Tuesday, June 18, 2024

во епизодата „Многу мисли во една глава„

Викендов се изанаслушав плачење. До душа тоа во последниве 3години веќе ми е секојдневие, ама некогаш е поекстремно од други денови. Е, викендов беше баш интензивен. Освен кога имавме гости де. Тогаш нема плачење, чисто за луѓето да мислат дека преувеличуваш кога викаш дека детето ти плаче со 1 минута пауза меѓу плачењата. Малата без причини, мислам со нејзини причини, се подудрила, не може да ја намести слагалицата, сака да гледа цртани, некој ја погледнал погрешно... Се „валидни„ причини за вриштење на цел глас.

Има периоди кога ми се смачува од зборување едно па исто. Го знаете оној гиф со човек како стои пред ѕид со објаснување „Слика од мене како им зборувам на децата„. Е, баш така. Збори си ти ако немаш друга работа. Да влезе од едно уво, а од друго да излезе сум во ќар. Ова ти си збориш, а тие не те ни перцепираат дека зборуваш. На најмалата и се свртувам и  викам „ Зошто не ме слушаш?„ , а таа ме погледнува со тие детски очиња од кои искри искреност и ми одговара едноставно „Тешко ми е„. Oh...I feel you child. I really do!!! И си се гушкаме и смееме како ништо да не било. Ме купуваат со поглед и ме топат со пола збор.

А, таа кога ќе застане, доаѓа другата со други причини. Овие малце полесно да ги разбереш и категоризираш како причина за плачење. Учителка што ќе си оди или генерација што од есен преоѓа во друго школо. Мајкини плачки.. 

***************

„Мамо, едно девојче во школо ми рече дека тие што имаат кафеави очи, не се добри луѓе. Стварно е така? „ И ме погледнува така прашално со најубавите кафеави очи во светот. Обично успевам да бидам приземна во реакцијата и да ја прашам прво таа што мисли, пред да кажам што јас мислам. Овој пат, ме фати на препад и моето размислување беше преточено во зборови кои излетаа низ мојата уста пред да сфатам што се случува. „Бојата на очите, косата или кожата не е никако поврзана со тоа дали е некој добар или не„ како од пушка. „Што ти мислиш?„ - ја прашувам. „Мислам дека не е така„, ми одговара кратко и целата во мисли заминува во соба. 

Тешки ми се овие нејзини мисли и муабети. Може најтешко од се ми е да разберам колку е чувствителна и како се доведува до ситуација некој такви работи да и зборува. А, децата се неверојатно сурови. Не му ја мислат нешто премногу. И, не, не мислам дека закачкањето и по ново „булинг-от„ е настанат во ново време. Секогаш го имало. Секогаш имало барем еден во друштво што е мета на исмевање и зафркавање. Јас никогаш не сум била таа. Веројатно сум била на другата страна. Ако не си зафркаван, тогаш ти некого зафркаваш. Нема средина. 

И ја учам дека мора да стои на своето, дека треба да каже глесно што мисли, дека треба да се брани себеси и да не дозволува другите да и кажуваат каква е таа... Ама не функционира. Мека душа... Јас на еден од одделение во основно му удрив шамар зошто ме нарече „Цаци„. „ За тебе сум Славица„ му реков додека тој вџашено ме гледање во очи држејќи се за лице. Уште ми е криво за тоа. Се сеќавам дека и тогаш ми беше криво, ама беше веќе направено и немаше враќање. Плус па тоа и симпатија ми беше.. Мали се шансите, мојава голема на некој вака да му направи. Не е таа дивјак ко мајка и...нежна душа е тоа.

**************

На Viber сум секојдневно со некој од моите во Скопје. Ми се жалат последниве недели дека било 
(ова е нивен зборов) ПЕКОЛ. И продолжуваат да објаснуваат и да ја доловуваат состојбата додека им се збрчкува челото од самата помисла на времето надвор, на жешкото, на воздухот влажен, на потење  и непријатност. Ги гледам така на косо и не знам со кои други зборoви да им кажам дека „НЕ ВЕ ЖАЛАМ БЕ ЛУЃЕ„. Дојди тука на 3 недели по ред дожд искомбиниран со 10 степени утринска температура и изладете се за сите пари. Болест било топлото во Скопје. А, ова нашево здравје е сто посто. Абе сите сме испоразболени ко есен да е, а не средина на јуни.


Сестра ми ми праќа вчера прогноза за следниов период. 39 степени од четврток, стои во насловот. Гледам и блажена насмевка ми заигрува на лице. Наскоро се фаќа авионот, па и овие мои напатени коски ќе се стоплат. Ако додатно и салото се стопи, ќе биде ептен win-win.



во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...