Годинава трет пат накај Скопје фаќам пат. На работа знам да добијам коментар „Пак ќе земаш одмор?„ и тоа од оние кои си искористиле 4 или дури 5 недели одмор во лето. Слушам и коментари во Скопје во стилот „Аман бе, колку одмор имаш ти?„ .Хехе...еми имам исто колку и сите, 5 недели во годината, ама си ги распоредувам и цепкам за низ цела година да ми траат. Во Скопје не „трошам„ повеќе од една недела на одење. Имам среќа што можам да ги земам одморите и околу државни и верски празници, па на 10 дена патување ќе потрошам само 5 дена одмор на пример. И така ќе се искомбинираат повеќе патувања во годината.
Додека ги правам последните подготовки пред пат и ги допикувам последните поклони во и онака накрцаниот ранец, малечката женска веќе мора да оди накај градинка. „Мама, ќе оди во Скопје. Ќе се видиме за една недела„ и кажувам. „И јас сакам во Скопје„ ми вика, „Сакам и во градинка„ надополнува, ме гушка и во следниот момент ми мафта симнувајќи се по скалите надоле. Хаха.. црв мајкин, ништо не разбира. Големата женска ме прати од соба во соба и ја гледам како полека и се менува ликот. Во еден момент не може веќе да издржи и прснува да плаче. „Зошти си одиш од мене, мамо?„ - ме прашува. Ах... не успеваме да се доразбереме дека не си одам од неа, туку само одам до Скопје и дека ќе се вратам брзо. Солзите не престануваат дури ни кога зборуваме на телефон. Душа мајкина..
Овој пат имаше и посебна причина за пат до Скопје- свадба. Со невестата се немавме видено 9 години, од reunion патувањето во Чешка, каде јас од Норвешка, а она од Америка и се ставивме на другарка во Прага. Тогаш бев два во едно, со првата моја женска во стомак. Сега бевме на домашен (а, за нас сепак по малку и странски) терен. Интересно е како годините поминале, а сепак муабетот пак тече како подмачкан. Како блискоста да не се сменила поради далечината, иако има многу работи од животот за кои не сме се информирале меѓусебно. Нема непријатни тишини, нема страв и пресметување на зборовите пред да се изустат. Како времето да се вратило назад во основно, а ние сме биле цел ден заедно во школо и после 1саат дома пак сме се нашле надвор за да дремеме по клупи, ние, нашата женска банда од детсемина.
Е, со тоа основно ме врзуваат преубави спомени. Некои се и потресни, како на пример моментот кога ни кажаа дека учителката ќе ни оди во пензија и 4. одделение ќе го поминеме со друга учителка. Какво разочарување беше тоа, каква болка, ма реки исплачевме. После дури и на гости и одевме дома. Исто такво трауматично искуство има и мојава ученичка. Уште плаче и уште и пишува честитки на прошлата учителка кои завршуваат со „Дојди да не посетиш„. И ја разбирам болката, скроз на сроз... мајкина душа..
***********
А, свадбата беше мешавина на традиции, ама полна со емоции. Јас секогаш се разнежнувам на свадби. Па, уште кога ќе ги видам родителите на парот, така трогнати од моментот, и мене ми се насолзуваат очите. Ама на оваа свадба не остана на насолзување очи. Се започна кога од нигде никаде, на свадбата се појави учителката до 3то. И како тргнав да ја пресретнам неа и сите кои веќе ја беа опколиле нашата учителка, солзите почнаа сами да се слеваат по образите. Не знам зошто и како, сами си течеа. Секунда пред да стигнам си викам во глава „Аман, што правиш, дај собери се малце„ и во тој момент ја погледнувам невестата облеана во солзи. Буахххх....нова серија солзи почнуваат да ми се леат. Ги бришам засрамено и гледам да не ме види никој, кога погледот ми се спојува со неколку други парови на очи исто расплакани како и моите. Буахххх...нова доза плачење. Ќерка и пак, не снима, ли не снима, сигурно малку подисплашена од настанатата ситуација на групно плачење. Абе што да ти кажувам. А, јас ни тогаш, а ни сега не знам зошто плачев. Дали беше за безгрижните детски денови, за секојдневните дружби кои никогаш не ни здосадија, за блискоста и моментите на припадност во нашата елитна група, за тоа што поминало ... кој знае за што беше. Ама плачевме смеејќи се зошто на никој не ни беше јасно каква беше таа силна емоција која не можевме да си ја објасниме, а која никој не успеа да ја стиши и смири. Верувам дека никој не одгатна зошто сите групно плачевме...
*******************
А, еве има веќе години како не плачеме со моите кога се разделуваме. Може ќе ни се вцрват очите и ќе се замати погледот, ама солзи успеваме да не пуштиме. Тагата која ја носи разделбата ќе ја кажеме со екстра цврста прегратка, дури и здив да подизгубиме малце. А, си плачеме сигурно на двете страни после на само, дур не се гледаме да не си се секираме меѓусебно. Пустото, и на разделбата се навикнавме...

