Friday, March 25, 2016

... во епизодата “Омразената боранија”

Од кога знам за себе не сакам боранија. Абе ете просто и едноставно не ми се допаѓа вкусот на тоа зелено стапче. Толку имам да објаснам. Мајка ми вика дека додека она ме ранела се сум јадела. Ама ете, кога сум почнала да знам за себе сум престанала да јадам некои работи, меѓу кои и боранија.
Маж ми пак си сакал и си сака боранија. Кај него не дошла таа фаза на несакање или нејадење храна. Кај него важи правилото- “Тоа што ќе биде ставено во тањир, мора да се изеде.” Точка! Во тоа сме толку спротивни. Јас пак вешто ги избегнував сите манџи за ручек, со што после работа ќе отидев на кафе, во теретана, низ град... каде и да е, само да се потрошат неколку саати екстра и кога ќе се вратам дома да не е веќе ручек и да може да се јадат пржени компирчиња, на пример.
Јас не спаѓам ни одблизу во групата на здравојадачи. Најголемото зло на кое сум навлечена е секако мајонез... добро и чоколадо, млечно чоколадо или па со карамела и лешници, ма какво и да е чоколадо, па саламче, зденка, смоки, чипсче....ооооо, а маргаринче и пржени компирчиња... абе да си каснеш и да си уживаш. Кога ќе ме прашаа дали јадам некоја манџа викав дека е премногу здрава за мојот стомак. Хихи..
Кога останав бремена и станав директно одговорна за едно малечко суштественце кое растеше во мојот стомак, работите се сменија. Ги отфрлив саламите, мајонезот и маргаринот, а ги уфррлив на голема врата овошјата. Уште пред да ја добијам мојата миличка решив дека е важно да се храни здраво. Дека тоа малечко суштественце треба да го добива најдоброто на овој свет, а тоа секако не се тони шеќер, сол и масти.
Ама дете колку и да е малечко, нема да јаде од својот тањир без да ѕирне во твојот. Ако тие две тањири се разликуваат, е тогаш настанува проблемот.
И се само се модифицира мојот список за во продавница. Чипсови и грицки се купуваат се поретко, Кока Кола само за кога ќе доаѓаат гости, а бел леб еднаш во месецот. Затоа се купува брокула, карфиол,грашак, тиквички... сите можни видови на салати, батат, чиа, булгур... и се разбира се што ќе се види од овошје.
А баш пред некое време додека се враќав од работа, маж ми, по телефон ми вика дека направил манџа боранија. Хмм..... Уште со првото отварање дома, мирисот на боранија почнува да ме прогонува. Си ќутам и тагувам во себе, додека ја поставувам масата. Седнуваме тројцата на маса со по еден тањир боранија пред себе.
И додека ја приближувам кон себе лажицата полна зелени стапчиња така наречени боранија, чувствувам како нешто ми проигрува во стомакот и се враќа нагоре. А, јас продолжувам да ја приближувам лажицата, и се насмевнувам на мојата најмила и радосно дофрлам- Ммммм...јамииии, колку вкусно е!!! Лапнувам и голтнувам. Една лажица, две, три...десет лажици... Продолжувам со коментарите кои се многу повеќе насочени кон мене отколку кон неа. Таа со нетрпение си ја чека секоја лажичка полна боранија, слатко си ја мљацка и брзо ја голтнува во исчекување на следната лажица. А, јас си зборувам и си се храбрам во битката против самата себе. И се победувам себе си...победувам за неа....победувам поради неа!

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...