Tuesday, January 18, 2022

во епизодата „Пази што посакуваш„

Како дете имав ептен желба да ми фали нешто. Сакав да носам протеза на заби, наочари, а богами и гипс на рака/нога. Кога сега го размислувам малку подлабоко ваквото детско мислење, си викам, сигурно побудите биле малку посериозни од што на прва изгледаат. Сигурно сум сакала да сум поразлична од повеќето, сум сакала да се двојам и да имам само за мене карактеристична нишка што ќе ме направи препознатлива. За моја несреќа, цело детство го поминав без некои сериозни повреди. Се се сведуваше на гребаници и по некоја настинка. 

                                                                                    *******

Зимно време во основно одевмо многу на лизгалиште. Под Кале беше. Баш пред некоја година прашував дали уште постои. Не постоело одамна ми рекоа. А, јас па си имам мнооогу убави спомени од таму. Најчесто добивавме гратиси за влез, па само лизгалките требаше да се платат 100че. На полугодие, ако ти се сите 5ки во книшка, ги изнајмувавме лизгалките за 50че. Така во мое време се мотивираше младината да учи, со попуст за изнајмување лизгалки и подарок книга на крај на година. Немаше Iphone ниту Ipad како награда. Него да се вратам на муабетот за лизгалиште. Не бев нешто посебно добра на лизгалки. Прво ќе удрев неколку круга држејќи се на оградата, па после ќе се охрабрев да лизгам самостојно. Ептен беше филм. Силна музика во позадина и врворница од луѓе на лизгалки. Некогаш беше до толку полно што едвај да лизгавме, ама не беше проблем. За дружбата бевме отидени, не за лизгањето.

Кога се преселив во Норвешка и го увидов благодетот на бесплатни и отворени лизгалишта едно 4месеци во годината, ми се јави желбата пак да лизгам. Згора на тоа се наоѓаа и лизгалки  за ефтини цени, па се опремив со едни ко за уметничко лизгање и правец лизгалиште. Ама тука па да ти е срам да се држиш на оградата. 4-годишњаци лизгаа дааалеку постабилно од мене. После некое време станував се поопуштена и лизгав ок. Не добро, ама ок и тоа ми беше доволно добро достигнување. Ама се преселивме на друго место каде немаше лизгалиште во населба па ретко се одлучував наменски да одам до лизгалиште. Па се преселивме на трето место исто без лизгалиште во населба, па пак слабо од лизгањето. На крај кога се преселивме во сегашнава населба, лизгалиштето дојде на 10мин пешки, ама па трудна бев и пак ништо од лизгање  таа зима. Ама затоа зимава ја планирав за лизгање. За скијање ги планирам едно 6 зими по ред ама никако да се скија.

Ноември беше доста топол. Тек во средина на декември почна убаво да заладува и да се задржува снег и минуси, па почнаа да ги спремаат лизгалиштата. Ама ние теравме одмор на топли краеви, па дојдоа Нови години, родендени, Бадник, Божиќ и никако да да се организираме. Се до неделата. Тогаш се закренавме со големата да лизгаме. Отидовме рано и немаше буквално никој. Мераци. Застанувањето на лизгалки беше како и секогаш- возбуда измешана со страв.  Овој пат немам ограда да се држам. Мали лизнувања со стегнато тело, ама интересно е, убаво ми е што сум токму на лизгалиште со големата женска. Се смееме, се сликаме и снимаме, се глупираме, играме брканица и уживаме. И оп од нигде никаде, една нога се зализгува, другата го следи трендот на првата и веќе во следниот момент моето незмиско тело се молскавична брзина се движи во правец кон мразот, прво десната рака, па остатокот од телото, а помеѓу сето ова слушам едно "крц". Прво ми удира мајчинскиот инстинкт и почнувам да ја тешам големата дека сум ок и нека не е ништо страшно. Со левата рака ја гушкам, а зад грб пробувам да ја испитам функционалноста на седната. Ок ми изгледа, боли де, ама не премногу. Се спакувавме и отидовме дома. Со секоја измината минута болеше се повеке и ја движев се помалку. Ништо, ќе одам на дежурен. 

Одење на дежурен е авантура. Единствено што со сигурност се знае е дека ќе чекаш бар неколку саати. Искусните си доаѓаа со кеса банани и книги во рака. Јас едвај да ми текна вода да си земам. Прво чекав да ме прими рецепционерката, па чекав да ме викне докторката, па чекав пред ординација на докторката, па чекав на шалтер на ренген, па чекав пред ренген, па чекав после ренген, па чекав на шалтер за итни случаи, па чекав во чекална за итни случаи и на крај чекав пред ординација на лекар за итни случаи.



Секаде тивко и мирно. Изгледа на никој не му се брза. Ама мене ми се брза богами. Дома ме чека едно мало 8-месечно црвче на кое му требам. Ќе си седиш и ќе си чекаш, друго и онака не ти преостанува. После 5ч бев пуштена дома со врвка околу рака. Изгледа поминав најлесно што може, со домашно лекување, иако ренгенот покажа скршеница на лактот. 

                                                                                        *******

Наочари носам посеќе од 15години. Само за пред компјутер и кога гледам телевизија де, ама за овие две намени ми се неопходни. Читање нешто на далечина не бива..дури и луѓе по улица не ги познавам ако се на подалеку, ама наочарите се мнооогу ретко ставени кога сум надвор. Забиве плачат за протеза доооолги години, ама стара сум веќе да имам железа во уста. 

                                                                                       *******

Ееее.. која фраерка ќе бев врвкава да ја носев у основно. Ќе фрчеа потписи, ќе ме прашуваа што се десило, ќе бев популарна. Сега само сите ме жалат. А, и јас си се жалам по малце. 2 недели од кога се вратив на работа после трудничко. Имав планови конечно после скоро 2 години да работам во канцеларија. Немав никакви планови на боледување да идам.  Ама, ете тоа ми е кога не знам што посакувам... Арно што и технологијава дозволува функција преку која јас зборувам, а таа пишува, инаку ништо од текстов. Кој тоа таму горе се уште се сеќава на желбите на едно детиште по име Славица, која нема појма што уствари посакува?! Ако ги чуваат списоците со желби, љубезно ги замолувам да ги ревидираат. Други попрактични желби имаа оваа 35-годишна Славица...

Sunday, January 2, 2022

во епизодата „Mother of two goes back to work"

После 8 месеци отсуство од работа доаѓа полека денот кога треба да го заменам менувањето пелени со менување програми на компјутер. Голем дел од трудничкото отсуство се чувствував толку бескорисно и ми фалеше да работам. Сега кога треба да се вратам на работа ме фаќа паника. Како ли ќе помине денот, а да не ја испобацувам најмалата на тие буцкасти обравчиња, да не го мирисам парфемот на бебе, спокој и љубов? Како ќе изгледа да не ја однесам големата во школо, па после да ја земам од школо и да слушнам што интересно се случувало тој ден. Абе и каканите пелени ќе ми фалат, а не па бескрајните насмевки и очиња што светкаат. Не сум спремна ама ич за новото секојдневие кое ми следи. Како можам воопшто да бидам спремна?! Никогаш претходно не сум била мајка на две деца што работи. Таман се навикнав да бидам мајка на две деца. Ова во комбинација со работа ми е скроз непознато. Ама ќе биде добро. Ќе им годи на сите да не бидам таа што контролира се и секого. Поради ова може и највеќе ми е тешко што се враќам на работа. Како ли ќе издржам да не биде се како што јас сум замислила- Татково го превзема штафетното стапче и лагано ќе си поседи 4 месеци дома со малечкото срце. Глупости..кај го има тоа татко да добива 1/3 од породилното отсуство?! Да се поврзел со бебето..абе норвешка работа.. 

Отварам еден безалкохолен Cider и го турам во најлетната чаша што постои дома. Зачинувам со три коцки мраз во облик на усни и се сместувам удобно крај прозор. Комбинација снова. Надвор вее снег и има густа магла, па само успевам да ги видам околните куќи и дрвја. Снегот се таложи полека, но сигурно на веќе убаво натрупаниот снег од пред некој ден. Некако не иде летниов Cider на вакво време, ама ќе бидам бунтовник.


Фрлам еден доооолг поглед во шкаф и премерувам сто пати каква комбинавија да направам за утрешното деби на работа. Телото е сеуште деформирано. Секоја бременост си остави свои траги и тоа не само во облик на стрии. Скоро и да нема препознатливост од тесниот струк, рамниот стомак и ковчестите раце од пред 7 години и 2 бремености. Ама не е дека нешто премногу му ја мислам. На бендис не одам, ниту пак ќе освојувам некој. Среќа имам по дома еден што ме свиѓа и во најлошите епизоди, па немам гајле. Ама за прв повратен ден на работа сакам да се скоцкам. Никој нема да ме види подоле од вратот де, зошто ова незмиско тело ќе помине точно 5 метри од кревет до канцеларија. Пак затворија.. делти, омикрони.. крај да се немало. Местам фустан за средно-дотерување и минимално накит. Штиклите ќе си останат на полица. До средно- дотераниот фустан ги ставам розевите топлинки донесени од Скопје. Lets roll!

Пред да си легнам едвај се сетив на еден многу битен момент. Аларм...понеделник до петок.. 07.00х.. ON! По-трудничкото  отсуство е и официјално завршено. Време е за нови предизвици, но и цели. Најважната цел е секако да бидам добра мајка на малечката и на големата женска.


Од дома на седење, до дома на работа,

Славица Савеска-Кењереш


во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...