Во последниве две недели се фрлив озбилно во барање нова работа. Под озбилно, мислам секој ден да ѕирнам што огласи има, да аплицирам на едно, некогаш на две места и да свртам некој број да се рапрашам за процесот. Може беше и редно време, зошто на сегашнава работа сум до крајот на месецов, што е на „пу“ време уствари. :D Од врачувањето на отказот до сега поминаа 3 месеци, а мене уште како вчера ми се чини. Не зажалив, иако од оваа дистанца мислам дека можев попаметно да го изиграм сето ова. Ама не, не жалам.
Барање работа е посебен процес. Со оглед на тоа што на сегашнава работа сум скоро 6години, сум подзаборавила по малку како изгледа. Викаат дека барањето работа е 100% работа. Мене, па некако интересно ми е ама, гледам дека од последниот пат до сега многу нови критериуми сум си направила. Многу ми е важна локацијата на канцеларијата, работното време, дали има можност да се работи од дома.. сето ова како плус на најважните критериуми- работни обврски и можноста за напредување.
Баш возбудливо сето тоа со интервјуата, право да ти кажам. А, јас имам чувство дека никогаш не сум имала проблем да зборувам. Ме фаќа некоја возбудлива паника, ама кога ќе почнам да зборувам, не можам да се сопрам. Е, така на интервју сум се фатила себеси дека на второто прашање сум одговарала 10минути во кои сум им го раскажала целиот мој живот од средно, преку факултет, телевизија во Скопје, до доаѓањето во Осло и сите работни места и позиции тука. Кој знае што е полошо- да одговараш кратко,па да не можат да те разберат што сакаш да кажеш, или да одвораваш на долго, па да не можат да те сопрат во зборењето. Златна е средината, ама ретко кој може да ја најде.
А, на последното интервју ме распрашаа за факултетски денови. Оооо..кој памти што било пред еден живот??? Мислам, памтам јас, ама не памтам предавања, учења и испити. Ги памтам само киснењата во бифе на Економски од 8 до 14ч. Уште не ми е јасно зошто ко будали се будевме рано и се нацртувавме на факултет во 8ч сабајле, кога скоро на никое предавање не одевме?! Ај да е еден будала да разберам, ова ние бевме цела дружина ненормални.
А дружбата беше баш убава. Муабетење до бескрај. Не знам ни што толку сме имале да зборуваме секој божји ден, па никако да не ни се здосади?? Е, за тој факултет кога ме прашаа на интервју, прашањето беше до толку проѕирно што само наведуваше што сакаат да чујат. Дали сум била посветена на факултетот и на учењето? Е, види вака да ти кажам.. и почнувам да и кажувам за дружбите. Who answers like this?- си се прашувам сама себеси ама во себе додека и го давам одговорот што не сака да го чуе. Ама, ќе се лажеме ли, вака на стари години?? Мене, никаков друг одговор не ми паѓа на памет да изустам. А кога ќе ми речат „ Да ти кажам искрено..„ Чекај малку. Па, до сега не ми кажуваше искрено и ете сега наеднаш ти текна да почнеш искрено да кажеш? До скоро мислев дека лажењето е детска болест, која се „прележува„. Е, на интервјуто за кое ви кажувам ништо повеќе ниту помалку од вистината не излезе од мојата уста. Може си се закопав сама, ама ако да, ако е. Не жалам за вистината.
А вистината е дека од целата банда за дружење во бифе само јас ги положив сите испити од прва година, па друштвото мене ми се расипа. Од втора година бев во друг филм, со помали друштвенца, а веќе и бев во „врска„ па дружбите беа најчесто за двајца. <3

No comments:
Post a Comment