Tuesday, January 3, 2023

во епизодата „Релакс„

Дур живеев во Скопје, во еден период бев решена да пробам пилатес. Можеби повеќе за да видам на што личи часот што, во тоа време еден „дечко„ почна да го работи, отколку што стварно ме интересираше да одам на пилатес. Часовите беа доста посетени и популарни ,а почнуваа секогаш со една повторувачка серија на длабоко вдишување и полека издишување додека рацете ги движевме поооооолеееека нагоре па надоле. Еднаш, два пати, три пати..... Веќе на третиот пат почнуваше да ме фаќа нервоза. Абе не може само да си дишиме нормално и да го забрзаме процесот со рацеве? Горе, доле набрзина дур дишеме и готово? Фрустрацијата растеше со секоја следна баааааааавна вежба на истегнување. После едно 3- 4 часа се откажав. Бев далеку понервозна после часот отколку пред часот. А, нели треба да ти даде енергија и да те релаксира?!

Кога се преселив во Осло си мислев јога да пробам. Тогаш живеев врата до врата со едно пилатес и јога студио. Кога насабајле почнав да ги гледам како доаѓаат во 6саат да дишат бавно, а сепак гласно во хор, се откажав од идејата. Не е тоа за мене. Нервозно ептен да слушаш како полецка дишат група луѓе поседнати на тоа чергичињата со нозете прекрстени и палецот и показалецот што оформуваат кругче. Не иде. Кога на колегите им ја објаснив мојата страна на гледање на јогата, ми рекоа дека баш тоа кажува колку ми треба јога во животот. Да ми ја смири внатрешната нервоза... абе ајде....

Еднаш дури и бев на јога. Ама така со многу ентузијазам отидов, решена да ми се свиѓа, ама чувствата брзо се сменија кога инстукторката почна да „намасте-ува„, па па тадасана, шавасана, па баласана и разни други „сани„ да ми реди. Не ме купи ама ич. Никаква релаксација не видов јас во тоа. Чиста нервоза само!

А за масажа секогаш сум мислела дека е царска работа. Само кога ќе го помислам зборот, една топлина ми поминува низ грб помешана со неодоливо чувство на уживанција. Се сеќавам како мала дека татко ми ме тереше да го газам. Што знае дете што е интерено?! Мене ми беше ептен кул да го газам, а он па си уживал без јас да знам. Сега јас така и викам на големата женска , а она исто мисли дека е тоа кул колку што јас мислев кога бев колку неа. Win-win!

А, секогаш кога имам план за одење накај Скопје си викам ќе си закажам масажа кај наши луѓе. Не знам зошто и како, ама така ми е секад планот. А, ретко кога закажувам. Кога ќе слетаме наеднаш ми го снемува времето за таму и немам никаки шанси да се дополни календарот со еден саат уживанција со масажа. Ама последните две одења во Скопје биднаа и масажи. Првиот пат, во март мајка ми само ми кажа дека ми закажала, па јас требаше само да се појавам. И се појавив. Ме упатија во темната собичка лагано и по малку романтично подосветлена од пламенот на свеќите наредени наоколу. Релакс масажа за цело тело имаш закажано, ми вика девојката. „Соблечи се и легни!-додава. „Ок„ викам и послушно ги здиплувам алиштата на столчето. Сакав да и кажам дека вака никогаш не сум правела со непознати, ама се спречувам во намерата. Може нема да ми го разбере хуморот низ маската па ке биде само awkward. 

Пуштаат некоја релаксирачка музика и почнуваат да масираат. Не една туку две девојки. Од време на време ги слушам како си шепкаат по нешто. Не зборуваат нормално за раатот да не ми го расипат, дека нели треба да се релаксирам. Оф, мори мајко.. 



4 раце по моите нозе, грб и рака се движат лесно низ 2 кила масло истурен низ мене. Едната рака се уште не е доопоравена од скршениците па таа ја оставаме на раат. Уххх...како бе да се релаксирам кога слушам ко да е зејтин во тавче за пржење- шљац, шљац на сите страни?! Сигурно и по земја капи....бљак... Они само си ја работат работата де...не е до нив. До мене е што не можам да уживам дури и кога е се наместено за уживање. После некое време се менуваат нивните раце со ролери или сукала со различни облици. Боли, корне, ама срам ми е да им кажам. Од толкава болка ми станува наеднаш многу смешно. Главата бутната во дупчето на масата за масирање, а јас се смеам низ маската, ама бесчујно. Они мислат телото ми се мрда од масажата, а јас уствари не можам да престанам да се смеам. Ама глас не испутам. Шљац, шљац тоа маслото, ака зејтин... хахаха.. 

Кога завршија со релаксирањето ми викаат да се полежам ако сакам. Јас само мислам како да си одам побрзо за да се истуширам дома. Кожава да си ја одмастам, ако е тоа воопшто можно. :D

Следно одење во Скопје, пак за масажа се спремам. Овој пат закажуваме со сваќата. Двете заедно, тако звана тандем масажа. Она па касни. Дечкото на рецепција ми вика „Можеш да одиш во собата, ако сакаш„. „Не, ќе ја почекам другарка ми„ - му викам и слушам како на други начини може да се протолкува сето ова со тандем масажа со другарка. Хаха.. За крако се збираме двете и се упатуваме во собата. Таму исто, релакс музика и слабо, да не речам непостојачко светло. Од одма се релаксирам..NOT! :D 


Овој пат болка не почувствуавав. Ме испомазни, ко на галење да отидов, а не на масажа. Додека масира, т.е. ме гали мене мислите на сите страни. Што ќе се јаде после, што ми прават децата, во колку ќе треба да се разбудам утре за да ги стигнам сите договори за денот. Ни Р од релаксирање. На крајот па почнува да ми ја масира главата..или косата или што па јас знам. По културно сигурно се вика масажа на скалп, ама јас единствено за што се секирав е дали влакната ќе ми останат закачени за главата кога веќе се помирив со фактот дека ќе морам коса да мијам кога ќе дојдам дома. Дури се мислам дали ќе почне тоа маслото од коса да ми тече по фустан кога ќе се облечам.. Абе маки, викам јас..

За кратко пак за Скопје летам. Мореееее.. има да одам на масажа, па што сака нека биде. Има да се грчам од болка и да се смеам скришно се додека не научам да се релаксирам. Друго чаре нема!


Од една до друга скопска масажа,

Славица Савеска-Кењереш

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...