекџилница, па рецепти за здрави бомбици и веган торти..абе се нешто. Ама муабетисувајќи за нашето детство на крајот се врти за детството на нашите деца. Кажувајќи им дека кај нас дома телевизор скоро и да не се уклучува, едната другарка ми вика „Уууу...па ти многу строга си„. Не знам, може и сум..се замислувам за муабетот кога си одам накај дома. Цртани и пуштам еднаш во 10тина дена, на таблет игра 2 пати месечно.. Тоа строгост е?
                                       
          ******************

Внука ми и сестра ми беа на гости пред Нова Година. Одејќи на божиќен базар разговаравме за Дедо Мраз. Раскажувавме како Дедо Мраз дојде кај баба и во Скопје пред некоја година за да им даде на сите подароци. Таа беше мала, не ми е ни чудно што не се сеќава. „А од каде дојдоа тие подароци?„- ме прашува. „Подароците ги купи тетка ти и му ги даде на Дедо Мраз за да ви ги даде на вас„. Внука ми ме гледа вџашено „Тетооооо„- викнува.  „Што е? Па јас не ја лажам за ништо„- одговарам. И ја уништувам ли магијата на новогодишните подароци ако и ја кажам вистината- дека Дедо Мраз не постои?!

          ******************

На работа за ручек разговарам со колешка која ми вика дека си купила нова куќа во која ќе има голема спална соба и 2 мали детски соби за синот и ќерката. „Конечно раат да сум„- додава.Другата колешка и вика дека нејзината спална е малечка зошто сака децата да имаат поголеми соби. „Не сакам по дневна да ми расфрлаат играчки„. „Да издржиме уште малце, па ќе се отселат„- го заокружува излагањето. Хммм....јас им викам дека ние сме во иста соба и иако има свој кревет, навечер кога ќе заспие ја земаме во нашиот кревет, заедно да спиеме. Ме погледнуваат двете прашално. „Значи заспива во својот кревет, а вие во спиење ја преместувате во вашиот?„- ме потпрашува зошто очигледно ништо не и е јасно. „Да„-одговарам кратко. „Чудни родители сме нели?!„- ја прашувам. „Да, чудно е„- ми вика.  А мојата најмила ноќите кога ќе се подразбуди скоро во сон ќе ми се намевне така слатко и ќе ме гушне и ќе заспие во истиот момент. Душата ми се полни од милина, животот ми се продолжува. А, сега строга ли сум или ја мазам и кога не треба?!

          *******************

Спремајќи ручек ми се лизна ножот и сочно се заби во кутриот ми показалец. Викнав несвесно, а таа се стрча накај кујна да види што се случило. И кажувам смирено дека не е ништо страшно и дека само сум се исекла додека го притскам цврсто прстот, а капка крв капнува во лавабо. Ме гледа безнадежно и молежливо ми вика „Па треба да внимаваш мамо„ и веќе во следниот момент се расплакува. Си мислам колку и како тоа нејзе ја погодува и боли иако не е физичка болката која ја чувствува. Исто кога ќе ја искарам, а таа плаче и откако сме се разбрале и смириле со објаснување дека „не ми е убаво во телцето„... душа мајкина... На зафркавање знаеме да ја прашуваме на кого е. Одговара дека е на мама и брзо се надоврзува дека е и на тато. Ја прашувам дали таа мене ме сака. „Да, најмногу на светот„-одговара. „А, зошто?„ - ја прашувам пак. „Не знам зошто те сакам„- едноставно одговара. И нема подобар одговор на тоа прашање. Затоа што љубовта не е рационална ниту со претходна прерачунка, затоа што само се случува. Јадеме интегрален леб, многу зеленчук и овошје затоа што е здраво, одиме во теретана за да се оджуваме во форма, благо се јаде во ограничени количини еднаш во неделата затоа што не е здраво, пиеме многу вода затоа што е важно да е телото доволно хидрирано, читаме книги, гледаме документарци, се образуваме за да бидеме доволни информирани и свесни за опасностите во животот.... Добро е што барем за љубовта не мораме да бараме причини.

Од едни дилеми во 2018 до други во 2019,
Славица Савеска-Кењереш

Thursday, October 18, 2018

во епизодата „Паразит„

Мајка ми знаеше често да дојде во соба и да ми го напише името на насобраната прашина на телевизор. Тоа беше како некоја порака која требаше јас да ја сфатам во стилот "Избриши прашина". После некое време кога виде дека не ја сфаќам пораката почна токму таа реченица да ја пишува. Ко на мало дете. Не и успеваше секогаш.

Кога дојдов да живеам во Осло, единственото јадење што знаев да го направам беа пржени компири. Претходно се ми било спремно и сервирано на маса. Како на мало дете...again. Ручек направен, за вечера понудена. Дури и тањирите од маса само до кујна ги носев. Не се ни сеќавам дека некогаш сум ги измила. Мајка ми за се. Работа, ручек, чистење, перење, се на неа..секогаш. Татко ми знаеше да направи ручек, да учествува во чистење за викенд, да измие тањири. На мене никогаш не ми било наредено нешто направам, никогаш од мене ништо не се очекувало. Кога завршував средно беше на големо зборувано дека факултет е следниот чекор. Јас сакав да работам, а тие ми попуваа дека ќе работам цел живот, дека сега е вајважо да завршам фукултет, човек да биде од мене.. :D Завршив факултет, се вработив. Тогаш беше муабетот дека треба да живеам, дека ќе чистам и готвам кога ќе се омажам, дека има време за тоа. И парите кои ги заработував беа за мене и само за мене, а јас го јадев лебот купен од татко ми и ручекот спремен од мајка ми во станот кои тие го обезбедиле и сметките кои тие ги платиле. Ко некој паразит...закачена на туѓата кожа, лежи лебу да те јадам. Ужас.

Пред некој ден се возам со метро и на станица влегува една баба со две внучиња од по 10тина години. Почнуваат да зборуваат и оп некој познат тоналитет во нивните гласови..зборуваат српски. Се поднасмевнувам под мустаќ, затоа што јас ги разбирам што зборуваат, а тие не знаат дека јас ги разбрам. Внуката вика дека е жедна, а бабата набрзина вади едно шише вода од ташната. Го одвртува капачето и и го подава шишето. Еее...тоа никогаш не сум го видела меѓу норвежаниве. Па зарем толку нема сила 10 годишно дете само да го отвори шишето, па мора бабата да „помогне„ ? Е, така се мазат луѓе, така се бива пазарит. Зошто од толку помош цел живот, на крај ни станува тоа толку природно и нормално.

На гости кај другарки на мојата најмила јадевме ручек. Мојата најмила го испразни тањирот, стана и побрза да го однесе во кујна. Сосема нормално и се виде тоа, не го ни мислеше, ниту пак јас требаше да ја потсетам. Доби пофалба од домаќините, а јас дури тогаш сфатив дека тоа што таа на 3год го стекнала како навика, јас не сум го имала ни на мои 25 и кусур години. Се замислив малку. Си викам, каква мајка сум јас кога ја учам да помага уште неиспилена?! Па, кога таа ќе си ужива, ко што мене ми даваа да уживам додека живеев со нив?! Зошто јас очекувам и добивам толку многу повеќе од она што од мене се очекувало?

                               ******

Луѓето од кои изнајмуваме стан живеат над нас. За Велигден,бевме на одмор и како секогаш им кажавме кој период ќе бидеме отсутни. Ама, планот не бива секогаш. Останавме по болници и моравме да одложиме враќање. Ден откако требаше да се вратиме, ми пратија порака да прашаат дали добро ме разбрале дека требаше да сме вратени до тогаш. Им објаснив на кратко дека ќе ги известам дополнително. Денот кога тргнавме им пишав порака дека сме веќе на пат. Ми вратија брзо на пораката дека ќе го чекаат возот од аеродром за да не соберат. Дојдоа двајцата со кола и ми го истргаа куферот од 30кила од раце да го носат...имаат по 75години. Потоа со кола не однесоа до продавница да испазариме. Ете, нас и тука, толку далеку од првата дома судбината ни вметна во животот луѓе кои ќе се грижат за нас и ќе не мазат.. Not bad at all!



Tuesday, May 22, 2018

во епизодата „Мирисот на спомените„

Од сите месеци во годината, еден ми е посебен. Мај..мај, кога се раззеленува, кога птиците цврцорат наутро кога одам накај работа, кога се слуша првото зуење на пчелите, кога расцветуваат јоргованите во дворот, кога замирисуваат јоргованите низ сите дворови во населба... кога Осло ми  мириса на детство, ми мириса на спомени, ми мириса на мене во Скопје, на мене во Аеродром....



И не знам зошто, ниту како ама топло ми е на душичкава. Некој мир владее во тој свет на спомени. Ародром без сите експресно изградени цркви, без Capitol, без статуи па дури и без Бисер. Е тој Аеродром, далечно сивкаст Аеродром кој се бои во плаво-бело накај Вардар, накај салата на МЗТ каде ги доживеав најголемите радости и разочарување во моето безгрижно детство. Кога секоја победа значеше живот, а секој пораз рушење на целиот свет...

Па, сите оние лета во село со големи фиксирани агенди- доручек-по река-ручек- Раброец-вечера-во диско. Па дедо како се симнува од височинката и во рацете носи 4 големи кеси во кои се напикани 10 леба. За првите неколку дена од неделата де, после ќе мора да меси зошто кај Савевци има повеќе луѓе од прсти на рацете дури и тогаш кога сме половично друштво.

Овој мирис на јоргован ме враќа назад во сите тие моменти. Па она кога ќе те потсети ФБ какви статуси си пишувал пред 10 години и кога ќе го намирисаш секојдневието исполнето со толку неважни грижи во стилот „Добив покана за свадба, што ли ќе облечам?!„... ех, младост..

А, денеска си седиме со мојата најмила во двор, а таа само оди лево-десно, трча од еден до друг крај на дворот , па пак се враќа,потскокнува радосно додека нешто си зборува сама со себе, па со мене и исчезнува затоа што нема време да ме дослуша, занесена во својот свет на безгрижност... дише и расте. Одеднаш ми се губи од видик и ја слушам после кратко време како трча кон мене целата возбудена да ми каже нешто многу важно. "Мамо, една птица дојде да ја јаде нишалката.". Јас ја поглeнувам и се насмевнувам "Ох, како тоа?! Така не се прави. Што да правиме сега ние?" И очекувам да рече "Да ја избркаме птицата мамо"..очекувам да каже „Да ја искараме птицата, зошто ни ја јаде нишалката„... очекувам се нешто да каже, но не и „Па мамо, да и дадеме лепче да јаде. Гладна е.„ А таа тоа ми го кажува и веќе во следниот миг влегува дома со сандалите несоблечени да бара лепче. Ех, дете...невино, наивно.. подготвено да даде без да чека нешто да добие, да даде затоа што колку повеќе даваш- толку повеќе имаш... љубов, среќа...

А, јас секое утро суптилно се доближувам до секој јоргован кој ќе ми се покаже на патот кон работа, вдишувам длабоко и за миг ги затварам очите и патувам назад низ времето...патувам до оној миг кога се враќам од школосо клучот обесен на врат, на зелената врвка, а на трпезариската маса среќавам букет јорговани кои веќе ја исполниле цела куќа со мирис...спокојство, незгрижност...

Си набравме со мојата најмила букет јорговани од двор и ги ставивме во вазна во дневна. И љиљакови и бели. Нека и нејзе и се врежи овој мирис во душата.. нека го запомни мирисот на детството...

Од еден до друг мирис на јорговани,
Славица Савеска-Кењереш

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...