Thursday, April 3, 2014

Душа ширум отворена во епизодата: “Избирачко право или во превод- да се гласа или не?!”

 Пред избори од секогаш ми бил тапа период. Едни се као многу зафатени по штабови состанчат, па ноќна смена им е лепење плакати. Други се рамнодушни и ништо не приметуваат, а трети (вакви ко мене) се најнесреќните, пошто не се ни со првите ни со вторите. Тие слушаат и приметуваат се, ама не се занесени и полни со љубов кон лидерот. Токму напротив, ним секој лидер им смета, особено кога ќе дојде у маало да ремети мир со јаки појачала и завршна реченица во стилот –“ Напред за Македонија, за подобро утре кое го заслужуваме!”. Ма, даааај...

Откако го добив и уставно загарантираното право на глас, секогаш се појавував на избори, заокружував нешто и си идев. Попатно ќе се направеше некој муабет со пописниците, пошто редовно има некој комшија кој јали партиски јали непартиски заталкал пред избирачкиот список да шкртка имиња и да прска со спрејчето за викенд-дневница. Не го сфаќав тој чин за толку посебен, не мислев дека нешто ќе сменам, не мислем ни дека тоа е нешто повеќе од само заокружување некоја бројка. А, баш деновиве кога веќе се заоштрува целата еуфорија за предвремениве парламентарни избори размислував колку е уствари добро вистински да се верува во нешто, во некој. Од една страна им завидувам на сите партиски активисти кои веруваат во својата партија, кои веруваат дека нивната политика е вистинската и кои силно аплаудираат, гласно скандираат и со воодушевување зборуваат за својот лидер.

А, пред неколку години во предвечерието на едни други избори, парламентарни, возејќи се во автобус го слушнав најсмешниот и највчудоневидувачкиот разговор ever! Се врќав дома од работа со 23ка и некаде на почеток на Лисиче се качија во автобусот две девојки. Седнаа баш позади мене. Едната и вика на другата: “Еј, абе се зачленив во партија. Братучед ми е долги години таму, па некако со него викам ај и јас”. Другата и одговара: “Што ти текна бе?”. Првата враќа: “Викаат сега ќе победеле на избориве, па да ме бутнат некаде на работа се надевам”. Втората: “Ааа... епа паметно ти е тоа. А, што им значи уствари кратенката?”. Првата: “Ммм...чекај како беше. Е, ич не ми текнува сега”. А, јас слушам и слушам и не знам дали да плачам или да се смеам. Неверојатно!!

Истата таа година, за истите избори ми се случи уште еден ваков инцидент со големи размери. Овој пат другата страна беше у главна улога, да не остане покуса. Муабетот се водеше пред партискиот штаб меѓу партиските активисти за време на пуш-пауза. Таа убава летна ноќ јас си уживав на тераса се додека не почна гласниот муабет. Почнува еден млад дечко: “Вчера ги испаглавме знамињата што ни требаат за митингот утре. Се е спремно, и плакатите се залепени, организирани се и автобусите”. Другиот вика: “Еј, ќути, цела ноќ сме лепеле плакати, душа ми излезе, ама важно завршивме. Вчера почнав и програмата да ја читам, ама многу долга е, некако”. Враќа првиов- “Ни јас не сум ја прочитал, само од ова на состаноци што кажуваат. Јака програма е тоа мора да победиме”. Се убацува трет и става точка- “Само лидерот треба да се слуша. Ваква програма никој не направил претходно”. Крај на муабетот!

Веројатно е убаво чувството да се бориш за тоа во што веруваш. Јас такви чувства гаам само кон моето тесно семејство и малкумината вистински пријатели. Нив безрезервно им верувам и за нив се би направила. Друг идол немам, ниту на земјата ниту на небото. Се прашувам само каков е тој порив што ги води да се борат, оние кои не знаат за што се борат?!

ФБ се полни со фотошопираните ликови на претседателските кандидати. Човек да помисли сите овие “јаки” фаци наеднаш му станале пријатели. Се редат и текстови, албуми од митинзи, предизборни ветувања..ехеее... Можам само да замислам како изгледа телевизиската понуда на платена политичка програма. На крајот ако си одлучил да гласаш мора нешто да заокружиш. Да пробаш да го најдеш најмалото зло и да се надеваш дека вистински си избрал. Дека на крајот нема да излезе дека тоа било само волкот во јагнешка кожа. До таму е стигната работата, зошто кај нас само изборите се предвремени, се друго доцни најмалку еден век.

Уставот вика дека секој граѓанин на Македонија со наполнети 18 години се стекнува со избирачко право. И јас која не сум моментално во Македонија можам да гласам. Си го поставив прашањето дали треба да гласам? Имам ли јас право да одлучувам за нечија туѓа иднина, за секојдневие кое не е мое?! Имам ли?!

Од едни до други избори,

Славица Савеска Кењереш

П.С. Се извинувам што не ве почастив со името на партиите споменати погоре. Си викам подобро вака, отколку после да се расправаат со мене кој е луд, а кој збунет, па јас на крај да морам да бидам ненормална.


Monday, March 10, 2014

Душа ширум отворена во епизодата “Кога вистински бараш прошка”

Како мала чувствував посебна омраза и презир кон празникот Прочка. Ми беше баш некако безвезен празник. Јас како најмала во семејството требаше да барам прошка буквално од сите останати. Мислев дека нема правда таквата традиција. Што па, сега баш јас морам од сите да барам прошка?! Зашто по дифолт се поставува констатацијата дека малиот му згрешил на постариот и следствено на ова дека најмалата им згрешила на сите останати?! Епа стварно нема смисла.  Значи во три збора- ја мразев Прочка.

Бев бунтовна по природа, особено кога стануваше збор за тоа дека јас нешто сум згрешила. Од секогаш ми било стваааааарно многу тешко да признаам дека сум згрешила. Тешко ми е некако и сега, ама со годините научив малку од малку да бидам реална и да признаам кога грешам. Не ми успева секогаш, некогаш е невозможна мисија да бидеш субјективен кога се работи за тебе, нели?!

Како мала одевме секогаш на ручек кај баба ми и дедо ми. Таму уште на влезот ќе не пречекаше дедо ми со сува гранка и ќе не мавнеше благо со неа,таков бил адетот, после ќе ручавме и ќе амкавме јајце. И се беше толку фино и убаво се додека не дојдеше делот на одење назад  дома и обврската да се каже “Прости ми”, која мене ми беше тооооолку многу тешко да ја прифатам. Ма, просто не излегуваа тие зборови од мојата уста, колку и да се трудев. Размислувајќи сега за тоа сфаќам дека ми било тешко да ја кажам затоа што не сум ја мислела, а како може дете да натераш да каже нешто во што не верува?! Имаше години и години кога вешто ја избегнував реченицата “Прости ми”, а дедо ми ми прогледуваше низ прсти. Велеа секогаш дека му бев миленичка.

Кога заминаа од овој свет баба ми и дедо ми, традицијата ја продолжија мајка ми и татко ми. На Прочка секогаш се собиравме кај нас дома, па сестрите, зетовците и внуците доаѓаа кај нас на ручек. Семејните собиранки секогаш беа вистинска радост исполнети со незаборавни игри со внуците, смеа и по некоја плачка за играчка. И во овој случај се беше суперско се до делот на “Прости ми”. Тогаш не си одев дома јас, ама си одеа сите други, па јас ги испраќав во дневната за да не морам да одам до излезот каде тие два збора “Прости ми” беа задолжителни. И успевав да не ги кажам, успевав да се прикрадам и да го избегнам тој, за мене, толку непријатен дел од празникот кој го мразев иако веќе не бев дете. А, што ако мене ми згрешиле, а? Што правиме тогаш? Кога тие од мене ќе побараат прошка? Се водев од овие прашања кои како низ торнадо струеа низ мојата глава и не успевав да се натерам да кажам јас “Прости ми”. Татко ми секогаш ми замеруваше и гласно ќе прокоментираше дека не сум побарала прошка. Јас ќе преќутев и веќе следниот ден беше се заборавено. И волкот сит и овците на број.

Но, еве дојде ден Прочка кога јас не ја чувствувам таа омраза кон празникот. Дојде ден Прочка кога јас сакам да бидам таму пред вратата кога се изговара таа реченица “Прости ми”. Денеска јас вистински за прв пат во мојот живот почувствував потреба да побарам прошка од сите- од мама и тато, од сестрите, од зетовците, па дури и од внуците, иако сега конечно не сум најмалата во семејството. Во ова обично норвешко утро кое го навестува празничниот македонски ден барам прошка од сите. Им згрешив на сите, и на постарите и на помалите од мене и треба да побарам прошка. Простете ми за се. Простете ми за секоја викенд-собиранка на која нема да присуствувам, за секој роденден, именден, празник и веселба кои ќе ги пропуштам. Простете ми што не бев таму кога се роди најмалата внука, што не го видов проодувањето на најмалиот внук. Простете ми што не секогаш наоѓам начин и зборови да ви кажам и објаснам колку ве сакам.

На крајот, простете ми што одбрав ваков пат во животот. Простете ми што отидов.

Од Осло до Скопје,

Славица Савеска Кењереш

 

Sunday, February 16, 2014

... во епизодата- "Ми недостига"




















Ми недостига да бидеме безгрижни.
Кога единствено за што се каравме беше зошто не сме се виделе неколку дена.
Кога се лутеше ако не му се јавам кога сум ветила.

Ми недостигаат сите смс-ки специјално за мене напишани и до мене испратени.
Да ми се јави 1мин откако сме се разделиле и да зборуваме со часови.
Да си титкаме неуморно и да броиме кој на кого повеќе пати му титнал.

Ми недостигаат сите топли чоколада со вечност пиени.
Да се гледаме во очи додека се држиме за раце.
Да се надмудруваме на крајот кој треба да ја плати сметката.

Ми недостигаат неговите саботните натпревари.
Кога бев единственото женско во публика и кога само мојот глас во целата врева го деконцентрираше.
Кога се радував на сите “9-ки” и го прекорував за сите “пробивања” и “утки”.

Ми недостига секој 3ти, кога славевме.
Сите слатки, мали подароци од него внимателно одбрани, секоја црвена ружа од срце подарена.
Сите картички за посвета со љубов испишани.


Ми недостига да бидеме внимателни.
Да чекаме да се оддалечиме доволно од мајка ми за да се фатиме за рака.
Да чекаме да излезе од соба мајка му за да се бакнеме.

Ми недостигаат нашите долги прошетки.
Потоа да се одмориме неколку часа на клупа и да раниме ежиња со смоки.
Потоа да ме испрати до влез и долго да си кажуваме “Чао” и пак да не се разделуваме.

Ми недостигаат многу нешта, но најмногу од се
ми недостигаат “нашите” места низ Скопје.
Таму каде тишината царуваше.
Таму каде се криевме од секој, зошто си бевме доволни еден на друг...

Sunday, February 2, 2014

Душа ширум отворена во епизодата: „Сите вистини и невистини за Норвешка“

Во последниве неколку дена се изначитав текстови за тоа каква е Норвешка, како се живее во Норвешка, колку пари има Норвешка и како капак на се колку се бараат работници и какви плати даваат на келнери и таксисти во Норвешка. Прво текстовите излегоа на српските медиуми, по различни портали, после излегоа и на македонските портали, па и во весниците. Гледам, читам и не ми се верува. Србиве преведувале, недопреведиле, македонските медиуми пак од ова преведено- недопреведено, уште еднаш не допреведиле. Резултат “Каша- попара”. Јас ги нарекувам каквите вести “Киндер- јајце вести”. Убава опаковка, неверојатно примамлива слика и бомбастичен наслов, а кога ќе отвориш, внатре- глупост.

Што е најинтересно ниту еден од порталиве каде што беше спектакуларно објавена веста, немаше објавено и линк за вистинската сторија, интегрален текст на јазикот на кој истата првенствено била напишана пред да биде молњевито испропреведувана од балканските медиуми. Што тоа стварно рекла Европската канцеларија за вработување и на кого овој текст бил наменет е најголемата мистерија. Ние што сме тука во Норвешка, знаеме како стојат работите, далеку подобро од било кој преведувач, така наречен квази-новинар. Кој тоа таму лаже, е прашањето сега?!

Затоа малку изреволтирана, не од добронамерните луѓе кои во последно време се повеќе и повеќе ме прашуваат како иде со работа во Норвешка, работни дозволи, визи, сместување и трошоци за храна, туку изреволтирана од некогаш моите колеги новинари од Македонија со кои со години одевме на исти места низ Скопје и известувавме за истите настани на различни медиуми. Зарем не сте свесни,бивши колеги новинари дека го креирате јавното мислење?! Дека ако до вчера на ФБ групата “Македонци во Норвешка” имаше едвај еден пост во 2 недели, сега има 200 постови и прашања секој ден! Од друга страна “За новинарцките работи” не треба дополнително да се полемизира и дискутира, за сите нив си знаевме и претходно, ама сега богами знаеме и со бројки. Катастрофа!

Значи одиме со реална ситуација и факти.

1. Просечна месечна плата од 4.500 евра (делумно точно)

Данокот во Норвешка е прогресивен, па за тие кои заработуваат многу, плаќаат и голем данок. Објавената информација дека платите во Норвешка се од 4.500 евра па нагоре е делумно точна ако се земе просечната бруто плата во Норвешка. Таа сума сигурно ќе биде намалена за околу 30% откако на неа ќе биде пресметан и одземен данокот за приход. Значи од 4.500 евра доаѓаме на некои, од прилика, 3.000 евра. Ова е сепак просечна норвешка плата. Вообичаено работните места како келнер (иако тука келнери постојат само во рестораните, а не и во кафичите каде единствената застапена професија е бармен) се платени околу 21 евро по саат (неоданочени) или околу 2.200 евра чисти на крај на месецот.

2. Потребни се инжењери, наставници од природните науки, лекари, медицински сестри, возачи на автобуси и таксисти, готвачи и келнери (да речеме делумно точно)

Норвешка, како земја богата со нафта секако има потреба од инжењери, особено како високо-квалификуван кадар. Норвежаните не се многу по учењето, па затоа ваквиот кадар е далеку најбаран и многу ценет (да не речам, убаво платен). Истата е ситуацијата и со медицинските сестри, лекарите и наставниците кои пак за разлика од инжењериве (кои можат да пројдат само со англиски) мораат да имаат големи познавања од норвешкиот јазик. Тоа значи положен 3 степен норвешки јазик за медицинските лица и положен Бергенс тест (највисокото ниво на познавање на норвешки) за наставниците. За возачи на автобуси и таксисти не сум запознаена колку и како се бараат, но со самото тоа што македонската возачка дозвола не е признаена во Норвешка, овие две професии одма можеме да ги избришеме од списокот. За келнери и готвачи- има тука милиони швеѓани, пољаци, шпанци да ги покријат овие побарувања, па македонците како “неевропејци” котираат најниско на скалата на вреднување.

3.Вработените работат 7,5 часа на ден (пак делумно точно)

Работната недела на вработен со полно работно време е реално 40 часа. Разликата е во тоа што тој половина час наменет за ручек (сместен некаде на половина од работниот ден, најчесто од 11.30 до 12ч), не влегува во работните часови и не е платен. Тоа значи дека работникот е ефективно на своето работно место 7,5 часа за кои е и платен, но реално е на работа 40 часа во неделата.

4.За престој во Норвешка е потребна пријава за дозвола за престојување во период од три месеци во локалната полициска станица, а странските државјани можат да останат 6 месеци додека бараат работа (скроз неточно)

Како прво, македонец (со исклучиво и единствено поседување на македонски пасош), може да дојде во Норвешка само туристички и тоа три месеци во временски период од пола година. За тоа време тој нема право и по закон не смее да работи, туку единствена цел на посетата да биде строго туристичка. Објавената информација се однесува само и исклучиво за државјани на ЕУ- членка (што секако не сме ние). Единствениот начин на добивање работна виза со македонски пасош е договор за работа во твојата струка, каде твојот работодавец пред Полицијата ќе гарантира за твојата висока компетентност. Тоа значи од прилика вака, ако си студирал на Економски факултет треба да добиеш договор за работа во Норвешка за работно место кое е во тесна корелација со твојата диплома (банкарски работник, сметководител, менаџер, аналитичар). Твојот работодавец треба да биде дел од целата процедура на аплицирање за работната виза и да гарантира за тебе пред властите. Згора на се, добиениот договор треба да биде во висина од 35.000 евра (годишна плата пред данок), со што ќе се потврди твојата способност да се издржуваш во Норвешка. Доколку се исполнат овие услови, постои можност за повлекување на целото семејство во Норвешка со така наречената family-reunion виза. Условите се далеку поинакви за европејци кои да, можат да дојдат и да бараат работа 6 месеци, не им треба работна виза во тој период и можат да работат било каква работа, без разлика на нивното претходно образование.

5- Разно

Како што претходно спомнав македонската работна дозвола е целосно неважечка во Норвешка. Секако во рокот од тие 3 месеци туристички престој, има можност за користење македонска возачка дозвола, но по истекот на тие 3 месеци возачката дозвола е целосно неупотреблива. Најлошто е што македонската возачка дозвола не може да биде сменета за норвешка, туку потребано е да се помине низ целата процедура на земање часови, полагање тестови и полагање градско возење за да се добие норвешка возачка дозвола. Сето тоа чини од прилика 2.600 евра и се полага исклучиво на норвешки.

Кога сме кај норвешкиот јазик, тој е многу ценет и баран, во последно време за било која позиција, па дури и за чистачи. Големата навала на странци веројатно малку ги исплашила норвежаните кои го земаат јазикот како прв одбрамбен механизам. Часовите по норвешки се нудат во голем број школи за јазици и се движат од 300 до 600 евра за месец. Полагањето на испити (ниво 2, 3 и Бергенс тест) се наплатува 150 евра.

Не е едноставно дури ни да се најде сместување. Се плашат од странци, па за изнајување стан ќе ти бараат договори за работа и висина на плати, а во некои случаи и извештај за платен данок во изминатата година. Соба во стан во Осло каде се делат кујна и купатило со цимери е од 500 евра па нагоре. Стан од 40тина квадрати пак е околу 1300 евра. Во двата случаи трошоците за струја, загревање, интернет и телевизија не се вклучени.

И иако се ова делува како невозможна мисија, многумина успеале. Некако успеавме и јас и маж ми. Не е “лежи лебу да те јадам” ама со многу одрекувања, огромна решителност и челични живци се успева. Ќе плачеш за дома, за блиските, ќе гледаш што е можно почесто да идеш да ги видиш, ќе киснеш на Skype и ќе чекаш некој да се уклучи за да направите едноставен секојневен муабет, кој баш многу ти треба. Не е лесно, никој не вика дека е. Многу млади почнуваат со студии, волонтерски проекти кои овозможуваат виза за престој и неколку часа дневно за работа, па кога ќе заврши тоа пак некакво друго снаоѓање. Најчестата варијанта е со бугарски пасош (затоа што се чека помалку од влез на Македонија во ЕУ). Секој со својот памет до подобро утре.

Еве и линкови каде може да се бара работа, на норвешки се најчесто ама Google се преведува ако го прашаш.

http://www.finn.no/finn/job/fulltime/result

https://www.jobzone.no/For-jobbsokere/Ledige-stillinger/

http://www.manpower.no/

http://www.adecco.no/ledige-stillinger/Pages/ledige-stillinger.aspx

https://www.facebook.com/groups/131472346943906/

Линкови со корисни информации:

https://www.facebook.com/groups/264497660346672/444390775690692/?notif_t=group_comment_reply

https://www.facebook.com/groups/35649967964/

https://www.facebook.com/groups/whereinoslo/

http://www.europeanvoluntaryservice.com/what/purpose

Па, со среќа на сите. Што би се рекло “Од мене толку од Господ повеќе”. Сепак среќата многу ретко нас не наоѓа, треба ние да си ја бараме.

Од пазарот на труд во Норвешка до Македонија,

Славица Савеска Кењереш

П.С. Уште информации за животот во Норвешка во следната епизода! J

 

Tuesday, January 7, 2014

Душа ширум отворена во епизодата “Македонско млеко”

Во последно време почнав се почесто да размислувам за заедничките карактеристики на еден народ. Некој ќе рече, тоа се стереотипи во кои само глупавите веруваат. Сепак на крајот излегува дека стереотипите се многу повеќе од само круто обликуван израз за културата на една нација. Кога мислам за нас, македонците, ми се издвојува меѓу другите и една наша заедничка особина- скромност. Такви сме сите ние, таков ни е кројот, со такво млеко сме растени.

А, беше Септември, кога јас најдов слободно време и супер цени на авионски карти, па си летнав доле на југ. Се знае за што постои Септември. Ранци, тетратки, учебници, моливчиња, панкала, гуми. Ја прашав сестра ми, што им треба на внуците да им купам од Осло. “Ништо бе. На секое ли ќе им купуваш. Се си имаат”. Одговор што секогаш можам да го очекувам, а кој се надевам дека нема да го добијам. По триста моленици ми кажа дека на едниот внук му треба ранец. Е, супер си реков, таман ете за него нема да мислам што да купам. Шетав по продавници, видов многу, бендисав неколку и на крај не се решив за ниту еден ранец. Си реков, може подобро сам да си одбере некој од продавница во Скопје. Кога стигнав им поделив по некоја играчка и нешто ситно облека, па отидовме до Бисер на сладолед. Одиме накај Бисер јас гордатата тетка со моите сонца- двајцата најголеми внуци и најголемата внука и им викам “ На кој му фали ранец за во школо?“ Одговорија сите тројца во еден глас, како договорени “Мене НЕ”!!

Да, кажам дека и ова не го очекував, ќе лажам. “Како бе на никој?”, упорна сум јас. “Јас си имам”, ”И јас”, ”И јас имам”, пак ми одговараат. Оф леле, мака. Нејсе, викам “А, кој е за сладолед?”. Тишина, никој ништо не одговара. Ги погледнувам прашално и ги гледам срамежливо климаат по малце со главата. “Па, може”, некако се осудува едниот внук да каже.

Неколку дена претходно зборував со другата сестра и внукот на Skype. Тогаш, како и сега, внук ми ми одговори дека не сака да одам кај него на гости, ама он ќе дошол на гости кај мене со авионот. Хаха.. шетаџија е детето уште од мали нозе.  Нему му викам “Ќе дојдам кај тебе на гости. Што да ти донесам?”. Ме гледа со тие очиња теткини најубави и ми вика- “Лижавче”. Оф леле... пак ли?! Неколку дена подоцна ја смени изјавата, тогаш побара Бони Топ. Оооогромна разлика!!

Се јавив вчера да прашам како поминаа коледарите. Едниот внук вика “Многу убаво, ама и уморно”.  “Ако”, одговарам јас. “Што добивте за Коледе?”прашувам. ”Многу работи”, ми одговара. ”А, пари колку собравте?”, не престанувам јас со прашања.  ”Ние за парите воопшто не размислуваме”, ми одговара 8-годишниот внук, сонце на тета.

Сите со исто млеко сме задоени, македонско млеко, научени од мали на скромност и претпазливи со барањата. Се сеќавам порано кога вујко ми ќе дојдеше кај нас на гости. Се зафркаваше тој често со нас дека доаѓа вујко од Америка, а уствари доаѓаше од Битола. Секогаш пробуваше да ни тутне по некоја пара во рацете. Јас се сеќавам и денеска како вчера да беше како упорно ги одбивав и му ги враќав во рацете иако веќе ја имав прерачунато бројката на сладоледи кои можат да се купат за тие пари. Ама кај смееш да земеш пари кога ти даваат?!

Се мислам колку или дали воопшто ваквата скромност е добра. Нели е малку преценета?! Колку можеш да постигнеш ако не целиш на високо? Колку далеку можеш да стигнеш кога скромно се задоволуваш и со подпросечното? Колку можеш да сонуваш ако си научен да бидеш реален?! Тоа е тоа македонско млеко кое не пораснало од цуцла до чаша. Во таков калап сме правени. Нам дури и калапот ни е скромен- 2 милиони, ни угоре ни удолу, таман толку!

Од свежо македонско млеко до тетрапак,

Славица Савеска Кењереш

 

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...