Дојде и тој ден. Норвешка пак ја подотворија и на службениот маил стигна известување дека раководителите сакаат вработените полека да се враќаат во канцеларија. Не секој ден де, ама по некој ден во неделата.
Од една страна некои пеперутки во стомак ми заигруваат..некоја чудна возбуда, како кога ќе одиш назад на старо и драго место, ама сепак не знаеш што ќе сретнеш зошто поминало многу време од последната средба. Оваа мојава последна средба беше пред скоро две години. Добро де, имав по неколку пати отидено до канцеларија, ама со оглед на тоа што можат тие посети да се бројат на прсти, не ги ни рачунам дека се случиле. Назад во канцеларија после две години...it is beginning of a new era. Кога малку повеќе размислив што значи ова, ме фати паника измешана со жал и некое безвезно чувство на лоша мајка. Ќе морам да го оставам 9-месечното црвче цел ден. Имам чувство на вина што не избледува. Нејсе, се концентрирам на практичните работи. Вечерта си спремам доручек overnight oats, па вадам фустан за облекување, местам накит и обезбедувам доволно млеко за малава женска. После ја местам ташната: еден пар слушалки, книга, чадор, маска. Утрото станувам екстра рано.. некако не сум уходана со работите, не знам колку ќе ми треба да се спремам... Во метрото ме среќава гужва, ама сепак има место за седнување и тоа без никој да е до тебе. Така се мери во денешно време гужвата. Порано беше гужва ако немаш кај да стоиш. Сега е гужва кога има луѓе што седат спроти тебе. Нови времиња и клаустрофобични и оттуѓени ние..
Влегувањето во канцеларија го доживувам како едно нерелано видео вратено од минатото. Се е исто, а сепак е толку различно. Канцеларијата е сменета, преградена и доградена. Масите се различно распоредени, а сепак воздухот исто мириса. Како дома да сум си, ако во домава не сум била скоро 2 години. Дур дојде време за ручек, јас бев вратена до толку назад во канцеларија што се чувствував како да никогаш од дома да не сум ни работела. Мноогу чудно, и толку релаксирачки ослободувачко чувство на припадност.
После четири дена јавува владата целосно отварање на земјата. Нема веќе засилено тестирање, нема задолжително носење на маски, дури и изолацијата по позитивен тест ја направија изборна. Вечерта на спремање за работа додавам еден битен детаљ во ташна- најцрвениот кармин што постои! Да дречи кога веќе можеме слободно да се смееме! Штракнувам и една слика утрото. Да си го забележам денот де, ќе биде интересно за некоја година да си се присетам што сум правела, а богами и како сум изгледала.
Белите влакна не станаа помалку од прошлиот пат. Си викам, може кога ќе потпораснат, ќе можам полесно да ги кријам низ коса. Вака штрчат ко радознали комшии на тераса. Може веќе треба да воведувам фарбање на коса, ама овој пат не за зафрканција и за стил, туку за потреба. Ете и за роденденот, кога полнев 35 години, ми подарија крема против брчки. Тоа се тие години, кога полека, а сепак видно почнуваме физички да пропаѓаме. Ако, за арно да е. Стареењето не е забавно, ама спротивната опција, не ми е опција.
А, во метро не има секакви наутро. Некои со морка коса, некои неисчешлани, а некои со гел и восок. Една мижи и медитира, или спие или појма немам што прави. Друг (сигурно е наш човек, го познавам по фаца), ко мене си доручкува. Една ги помина 3 вагони дур да и се погоди местото за седнување. Еден седи дисциплинирано со прекрстени нозе, а една залегнала на седиштето ко у дневна да си е. Јас се наместувам удобно и си вадам книга за читање.
Проаѓам неколку страни и погледот ми зашетува низ вагонот. Најчесто се сите зазјапани во телефоните, ама овој пат пријатна глетка ми мами насмевка на лице. Тројца од најблиските патници се се книги во рака. Секогаш ме интересирало што читаат. Не ретко сум се загледувала за бар насловот да го ѕирнам. Овој пат не успевам ни збор да претпоставам. Ех, да си ги носев наочарите може нешто и ќе уловев. Баш убаво ми доаѓа на душата. Се чувстувам како припадник на некое вниматено одбрано и тајно друштво. Ја подзакривам насловната страна на мојата книга и се надевам дека розевата основа нема да поттикне некој да се загледа и да го види насловот. Зошто насловот на книгата е, ни помалку ни повеќе туку "Остави ја мама да к..а на раат". Such a bummer!
Од дома до канцеларија,
Славица Савеска-Кењереш