Thursday, April 4, 2024

во епизодата "Работа"

Од кога знам за себе, сакам да работам. Секогаш ми било толку многу возбудливо да се биде на работа. Можеби, уствари секое дете сака да работи, се додека не сфати како изгледа да се биде од 8 до 16 секој ден на таа "работа". Како мала се случуваше да отидам со мајка ми на работа и таму да ми дадат да работам. Ама стварно јас работев. Удирав печати на чекови кои веќе беа обработени. Кој знае дали вистински чекови добивав, ама јас бев многу посветена и серозно си ја сфаќав работата. Кога подпораснав и кога и легално можев да работам и да бивам плаќана за тоа ги замарав моите да ми дозволат да работам. Не ми дозволуваа. "Ќе работиш цел живот. Сега школото ти е најважно". Сепак им се исценкав на еден период да работам во телевизија. Ја обожавав работата во телевизија. Прво искуство во 3та година средно. Водев квиз и некогаш помагав во утринската програма. Па за беља се затвори телевизијата. Кога почнав на факутет истата реченица, со мала модификација "Сега факулетот е најважен", ама сепак и тогаш се исценкав да работам во една продукција која имаше две утрински програми. Работев во позадина- спремање прашања, наоѓање материјали, организација на гости. Се волонтерски, никогаш не ме платија за ништо, ама не ми сметаше тоа. Ми беше уживање, а за уживање се плаќа, не се бива плаќан. 

После факултет пак патот ме однесе до телевизијата. Мала беше и локална, ама јас работев со голем ентузијазам. Се дур не дојдов во Норвешка, бев во телевизија. 4 година средно економско и bachelor на економски, а сепак еден ден работен стаж како економист не бидна. Кога ја земав првата плата си помислив „ Не ми се верува дека ме плаќаат да го правам ова„. Ми беше уживање. Два пати во неделата утринска програма, секојдневно снимање на прилози за вести, емисија за коктели, водител на државно првенство за бармени и дел од водители на директен пренос за обид на рушење Гинисов рекорд. Многу спомени од сите овие дешавки. 


После некое време почнав да се фрустрирам што идеите не ми беа прифатени, што беше темпото споро и што се стана рутина. Ама не барав ново. Очигледно не ни бев некој капацитет и талент па да ме повлечат во поголема телевизија. :D Не знам...ама на сред сето ова се исселив од Македонија. После 3 и кусур години во телевизија, се спакував во една кутија и тргнав во правец на непознатото. Знаев дека ќе ми фали телевизијата. Долго време од Норвешка секој ден ми почнуваше со исчитување на сите вести на нет. Пуста професионална деформација. 

Инаку во првата година во Осло успеав да работам во една студентска online телевизија. Кога ја добив повторно камерата пред лице беше неописливо чувство на „Love, love, love" :) После станав престара за да бидам во студентска телевизија...ех живот, помлади не стануваме.. Од тогаш па до денеска, биднаа само уште неколку дадени видео интевјуа, неколку напишани и објавени текстови во норвешки весници и неколку објавени во македонски весници. Ми недостига да пишувам и да бидам дел од тој свет, па еве вака преку блог ги ја гаснам сопствената жед за пишување.


А, сега дур бевме на одмор, ми се јави една другарка, инаку бивша колешка од телевизија да ме праша дали имам време да и одговорам на неколку прашања на Viber. Во фаза на правење прилог за иселување па и одговара да има изјава и од една, ваква ко мене „отидена„. „Нема гајле„ и викам и пеперутки одма ми заигруваат во стомак. Таква е магијата на камерата, па дури и кога се снима преку Viber. :D 

******************************* 

И еве ме сега на некоја недела од уште едно пакување на кутија и првец кон непознатото. Минатиот пат во Скопје немав баш што да изгубам. Млада и надежна и без обврски. Сега малку поинаку стојат работите. Нит сум млада, а следствено на тоа не сум ни надежна, а имам и те кaко обврски и те какви трошоци. Ама благодарна сум што сум тука и што можам да си го дозволам луксузот да дадам отказ од работата која веќе не ме исполнува, а при тоа да немам никаков план што после. Кој знае каде ќе завршам. Ниту знам за што ме бива, ниту знам што сакам. Утвари знам што сакам, ама... 

*******************************
Со големата женска фатени за рака одиме да ја земеме малата женска од градинка. Патот ем тесен ем лизгав. „Пушти ми ја раката, ако паднам јас, ќе паднеш и ти„ и викам. „ Не, туку обратно„- ми возвраќа таа. „Ако ти паѓаш, јас ќе те задржам„. Колку многу мудри размислувања излегуваат од таа мала глава. Благослов е и среќа што имам кој да ме фати, ако почнам да паѓам.


No comments:

Post a Comment

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...