Friday, December 20, 2013

Душа ширум отворена во епизодата “Кога северот станува топол”

 

Кога завршував основно една ептен блиска драгарка се исели од Македонија. Цело семејство, спакуваа куферите и комплет сите заминаа на друг континент, прекуокеански на север, во Америка. Тогаш не размислував многу за причините поради кои си одат, бев веројатно баш дете и не можев да сфатам, ма не ни знаев зошто си одат...уствари ни денеска не знам зошто си отидоа... 5 години подоцна една друга многу блиска другарка спакува куферите и замина на еден друг север, малку поблиску, барем на ист континент, во Чешка. Тогаш само се чувствував дека ме напушта, дека си оди од мене, ме остава сама во Скопје. 5 години после тоа и јас го фатив патот во друга насока, на еден друг север, во Норвешка. И јас станав нечија ептен блиска другарка што заминува од Македонија.

И не се само тие и не сум само јас, туку сме многу, туку сме илјадници.. Блиски и не толку блиски пријатели, познаници, Фб случајни намерници и ненамерници за кои секојдневно слушам дека отишле да ја бараат својата среќа во белиот свет. Кој знае зошто се вика “белиот свет”, зарем таму во Македонија е црниот свет?!

Гледам и слушам се почесто дека некој се иселил од Македонија. Едни имале тетка или вујко во странство, па ќе пробале за работа, други добиле стипендија за на факултет, запишале магистарски во странство, па ќе молат Бога да продолжат виза и да останат кога ќе завршат со студиите, трети извадиле европски (да не решам бугарски) пасош, па го фатиле патот за странство и ќе тропаат од врата на врата и ќе прашуваат за работа- како келнери, мијачи на тањири.. што и да е... Сите во странство, зошто домашново не го бива, а не ни изгледа дека ќе го биде, барем не сега, веројатно не во овој живот.

За некои од нив баш ми е чудно. Добро ситуирани, со ОК работа, ОК живот, а сепак решиле да одат. Па, и ние имавме работа, па отидовме. Веројатно затоа што со нашите две плати не можевме да скрпиме за изнајмување на стан и плаќање сметки. За купување нешто не стануваше ни збор, до душа не стануваше збор ни за изнајмување, зашто нели ни за тоа немавме!

А, се почесто гледам на Фб слики од Блискиот исток, нешто и од Европа, многу од на бродови, а летно време најмногу од Америка. Ех, ќе помисли некој, баш убаво шета младинава, гледа нови места, запознава нови култури. Ех, би рекол некој кој не знае. Некој кој не знае, дека зад сите тие слики се кријат надежите за еден живот нормален, куќа со мал двор и дете на кое ќе можеш да си дозволиш да му дадеш се што ќе посака. А, што ќе ти е живот без надеж?!

Со блиските другарки сега само се слушаме на Skype, си пишуваме на Фб и со новиве технологии се слушаме и на мобилен за без пари преку Viber. Се гледаме ретко, но интензивно кога ќе се затекнеме во иста земја. Разговаравме еднаш многу одамна дека можеби сепак судбината еден ден ќе не донесе да живееме во ист град. Ех, детски муабети и соништа. Едната не стигна ни да дојде на мојата свадба, а знам колку многу сакаше. Сакав многу и јас, ама ете, далеку е Америка, па дури и со авион.

Денеска сме ние трите на свој север во светот. Север кој некогаш покажува остри заби и гризе, гризе немилосрдно како р`ѓа железо. Но, тоа е истиот оној север кој ни дава топол дом. Нов дом на север, кој сепак не е ист како оној дом, доле на Балканот. Што би рекол неповторливиот Балашевиќ-  “Postoji milion gradova u koje možeš da odeš, ali samo jedan u koji možeš da se vraćaš”.

Од Север до Скопје

Славица Савеска Кењереш

 

Monday, December 16, 2013

Душа ширум отворена, во епизодата “Од една до друга дома”

Долго време се мислам да пишам ама никако да напишам. Се некако мислам и смислувам во главата мисли се редат ама тие никако на хартија ниту на екран не се запишуваат сами. Ех, да можеше јас само да мислам, а зборовите автoматски да се испишуваа на екранот. Јас само да гледам во екранот и да мислам , а тие да си се пишуваат. Или може уште подобро, јас да си правам нешто друго, и да си мислам, а тие да се пишуваат. Ех, не бива без работа на прстите изгледа. Ај, нејсе.

Денеска добив некоја инспирација да пишувам, ама некако не ми се пишува нешто обично и веќе напишано и прочитано, туку ми се пишува нешто ново и невидено. Секој ден само некои нови текстови на нови фб и портал- писатели. Еј, да не се разбереме погрешно, баш ми се свиѓаат, или добро барем дел од нив баш ми се свиѓаат. А, и јас сакам да пишувам, ама сакам да пишувам нешто паметно.

Живот во туѓина- е, тоа е тема која не умира и која секогаш добива читаност, а од друга страна за неа можам да пишувам. Е, сега тоа не дека е видено, туку е веќе ептен избледена тема. Ама, уште пали бе, што има везе ако пишувам за тоа?!

Од таков текст, каков и да е, на крајот можат да излезат два коментари и заклучоци на читателите. Едниот “Ееее.. отишла во странство, па одма се распаметила. Одма знае што требало да биде тука, зашто на “Запад” така функционирале работите. Ко да не те знаеме од на флипери у маало или на утакмици како пцуеше ко сељанка”. Другиот кометар иде од прилика вака “Е, не е ни на “Запад” мед и млеко. Шо мајка бараше да идеш, па сега се жалиш дека ти фалеле мама, тато, сестрите и внуците. Тука барем имаше со кој на кафе да отидеш, до душа пари баш немаше, ама кафе си е кафе бре, 70ден во неделата ќе се скрпат некако.”

Не  е дека нешто од ова ми е чудно. И јас бев ваква, и јас коментирав вака пред некоја година, а сега веќе дојдов до делот да кажувам како тука се функционира и како ми фалат мама, тато, сестрите и внуците. Некогаш само мислев како да фатам уџум, што би се рекло “Дим да ме њама”, а сега само смислувам и комбинирам да се спојат слободни денови и ефтини авионски карти, па да идам малку “дома”, од новата “дома” во првата “дома”.

Пред некој ден ми кажаа за некој нов трговски што ќе се отварал баш во Аеродром. Искоментирав само- “Ми збориш за таа одвратната грамада што ми го блокира погледот од сите тераси?”. После размислував дали вака ќе мислев да живеев уште таму, дали на таа грамада ќе гледав како на блиски продавници и кафичи или само на грамада која ми блокира поглед?! Сите паркови ги направија бетон, сите дрва станаа бандери, сите грмушки столбови. Не е ни чудо што кучињата почнаа да се шетаат наместо во парк во трговски и да мочаат наместо на трева на бетон. За загаденоста, па да не збориме. Актуeлен е со денови текстот за нивото на загаденост. Единствено само што не ми е јасно е колку други отрови слободно се шетаат, а ние не знаеме. Отрови на детски играчки, воздух загаден 14 пати повеќе од дозволеното, па мајко му стара може ли нешто полошо?!

Вчера во импортираната турска продавница најдов ајвар, наш, македонски, домашен па и лут. Хаха.. Се тркалав од смеење во себе кога ја видов етикетата, ама некоја чудна топлина и блага насмевка ми се раширија по лицето. Никогаш не сум била некој голем фан на ајвар. Секогаш сум го сакала само тој од “Мама”, тукушто направен, топол уште од тенџере намачкан на тазе домашно лепче. Сега некако и овој ми се виде убав, ама не го купив. Картите за Скопје се резервирани уште пред еден месец, па ќе си каснам од оној вистинскиот ајвар на “Мама” за кратко време. Ќе си идам на доза загаден воздух и домашен ајвар. Сељанката се враќа на свое!

Од Осло до Скопје,

Славица Савеска Кењереш

 

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...