Sunday, January 2, 2022

во епизодата „Mother of two goes back to work"

После 8 месеци отсуство од работа доаѓа полека денот кога треба да го заменам менувањето пелени со менување програми на компјутер. Голем дел од трудничкото отсуство се чувствував толку бескорисно и ми фалеше да работам. Сега кога треба да се вратам на работа ме фаќа паника. Како ли ќе помине денот, а да не ја испобацувам најмалата на тие буцкасти обравчиња, да не го мирисам парфемот на бебе, спокој и љубов? Како ќе изгледа да не ја однесам големата во школо, па после да ја земам од школо и да слушнам што интересно се случувало тој ден. Абе и каканите пелени ќе ми фалат, а не па бескрајните насмевки и очиња што светкаат. Не сум спремна ама ич за новото секојдневие кое ми следи. Како можам воопшто да бидам спремна?! Никогаш претходно не сум била мајка на две деца што работи. Таман се навикнав да бидам мајка на две деца. Ова во комбинација со работа ми е скроз непознато. Ама ќе биде добро. Ќе им годи на сите да не бидам таа што контролира се и секого. Поради ова може и највеќе ми е тешко што се враќам на работа. Како ли ќе издржам да не биде се како што јас сум замислила- Татково го превзема штафетното стапче и лагано ќе си поседи 4 месеци дома со малечкото срце. Глупости..кај го има тоа татко да добива 1/3 од породилното отсуство?! Да се поврзел со бебето..абе норвешка работа.. 

Отварам еден безалкохолен Cider и го турам во најлетната чаша што постои дома. Зачинувам со три коцки мраз во облик на усни и се сместувам удобно крај прозор. Комбинација снова. Надвор вее снег и има густа магла, па само успевам да ги видам околните куќи и дрвја. Снегот се таложи полека, но сигурно на веќе убаво натрупаниот снег од пред некој ден. Некако не иде летниов Cider на вакво време, ама ќе бидам бунтовник.


Фрлам еден доооолг поглед во шкаф и премерувам сто пати каква комбинавија да направам за утрешното деби на работа. Телото е сеуште деформирано. Секоја бременост си остави свои траги и тоа не само во облик на стрии. Скоро и да нема препознатливост од тесниот струк, рамниот стомак и ковчестите раце од пред 7 години и 2 бремености. Ама не е дека нешто премногу му ја мислам. На бендис не одам, ниту пак ќе освојувам некој. Среќа имам по дома еден што ме свиѓа и во најлошите епизоди, па немам гајле. Ама за прв повратен ден на работа сакам да се скоцкам. Никој нема да ме види подоле од вратот де, зошто ова незмиско тело ќе помине точно 5 метри од кревет до канцеларија. Пак затворија.. делти, омикрони.. крај да се немало. Местам фустан за средно-дотерување и минимално накит. Штиклите ќе си останат на полица. До средно- дотераниот фустан ги ставам розевите топлинки донесени од Скопје. Lets roll!

Пред да си легнам едвај се сетив на еден многу битен момент. Аларм...понеделник до петок.. 07.00х.. ON! По-трудничкото  отсуство е и официјално завршено. Време е за нови предизвици, но и цели. Најважната цел е секако да бидам добра мајка на малечката и на големата женска.


Од дома на седење, до дома на работа,

Славица Савеска-Кењереш


No comments:

Post a Comment

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...