Friday, November 4, 2016
Мирисот на дома
Утро, ран ноевмри, но сепак -2 степени и полузамрзнати лисја низ паркот. Се симнувам од трамвај и наеднаш ме удира еден бран ладен воздух со мирис на дома. Мириса на мојата прва дома на денот кога татко ми слави именден. Оној прв бран на мирис на темјан што се шири низ собата додека попот пее над лепчето украсено со крст и топчиња што формираат цветови. Назад сум баш во тој момент...20 години назад во времето..само ние петторица собрани околу трпезариската маса покриена со свежо испеглан бел чаршав и шише црно Тиквечко одзгора. Некој чуден мир владее во тој момент. Некое чувство на спокој се населува во душата. Тишина, па продорен глас на попот.. длабок баритон. На крајот татко ми ги набројува сите во фамилијата. Мајка ми му суфлира од страна кој е следен по ред. Прво се кажува себеси како најстар, а на крај доаѓам јас- најмалата. А, редот расте ли расте низ годините. Тогаш петтмина, сега токму 15. Но, 15 во ред и во мисла. Сега тие таму, ние ваму...нецелосно друштво покрај трпезариската маса. Живот..
Saturday, September 17, 2016
... во епизодaта "Каде припаѓа срцето?"

Дедо ми беше болен подолго време. Неколку инфаркта, па плус на тоа и еден бубрег кој подолго не функционирал и уште еден кој полека ја откажуваше својата послушност. А, беше карпа од човек. Висок, голем, убав..многу убав. Едни очи, плави, длабоки и проѕирни, чиниш сите морски ширини се собрале на едно место и се споиле со небото. Баба ми на неколку пати ми имаше спомнато како не знае зошто неа ја одбрал- ниска и слаба, згора на тоа и сираче. Ама љубов било, сигурно било љубов.
Родум од едно кичевско село, но уште како дете преселен во Скопје. Пекар, како и татко му, мојот прадедо. Се сеќавам на сите сомуни печени во селската фурна која татко ми ја заѕида. Сомун за доручек и ручек и вечера, намачкан со сало и наросен со црвен пипер. Се топи во уста. За десерт пак поросен со вода и шеќер. Убавини.
Родум од едно кичевско село, но уште како дете преселен во Скопје. Пекар, како и татко му, мојот прадедо. Се сеќавам на сите сомуни печени во селската фурна која татко ми ја заѕида. Сомун за доручек и ручек и вечера, намачкан со сало и наросен со црвен пипер. Се топи во уста. За десерт пак поросен со вода и шеќер. Убавини.
******
Јас во село ги поминував сите летни распусти. Како мала со баба и дедо, и мама и тато и со сестрите, после со средната сестра и со братучедките. Кога ќе стигневме во село, се прочуваше брзо и ефикасно дека дошле "скопјанките". Главно беше војна меѓу Скопје, Кичево и Битола. На тие три страни заминале сите кои биле родени и израснати таму. Припаѓавме и бевме одредени според градот каде живеевме. Ех, тешко ли му е на човек да најде р'чка ? И кај што ја нема ќе ја измисли, само да има некоја поделба, да се натпреваруваме кој е попаметен, кој е подобар, кој- што има. Во село бевме сите ние или скопјани или кичевчани или битолчани и борбата за превласт над другите никогаш не излегуваше од мода.
А, вчера после работа ја земав мојата најмила од градинка и полека, нога пред нога си се шетаме со ранчето и преполната ќеса алишта за перење. Викенд за тоа е. Комшијата не пресретнува со кошница со неколку јаболка. "Не знам колку се благи"- ми вели додека ми подава едно големо зелено јаболко, "ама, сигурно се вкусни. Еколошки", додава. "Баш ви фала"- му одговарам. " Таа, многу сака јаболка"- велам јас додека и го тутнувам оргомното зелено јаболко во малечкото меко раченце. Мојата најмила се насмевнува срамежливо и ја скрива главата зад мојата нога. "Вие од Хрватска бевте нели?"- ме прашува. "Не, од Македонија сме ние."- кратко му одговарам. "Сум поминал еднаш таму. Бевме со кола низ цела Југославија"- ми кажува со чуден акцент. Французин е тој, па исто ко и на мене, ни се простува за сите граматички грешки и погрешна интонација во говорењето норвешки. А, кој знае, можеби живее тука поголемиот дел од својот живот, ама ете мене ми е французин, така?! Тој може норвежанец си се смета!
Пред неколку дена, пак на работа разговаравме за различностите и сите можни националности кои се среќаваат во Норвешка. Еден колега вели "Кога ќе отидам во Пакистан ми велат - Ти си од Норвешка. Тука пак ми велат- Ти си од Пакистан. Тешко е да се одлучи од каде сум". Како тоа човек да разграничи од каде е. Каде што сме родени, од таму ли сме? Или таму од каде што ни се родителите? Што е со нас, кои живеат во друга земја? Од каде сме ние и каде припаѓаме? Се дели ли срцето на две- едната половина останува во родната земја, а другата ја носиме со нас во другата земја?! Како ние да го најдеме местото каде припаѓаме кога каде и да одиме ќе бидеме секогаш полустранци? Што е мојата најмила? Како таа ќе се чувствува и ќе знае ли каде припаѓа? Македонка родена и израсната во Норвешка или норвежанка со македонско потекло? Што таа ќе биде?
******
Во последните денови од неговиот живот му кажал на татко ми каде сака да му биде вечниот дом- таму, во село, кај што му се корените, токму под сливчето.. за сенка да му држи. Нему срцето таму му припаѓаше.
Славица од Савевци
Славица од Савевци
Thursday, September 8, 2016
... во епизодата “Панталоните од шефицата”
Во средно бев онаа која
секогаш имаше кредит на мобилен. Беше невозможно јас да останам без кредит, па
често ми се гребеа оние на кои родителите им ставаа секој месец кредит, а тие
успеваа да го потрошат уште пред да го стават. За мобилниот штедев не знам
колку време. Точно 5.300денари, Motorola T190, тегет со сиво и со антена богами,
а и копчиња кои се стискаа сите наеднаш со еден палец. Го купив од Мобимак во
ГТЦ. Кога го земав ниту јас, ниту сестра ми не знаевме како да свртиме број.
Нејсе, после научив. До скоро го памтев и бројот иако не го користам скоро
10години. Мобилниот сама си го купив и под тоа го подразбирав за нормален
фактот што и кредит ќе треба сама да си ставам. Секој 3ти месец си ставав
500че. Имав и стратегија за штедење, за кога ќе изминува и третиот месец да
имам 500че за да си купам кредит. 500 денари, за 3 месеци, значи 12 недели,
значи 40денари неделно одеа во посебно плико со имe “Штедња за кредит за мобилен”.
Од секогаш сум била по штедењето. Уште како мала имав новчаник, преубав,
лакиран и црвен, во кој штедев. Се собираа само 10ки од оние со Македониум и
Крушево. После некое време се правеше цело купче, па број-број по цели денови.
Не ги користев, само ги штедев, во тоа беше убавината. Сестра ми еднаш ми ги
укрупни во 100ка, а јас се утепав од плачење зашто претходно имав 10 банкноти,
а после само една. :) Како изминуваше времето
штедев за покрупни работи. За фотоапарат, за одмор...но пак штедев. Цел живот
штедев и штедам, а кога се преселив во Норвешка дојдов со цели 500 евра, штедња
за 26години и 2,5 години платена работа. Success...noooot..
Кога за прв пат отидов во продавница во Осло се шлогирав. Кога седнав на
првото кафе во кафич пак, ми одеше да си плачам. Чисто од радозналост отидовме
со, во тоа време незапечатената и непотпишаната љубов, да прашаме за кредит за
стан во банка. Кога му ја кажавме ситуацијата на службеникот тој ни рече- “Знаете,
не можам да ви кажам конкретни бројки за висина на кредит, каматна стапка и рок
на отплата, се додека двајцата немате решенија за работа. Сепак, доколку сакате
дојдете повторно утре, па ќе ви изработам план за штедење”. Се погледнуваме ние
двајца зачудени. План за штедење?? План за штедење??? Тој на мене ќе ми кажува
како се штеди. Bitch please. Иако си постар од мене едно 15години, кога јас
почнав со првата штедња ти уште си одел на одмор со мама и тато. Па, во средно успевав со 100денари да jадам цела недела у школо и викендот да идам у Hard rock. Ти на мене за штедење???
Осло иако е еден од најскапите градови во светот, сепак има многубројни
начини да се купат работи за ефтино, скоро за без пари. Таквите како мене,
шпараџии, ги обожаваат таканаречените loppemarked. Тое е нешто како garage
sale, но се случува во основните школи за викенди и таму може да се најде од пиле
млеко. Се што на некого не му се допаѓало и не му требало го донира во
училиштата, а тие тоа го продаваат за десетици пати поефтина цена, а со парите
купуваат инструменти за школскиот оркестар, реновираат двор или пак ги носат
спортистите на турнир. Loppemarked е мојата Мека и Медина. :) Таму наоѓам се што ми
треба, а дури и се што не ми треба, а морам да го имам. Се врќам со купишта
дрангулии за кои добивам прекорни погледи по дома. А норвежаните таму купуваат со
Икеа вреќи. Облека за децата, облека за себе, мебел, спортска опрема, тањири,чаши..сешто.
Јас таму само за мојата најмила не купувам. Таа има и онака 4 братучеди и 2
братучетки од кои наследува тони облека и сите потребни реквизити.
А, пред некој ден ми вика шефицата- “Донесов две полни ќеси облека која ми е мала и ќе ја давам на Fretex (фирма за рециклирање која патем има и продавници за second hand облека и се за по дома, а заработените средсва одат во добротворни цели). Ако нешто ти се свиѓа, слободно земи.” Реков ок, иако немав намера ни да ѕирнам во ќесите. Па како, срамота е, си реков. После неколку саати гледам како едната колешка преместува купче облека од ќесата во својата канцеларија. Час подоцна ме довикува друга колешка и ми го кажува муабетот за облеката кој утрото ми го кажа шефицата. Три колешки се собрале над ќесите полни облека и буричкаат, гледаат, се мерат и премеруваат и си ги местат на страна парчињата кои им се допаѓаат. “Јас земав неколку блузи и суќња за ќерката”- ми кажува едната. “Овие супер ќе ми се за на викендица”- додава другата и ги сместува шорцевите на шефицата во својата канцеларија.
А, пред некој ден ми вика шефицата- “Донесов две полни ќеси облека која ми е мала и ќе ја давам на Fretex (фирма за рециклирање која патем има и продавници за second hand облека и се за по дома, а заработените средсва одат во добротворни цели). Ако нешто ти се свиѓа, слободно земи.” Реков ок, иако немав намера ни да ѕирнам во ќесите. Па како, срамота е, си реков. После неколку саати гледам како едната колешка преместува купче облека од ќесата во својата канцеларија. Час подоцна ме довикува друга колешка и ми го кажува муабетот за облеката кој утрото ми го кажа шефицата. Три колешки се собрале над ќесите полни облека и буричкаат, гледаат, се мерат и премеруваат и си ги местат на страна парчињата кои им се допаѓаат. “Јас земав неколку блузи и суќња за ќерката”- ми кажува едната. “Овие супер ќе ми се за на викендица”- додава другата и ги сместува шорцевите на шефицата во својата канцеларија.
И не е дека се
сиромашни и немаат пари. Имаат тие пари да ме купат и мене и тебе сосе цели
фамилии и се што поседуваме. Секоја од нив поседува ако ништо друго куќа вредна
најмалку 300.000евра. Секоја од нив зработува месечно по најмалце 3000евра. А,
една таква блуза може да се купи и за 10евра. Но сепак си земаат од понудената
облека. Го сметаат тоа за природно. Не го сметаат за навреда гестот на шефицата
која нуди носена облека. Најмалку од се се сметат за цигани што ќе ја земат и
носат. И не, не се скржави. Знам дека на тоа помислуваат повеќето што го читаат
ова. Па, нели и ние имавме изрека “Кој штеди-има”. Како и кога станавме
граѓани од висок ред па само за расфрлање на пари кои ги немаме се зборува и се
мисли. Што би рекол Ванчо Петрушевски во една македонска народна приказна-“ Арчи
пари незаработени, неспечалени.”
Си велам, па кога тие можат зошто не и јас. Неколку норвешки брендови, H&M,
ама и Ralf Lauren се провлекува низ марките. Фустани и блузи речиси необлечени.
Скоро нови. Панталони сосе етикета сместувам во ќеса и ќе си ги носам дома. Ќе ги исперам и ќе ги
носам на себе. А, кога ќе раскажам во
Скопје дека сум земала носена облека од шефицата ќе ми се поднасмеат со
зачудување. Оние другите пак, кремот кој носи само марка, ќе си рече “Брееееј
оваа отиде во Норвешка за облека на старо да носи”. А јас само ќе си се насмевнам и нема
да речам ништо. Зошто како што ми вика еден по дома- Ако самите не разбираат,
не можеш да им објасниш.
Славица Савеска-Кењереш, во ленените панталони од шефицата
Friday, April 1, 2016
... во епизодата “ЧОВЕК и човек”
Тешко е човек да се дистанцира и да ги согледа работите онакви какви што се. Уште потешко е да видиш дека си грешел и да ја исправиш грешката или пак да не ја повториш. Муабетот често е во насока дека не ги правиме грешките еднаш, туку пет-шест пати, чисто да се увериме дека се грешки.
Велат пријателитеси ги бираме сами, а роднините ни се дадени. Демек, какви се- такви се, овие вторите-роднините, твои си се и ќе ги сакаш. Ајде бе, од кај па сега тоа?! И по која логика уствари? Не прифаќам! Добро де, од пред неколку години не прифаќам.Тогаш кога се преселив доволно далеку за да сфатам кој- каков е. Тогаш кога сфатив дека не се што е мое треба да се брани.
Кога ги започнавме првите подготовки за свадбата муабетот меѓу нас двајца беше- Не сакаме голема свадба. На крајот кога се пребројаа сите први, втори, трети братучеди, пријатели, комшии, колеги и слично стигнавме до 200 гости. Е, да де, не е ни тоа некоја голема свадба кај нас. Онака е, нормална свадба. :D Кога на норвежани им кажувам колку гости сме имале на свадба, паѓаат во несвест. Кај нив е нормална свадба од 30 луѓе, не од 200. Него друг ми беше всушност муабетот дека уште од тогаш имав луѓе кои не заслужуваа да бидат дел од нашиот ден ама ете беа. За атер на едни или други луѓе. Нејсе..
3 месеци пред да ја добијам мојата најмила, отидов во Скопје за да се пофалам со стомакот. Додека ручавме, ѕвони телефонот, кревем и од другата страна еден женски глас- “Па, кај си ти да се јавиш? Ти треба да се јавиш, ние ти требаме повеќе тебе отколку ти на нас?!”. Слушам и не им верувам на ушиве. “Молам?!”- прашалници се вртат околу мене ко на цртан филм. Да не не слушнав ко што треба?! Како одговор ја добивам потполно истата реченица. “Ние ти требаме тебе, повеќе отколку ти на нас”. Неколку секунди молк и сфаќам дека ни ни заслужува да се карам со неа. “Убаво е да се знае тоа”-одговарам. Завршува муабетот.
Кога дојде моментот да правиме прв роденден на мојата најмила, пак дојде до двобој помеѓу две групи. Број се, преброј се, пак многу луѓе- 50 возрасни, плус уште 20 деца во групата луѓе кои треба да ги викнеме. Во превод две и пол норвешки свадби. Втората група на оние кои сакаме да ги викнаме е значително помала од првата. Сестра ми ми вика- “Прв роденден е, сите сакаат да ја видат”. “Батали ги тие муабети”- оштро и враќам. “Тие што сакаа да ја видат ја видоа летоска кога бев во Скопје 20 дена”. Мисли, премислувај се и пак ете надвладеа малограѓанската јас и одлучивме да ги викнеме сите кои треба да ги викнеме. Овој пат за ничиј атер, туку ради што така треба. Крајниот исход- дојдоа сите кои сакавме да ги викнаме, со исклучок на неколку болни, па поради тоа и оправдано отсутни драги луѓе. Грешка направена по втор пат, или можеби трет...ма, кој брои веќе.
Затоа има човек и ЧОВЕК. Затоа има луѓе и ЛУЃЕ. Едни кои не најдоа за згодно да ја запознаат мојата најмила на мои две одења во Скопје. И едни други кои пратија поздрав и подарок две недели по нејзиното раѓање и од кои добивам порака на фејс- “Ставете некоја слика да ве видиме” и “Одвај чекаме да пратете некоја снимка”. Епа затоа едните се само роднини, а другите и ги сакам.
Friday, March 25, 2016
... во епизодата “Омразената боранија”
Од кога знам за себе не сакам боранија. Абе ете просто и едноставно не ми се допаѓа вкусот на тоа зелено стапче. Толку имам да објаснам. Мајка ми вика дека додека она ме ранела се сум јадела. Ама ете, кога сум почнала да знам за себе сум престанала да јадам некои работи, меѓу кои и боранија.
Маж ми пак си сакал и си сака боранија. Кај него не дошла таа фаза на несакање или нејадење храна. Кај него важи правилото- “Тоа што ќе биде ставено во тањир, мора да се изеде.” Точка! Во тоа сме толку спротивни. Јас пак вешто ги избегнував сите манџи за ручек, со што после работа ќе отидев на кафе, во теретана, низ град... каде и да е, само да се потрошат неколку саати екстра и кога ќе се вратам дома да не е веќе ручек и да може да се јадат пржени компирчиња, на пример.
Јас не спаѓам ни одблизу во групата на здравојадачи. Најголемото зло на кое сум навлечена е секако мајонез... добро и чоколадо, млечно чоколадо или па со карамела и лешници, ма какво и да е чоколадо, па саламче, зденка, смоки, чипсче....ооооо, а маргаринче и пржени компирчиња... абе да си каснеш и да си уживаш. Кога ќе ме прашаа дали јадам некоја манџа викав дека е премногу здрава за мојот стомак. Хихи..
Кога останав бремена и станав директно одговорна за едно малечко суштественце кое растеше во мојот стомак, работите се сменија. Ги отфрлив саламите, мајонезот и маргаринот, а ги уфррлив на голема врата овошјата. Уште пред да ја добијам мојата миличка решив дека е важно да се храни здраво. Дека тоа малечко суштественце треба да го добива најдоброто на овој свет, а тоа секако не се тони шеќер, сол и масти.
Ама дете колку и да е малечко, нема да јаде од својот тањир без да ѕирне во твојот. Ако тие две тањири се разликуваат, е тогаш настанува проблемот.
И се само се модифицира мојот список за во продавница. Чипсови и грицки се купуваат се поретко, Кока Кола само за кога ќе доаѓаат гости, а бел леб еднаш во месецот. Затоа се купува брокула, карфиол,грашак, тиквички... сите можни видови на салати, батат, чиа, булгур... и се разбира се што ќе се види од овошје.
А баш пред некое време додека се враќав од работа, маж ми, по телефон ми вика дека направил манџа боранија. Хмм..... Уште со првото отварање дома, мирисот на боранија почнува да ме прогонува. Си ќутам и тагувам во себе, додека ја поставувам масата. Седнуваме тројцата на маса со по еден тањир боранија пред себе.
И додека ја приближувам кон себе лажицата полна зелени стапчиња така наречени боранија, чувствувам како нешто ми проигрува во стомакот и се враќа нагоре. А, јас продолжувам да ја приближувам лажицата, и се насмевнувам на мојата најмила и радосно дофрлам- Ммммм...јамииии, колку вкусно е!!! Лапнувам и голтнувам. Една лажица, две, три...десет лажици... Продолжувам со коментарите кои се многу повеќе насочени кон мене отколку кон неа. Таа со нетрпение си ја чека секоја лажичка полна боранија, слатко си ја мљацка и брзо ја голтнува во исчекување на следната лажица. А, јас си зборувам и си се храбрам во битката против самата себе. И се победувам себе си...победувам за неа....победувам поради неа!
Subscribe to:
Comments (Atom)
во епизодата „Сама со себе„
На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...
-
На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...
-
Во последниве две недели се фрлив озбилно во барање нова работа. Под озбилно, мислам секој ден да ѕирнам што огласи има, да аплицирам на едн...
-
Трет ден откако се збогував со нешто што ми беше секојдневие последниве 6 години. Се уште ми е малку чудно дека дадов отказ и дека со секој ...