Долго време се мислам да пишам ама никако да напишам. Се некако мислам и смислувам во главата мисли се редат ама тие никако на хартија ниту на екран не се запишуваат сами. Ех, да можеше јас само да мислам, а зборовите автoматски да се испишуваа на екранот. Јас само да гледам во екранот и да мислам , а тие да си се пишуваат. Или може уште подобро, јас да си правам нешто друго, и да си мислам, а тие да се пишуваат. Ех, не бива без работа на прстите изгледа. Ај, нејсе.
Денеска добив некоја инспирација да пишувам, ама
некако не ми се пишува нешто обично и веќе напишано и прочитано, туку ми се
пишува нешто ново и невидено. Секој ден само некои нови текстови на нови фб и
портал- писатели. Еј, да не се разбереме погрешно, баш ми се свиѓаат, или добро
барем дел од нив баш ми се свиѓаат. А, и јас сакам да пишувам, ама сакам да
пишувам нешто паметно.
Живот во туѓина- е, тоа е тема која не умира и која
секогаш добива читаност, а од друга страна за неа можам да пишувам. Е, сега тоа
не дека е видено, туку е веќе ептен избледена тема. Ама, уште пали бе, што има
везе ако пишувам за тоа?!
Од таков текст, каков и да е, на крајот можат да
излезат два коментари и заклучоци на читателите. Едниот “Ееее.. отишла во
странство, па одма се распаметила. Одма знае што требало да биде тука, зашто на
“Запад” така функционирале работите. Ко да не те знаеме од на флипери у маало
или на утакмици како пцуеше ко сељанка”. Другиот кометар иде од прилика вака
“Е, не е ни на “Запад” мед и млеко. Шо мајка бараше да идеш, па сега се жалиш
дека ти фалеле мама, тато, сестрите и внуците. Тука барем имаше со кој на кафе
да отидеш, до душа пари баш немаше, ама кафе си е кафе бре, 70ден во неделата
ќе се скрпат некако.”
Не е дека нешто од ова ми е чудно. И јас бев
ваква, и јас коментирав вака пред некоја година, а сега веќе дојдов до делот да
кажувам како тука се функционира и како ми фалат мама, тато, сестрите и
внуците. Некогаш само мислев како да фатам уџум, што би се рекло “Дим да ме
њама”, а сега само смислувам и комбинирам да се спојат слободни денови и ефтини
авионски карти, па да идам малку “дома”, од новата “дома” во првата “дома”.
Пред некој ден ми кажаа за некој нов трговски што ќе
се отварал баш во Аеродром. Искоментирав само- “Ми збориш за таа одвратната
грамада што ми го блокира погледот од сите тераси?”. После размислував дали
вака ќе мислев да живеев уште таму, дали на таа грамада ќе гледав како на
блиски продавници и кафичи или само на грамада која ми блокира поглед?! Сите
паркови ги направија бетон, сите дрва станаа бандери, сите грмушки столбови. Не
е ни чудо што кучињата почнаа да се шетаат наместо во парк во трговски и да мочаат
наместо на трева на бетон. За загаденоста, па да не збориме. Актуeлен е со
денови текстот за нивото на загаденост. Единствено само што не ми е јасно е
колку други отрови слободно се шетаат, а ние не знаеме. Отрови на детски
играчки, воздух загаден 14 пати повеќе од дозволеното, па мајко му стара може
ли нешто полошо?!
Вчера во импортираната турска продавница најдов ајвар,
наш, македонски, домашен па и лут. Хаха.. Се тркалав од смеење во себе кога ја
видов етикетата, ама некоја чудна топлина и блага насмевка ми се раширија по
лицето. Никогаш не сум била некој голем фан на ајвар. Секогаш сум го сакала
само тој од “Мама”, тукушто направен, топол уште од тенџере намачкан на тазе
домашно лепче. Сега некако и овој ми се виде убав, ама не го купив. Картите за
Скопје се резервирани уште пред еден месец, па ќе си каснам од оној вистинскиот
ајвар на “Мама” за кратко време. Ќе си идам на доза загаден воздух и домашен
ајвар. Сељанката се враќа на свое!
Од Осло до Скопје,
Славица Савеска Кењереш
No comments:
Post a Comment