Friday, May 3, 2024

во епизодата „Промени“

Трет ден откако се збогував со нешто што ми беше секојдневие последниве 6 години. Се уште ми е малку чудно дека дадов отказ и дека со секој поминат момент се оддалечувам од се она што до пред 3 дена ми беше нераскинлив дел од денот. Ама неверојатна е способноста за прилагодување што ја имаме. Дури и оние како мене што им е удобно во познатото и не се некои посебни фанови на промените, ќе се прилагодат полесно од што мислат. Имав една професорка во средно што викаше „Само промените се постојани„. Скроз на скроз е така.

А, во таа фирма доживеав многу убави моменти на заедништво и дружење, на учење и напредување, на добивање одговорности и одговарање за истите. Од сегашна перспектива би направила некои работи различно, ама сепак не се каам за ништо што сум рекла или направила. За тоа што се каам се работи што не сум ги направила. Ама лесно е да си паметен откако ќе поминат работите. 

Последните недели бев посветена на апдејтирање на пишаните протоколи, средување документи и архивирање, ама им помагав и на колегите кога ќе требаше. „Аууу...што ќе беше брзина„ , ми коментира колегата откако после неколку саати работа, му кажувам до каде сум и што треба он да превземе да работи. Е, така е тоа кога во истиот програм работиш 6години. Норвежаните викаат нешто, што во буквален превод на македонски е „Се наоѓа во прстите„ , а што во суштина значи дека го работиш по автоматизам и без некој посебен напор и размислување. Епа и тоа таквото секојдневие заврши. Што ќе биде после само Господ знае. 

На крајот ме испочитуваа со проштална вечера, торти на последниот работен ден, прекрасен подарок од мојот мал тим и поприлично гушкања. Посебно ми го наполнија срцето сите мејлови со убави зборови од клиенти на фирмата со кои бев во тесна комуникација. Од сето време таму едниственото што сум сигурна дека ќе ми фали е работата и соработката со мојот мал тим. Ама, баш на тој последен работен ден се почувствував дека беше правилно што баш тој ден си одам. Беше дојдено време за промена. Се заситив од механизам без користење на мозок. Можноста за надградување оди обратно пропорционално со комоцијата што се стекнува со изминатиот стаж. 

А, јас сакам да учам и да напредувам. Затоа избрав да ја заменам предвидливоста на денот и комоцијата со неизвесност и борба. Ама не се секирам нешто посебно. Оставив и пред 11 и кусур години иста таква комоција каде се ми одеше без некое посебно напрегање и по автоматизам. Тогаш се собрав во една хартиена кутија и тргнав кон непознатото. И ете арно излезе. Сега се собрав во две платнени кеси. I'll be just fine!


во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...