Sunday, August 14, 2022

во епизодата „маки за една мајка„

Поминаа цели 15месеци и 5 дена од денот кога за прв пат ја видов малава женска, а таа еве ја веќе ми бега за во градинка. Ех...кога ќе речеа порано дека времето брзо поминува, не сум сфаќала баш што кажуваат, ама сега и те како разбирам. Како низ сон поминаа овие 15 месеци откако станав мајка по втор пат. Се уште ми е многу нереално и се уште не можам да сфатам дека јас, мислам јас, имам две деца. 

За градинка мора да се аплицира многу месеци однапред. После чекаш повратен одговор. Си бираш градинки за кои аплицираш, ама немаш појма која ќе ти се падне. Може да е најблиската, а може и да е на 3км. После 4месеци добив маил...срцево почна забрзано да чука. Понуда за градинка...ох...Солзи ми ги наполнија очите, а јас па за беља на работа....нема трепкање, зошто ќе се стркалаат по образи.. Дојдов дома и си се изнаплакав. Ова со плачењето не ми е ново. Може уште ме маваат хормони. Си плачев и кога почнував на работа после породилно, ама сега па некако ептен ме погоди. 



Мора да признаам дека ептен внимателно прилагодување добивам. Кога завршив на породилно, почна таткото, па од него добивав и слики и видеа, а и детален извештај каков бил денот. Па кога тој заврши бев јас малце на одмор. После дојдоа баби и дедо да ја чуваат најмалата и да ја тинтраат големата. Па дојде лето и татко кој има исто толку долг летен распуст како секој учител. Во сите овие ситуации кога јас не бев присутна знаев што се случило со секоја од нив во целиот тек на денот. Ама готово, доаѓа крај на ваквиот начин на следење на деновите на моите женски. Од утре градинка за едната, школо за другата. Нема слики од секој дел од денот, а нема богами ни извештај за тоа како поминал денот. Се ќе се сведува на кратки информации во брзање, на излез од градинка и школо.. тешко мене..


***********************


„Мамо, ме боли кога ме чешлаш. Мразам да ме чешлаш„. ми се жали големава, а мене почнува да ми врие во телото. Од вечерта е спремно јадење за оелмата и шишиња за вода за двете. Облеката исто наместена во предел за само да се земе и да се облече. Брзаници со облекување на малата додека ја молам големата сама да се облече. Фрки! „Аман бе, мразам ова, мрзам она. Има ли нешто што сакаш? „ ја прашувам. „Има. Тебе!- ми одговара „. Мајакава топење....


Славица Савеска- Кењереш

Мајка на М и М 

Monday, February 21, 2022

...во епизодата "Канцеларија"

Дојде и тој ден. Норвешка пак ја подотворија и на службениот маил стигна известување дека раководителите сакаат вработените полека да се враќаат во канцеларија. Не секој ден де, ама по некој ден во неделата. 

Од една страна некои пеперутки во стомак ми заигруваат..некоја чудна возбуда, како кога ќе одиш назад на старо и драго место, ама сепак не знаеш што ќе сретнеш зошто поминало многу време од последната средба. Оваа мојава последна средба беше пред скоро две години. Добро де, имав по неколку пати отидено до канцеларија, ама со оглед на тоа што можат тие посети да се бројат на прсти, не ги ни рачунам дека се случиле. Назад во канцеларија после две години...it is beginning of a new era. Кога малку повеќе размислив што значи ова, ме фати паника измешана со жал и некое безвезно чувство на лоша мајка. Ќе морам да го оставам 9-месечното црвче цел ден. Имам чувство на вина што не избледува. Нејсе, се концентрирам на практичните работи. Вечерта си спремам доручек overnight oats, па вадам фустан за облекување, местам накит и обезбедувам доволно млеко за малава женска. После ја местам ташната: еден пар слушалки, книга, чадор, маска. Утрото станувам екстра рано.. некако не сум уходана со работите, не знам колку ќе ми треба да се спремам... Во метрото ме среќава гужва, ама сепак има место за седнување и тоа без никој да е до тебе. Така се мери во денешно време гужвата. Порано беше гужва ако немаш кај да стоиш. Сега е гужва кога има луѓе што седат спроти тебе. Нови времиња и клаустрофобични и оттуѓени ние.. 

Влегувањето во канцеларија го доживувам како едно нерелано видео вратено од минатото. Се е исто, а сепак е толку различно. Канцеларијата е сменета, преградена и доградена. Масите се различно распоредени, а сепак воздухот исто мириса. Како дома да сум си, ако во домава не сум била скоро 2 години. Дур дојде време за ручек, јас бев вратена до толку назад во канцеларија што се чувствував како да никогаш од дома да не сум ни работела. Мноогу чудно, и толку релаксирачки ослободувачко чувство на припадност. 

После четири дена јавува владата целосно отварање на земјата. Нема веќе засилено тестирање, нема задолжително носење на маски, дури и изолацијата по позитивен тест ја направија изборна. Вечерта на спремање за работа додавам еден битен детаљ во ташна- најцрвениот кармин што постои! Да дречи кога веќе можеме слободно да се смееме! Штракнувам и една слика утрото. Да си го забележам денот де, ќе биде интересно за некоја година да си се присетам што сум правела, а богами и како сум изгледала.

Белите влакна не станаа помалку од прошлиот пат. Си викам, може кога ќе потпораснат, ќе можам полесно да ги кријам низ коса. Вака штрчат ко радознали комшии на тераса. Може веќе треба да воведувам фарбање на коса, ама овој пат не за зафрканција и за стил, туку за потреба. Ете и за роденденот, кога полнев 35 години, ми подарија крема против брчки. Тоа  се тие години, кога полека, а сепак видно почнуваме физички да пропаѓаме. Ако, за арно да е. Стареењето не е забавно, ама спротивната опција, не ми е опција. 

А, во метро не има секакви наутро. Некои со морка коса, некои неисчешлани, а некои со гел и восок. Една мижи и медитира, или спие или појма немам што прави. Друг (сигурно е наш човек, го познавам по фаца), ко мене си доручкува. Една ги помина 3 вагони дур да и се погоди местото за седнување. Еден седи дисциплинирано со прекрстени нозе, а една залегнала на седиштето ко у дневна да си е. Јас се наместувам удобно и си вадам книга за читање.

Проаѓам неколку страни и погледот ми зашетува низ вагонот. Најчесто се сите зазјапани во телефоните, ама овој пат пријатна глетка ми мами насмевка на лице. Тројца од најблиските патници се се книги во рака. Секогаш ме интересирало што читаат. Не ретко сум се загледувала за бар насловот да го ѕирнам. Овој пат не успевам ни збор да претпоставам. Ех, да си ги носев наочарите може нешто и ќе уловев. Баш убаво ми доаѓа на душата. Се чувстувам како припадник на некое вниматено одбрано и тајно друштво. Ја подзакривам насловната страна на мојата книга и се надевам дека розевата основа нема да поттикне некој да се загледа и да го види насловот. Зошто насловот на книгата е, ни помалку ни повеќе туку "Остави ја мама да к..а на раат". Such a bummer!


Од дома до канцеларија,

Славица Савеска-Кењереш

Tuesday, January 18, 2022

во епизодата „Пази што посакуваш„

Како дете имав ептен желба да ми фали нешто. Сакав да носам протеза на заби, наочари, а богами и гипс на рака/нога. Кога сега го размислувам малку подлабоко ваквото детско мислење, си викам, сигурно побудите биле малку посериозни од што на прва изгледаат. Сигурно сум сакала да сум поразлична од повеќето, сум сакала да се двојам и да имам само за мене карактеристична нишка што ќе ме направи препознатлива. За моја несреќа, цело детство го поминав без некои сериозни повреди. Се се сведуваше на гребаници и по некоја настинка. 

                                                                                    *******

Зимно време во основно одевмо многу на лизгалиште. Под Кале беше. Баш пред некоја година прашував дали уште постои. Не постоело одамна ми рекоа. А, јас па си имам мнооогу убави спомени од таму. Најчесто добивавме гратиси за влез, па само лизгалките требаше да се платат 100че. На полугодие, ако ти се сите 5ки во книшка, ги изнајмувавме лизгалките за 50че. Така во мое време се мотивираше младината да учи, со попуст за изнајмување лизгалки и подарок книга на крај на година. Немаше Iphone ниту Ipad како награда. Него да се вратам на муабетот за лизгалиште. Не бев нешто посебно добра на лизгалки. Прво ќе удрев неколку круга држејќи се на оградата, па после ќе се охрабрев да лизгам самостојно. Ептен беше филм. Силна музика во позадина и врворница од луѓе на лизгалки. Некогаш беше до толку полно што едвај да лизгавме, ама не беше проблем. За дружбата бевме отидени, не за лизгањето.

Кога се преселив во Норвешка и го увидов благодетот на бесплатни и отворени лизгалишта едно 4месеци во годината, ми се јави желбата пак да лизгам. Згора на тоа се наоѓаа и лизгалки  за ефтини цени, па се опремив со едни ко за уметничко лизгање и правец лизгалиште. Ама тука па да ти е срам да се држиш на оградата. 4-годишњаци лизгаа дааалеку постабилно од мене. После некое време станував се поопуштена и лизгав ок. Не добро, ама ок и тоа ми беше доволно добро достигнување. Ама се преселивме на друго место каде немаше лизгалиште во населба па ретко се одлучував наменски да одам до лизгалиште. Па се преселивме на трето место исто без лизгалиште во населба, па пак слабо од лизгањето. На крај кога се преселивме во сегашнава населба, лизгалиштето дојде на 10мин пешки, ама па трудна бев и пак ништо од лизгање  таа зима. Ама затоа зимава ја планирав за лизгање. За скијање ги планирам едно 6 зими по ред ама никако да се скија.

Ноември беше доста топол. Тек во средина на декември почна убаво да заладува и да се задржува снег и минуси, па почнаа да ги спремаат лизгалиштата. Ама ние теравме одмор на топли краеви, па дојдоа Нови години, родендени, Бадник, Божиќ и никако да да се организираме. Се до неделата. Тогаш се закренавме со големата да лизгаме. Отидовме рано и немаше буквално никој. Мераци. Застанувањето на лизгалки беше како и секогаш- возбуда измешана со страв.  Овој пат немам ограда да се држам. Мали лизнувања со стегнато тело, ама интересно е, убаво ми е што сум токму на лизгалиште со големата женска. Се смееме, се сликаме и снимаме, се глупираме, играме брканица и уживаме. И оп од нигде никаде, една нога се зализгува, другата го следи трендот на првата и веќе во следниот момент моето незмиско тело се молскавична брзина се движи во правец кон мразот, прво десната рака, па остатокот од телото, а помеѓу сето ова слушам едно "крц". Прво ми удира мајчинскиот инстинкт и почнувам да ја тешам големата дека сум ок и нека не е ништо страшно. Со левата рака ја гушкам, а зад грб пробувам да ја испитам функционалноста на седната. Ок ми изгледа, боли де, ама не премногу. Се спакувавме и отидовме дома. Со секоја измината минута болеше се повеке и ја движев се помалку. Ништо, ќе одам на дежурен. 

Одење на дежурен е авантура. Единствено што со сигурност се знае е дека ќе чекаш бар неколку саати. Искусните си доаѓаа со кеса банани и книги во рака. Јас едвај да ми текна вода да си земам. Прво чекав да ме прими рецепционерката, па чекав да ме викне докторката, па чекав пред ординација на докторката, па чекав на шалтер на ренген, па чекав пред ренген, па чекав после ренген, па чекав на шалтер за итни случаи, па чекав во чекална за итни случаи и на крај чекав пред ординација на лекар за итни случаи.



Секаде тивко и мирно. Изгледа на никој не му се брза. Ама мене ми се брза богами. Дома ме чека едно мало 8-месечно црвче на кое му требам. Ќе си седиш и ќе си чекаш, друго и онака не ти преостанува. После 5ч бев пуштена дома со врвка околу рака. Изгледа поминав најлесно што може, со домашно лекување, иако ренгенот покажа скршеница на лактот. 

                                                                                        *******

Наочари носам посеќе од 15години. Само за пред компјутер и кога гледам телевизија де, ама за овие две намени ми се неопходни. Читање нешто на далечина не бива..дури и луѓе по улица не ги познавам ако се на подалеку, ама наочарите се мнооогу ретко ставени кога сум надвор. Забиве плачат за протеза доооолги години, ама стара сум веќе да имам железа во уста. 

                                                                                       *******

Ееее.. која фраерка ќе бев врвкава да ја носев у основно. Ќе фрчеа потписи, ќе ме прашуваа што се десило, ќе бев популарна. Сега само сите ме жалат. А, и јас си се жалам по малце. 2 недели од кога се вратив на работа после трудничко. Имав планови конечно после скоро 2 години да работам во канцеларија. Немав никакви планови на боледување да идам.  Ама, ете тоа ми е кога не знам што посакувам... Арно што и технологијава дозволува функција преку која јас зборувам, а таа пишува, инаку ништо од текстов. Кој тоа таму горе се уште се сеќава на желбите на едно детиште по име Славица, која нема појма што уствари посакува?! Ако ги чуваат списоците со желби, љубезно ги замолувам да ги ревидираат. Други попрактични желби имаа оваа 35-годишна Славица...

Sunday, January 2, 2022

во епизодата „Mother of two goes back to work"

После 8 месеци отсуство од работа доаѓа полека денот кога треба да го заменам менувањето пелени со менување програми на компјутер. Голем дел од трудничкото отсуство се чувствував толку бескорисно и ми фалеше да работам. Сега кога треба да се вратам на работа ме фаќа паника. Како ли ќе помине денот, а да не ја испобацувам најмалата на тие буцкасти обравчиња, да не го мирисам парфемот на бебе, спокој и љубов? Како ќе изгледа да не ја однесам големата во школо, па после да ја земам од школо и да слушнам што интересно се случувало тој ден. Абе и каканите пелени ќе ми фалат, а не па бескрајните насмевки и очиња што светкаат. Не сум спремна ама ич за новото секојдневие кое ми следи. Како можам воопшто да бидам спремна?! Никогаш претходно не сум била мајка на две деца што работи. Таман се навикнав да бидам мајка на две деца. Ова во комбинација со работа ми е скроз непознато. Ама ќе биде добро. Ќе им годи на сите да не бидам таа што контролира се и секого. Поради ова може и највеќе ми е тешко што се враќам на работа. Како ли ќе издржам да не биде се како што јас сум замислила- Татково го превзема штафетното стапче и лагано ќе си поседи 4 месеци дома со малечкото срце. Глупости..кај го има тоа татко да добива 1/3 од породилното отсуство?! Да се поврзел со бебето..абе норвешка работа.. 

Отварам еден безалкохолен Cider и го турам во најлетната чаша што постои дома. Зачинувам со три коцки мраз во облик на усни и се сместувам удобно крај прозор. Комбинација снова. Надвор вее снег и има густа магла, па само успевам да ги видам околните куќи и дрвја. Снегот се таложи полека, но сигурно на веќе убаво натрупаниот снег од пред некој ден. Некако не иде летниов Cider на вакво време, ама ќе бидам бунтовник.


Фрлам еден доооолг поглед во шкаф и премерувам сто пати каква комбинавија да направам за утрешното деби на работа. Телото е сеуште деформирано. Секоја бременост си остави свои траги и тоа не само во облик на стрии. Скоро и да нема препознатливост од тесниот струк, рамниот стомак и ковчестите раце од пред 7 години и 2 бремености. Ама не е дека нешто премногу му ја мислам. На бендис не одам, ниту пак ќе освојувам некој. Среќа имам по дома еден што ме свиѓа и во најлошите епизоди, па немам гајле. Ама за прв повратен ден на работа сакам да се скоцкам. Никој нема да ме види подоле од вратот де, зошто ова незмиско тело ќе помине точно 5 метри од кревет до канцеларија. Пак затворија.. делти, омикрони.. крај да се немало. Местам фустан за средно-дотерување и минимално накит. Штиклите ќе си останат на полица. До средно- дотераниот фустан ги ставам розевите топлинки донесени од Скопје. Lets roll!

Пред да си легнам едвај се сетив на еден многу битен момент. Аларм...понеделник до петок.. 07.00х.. ON! По-трудничкото  отсуство е и официјално завршено. Време е за нови предизвици, но и цели. Најважната цел е секако да бидам добра мајка на малечката и на големата женска.


Од дома на седење, до дома на работа,

Славица Савеска-Кењереш


во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...