Еве ја и оваа 2021година се спрема да кидне. Некој сигурно посакува усвет да фати, ама мене 2021 година ми донесе многу радости. Така некако беше и за 2020та. Покрај целата тапа атмосфера со корона и зафрканции нас на домашен терен ни се случија многу големи новости и радости, и поради сето тоа јас со насмевка на лицето ја испраќам старава и ја чекам новата 2022ра.
2021ва ја започнавме со средување и аклиматизирање во новиот стан додека стомакот засилено растеше. Јас работев од дома, па имав можност да носам и земам од градинка на паузи и да поминувам време со женската која полека се спремаше да биде прваче. Па во мај, точно на терминот, на националниот празник на Норвешка ни дојде малечката женска. Нежно, слатко бебенце околу кое ни се врти целиот свет не само на нас големите, туку и на гордата голема сестра. Неколку недели подоцна ни дојде на гости и Госпоѓа Корона, ама ние убаво ја дочекавме и уште поубаво ја испративме, на нога што се вика. Летото ни помина со уживанции на плажа и безделничење, а во август веќе љиљаковиот школски ранец го обесивме на мелечкото телце кое по малку срамежливо, но решително и со насмеано лице зачекори во школскиот двор. Голема промена за мајкава, која ако би можела да бира би избрала времето да оди побавно, а по можност и да се врати некоја година наназад кога се тргнуваше во градинка, а не во школо. Јас и малечката женска тркнавме до Скопје, по „работа„ измешана со задоволство. Женската од 3 месеци беше примерно, умно, слатко, насмеано и неодоливо бебе и не се бунеше што мораше да одлежи 3 и кусур саати во авион. Во октомври веќе направивме сите 3 женски една тура која беше стриктно резервирана за уживање во Скопје. Големава женска едвај ја спакував за да си одиме од Скопје. Уште од сега ми најавува дека кога ќе пораснела ќе отишла да живее во Скопје, а јас сум морала сама за мене да си решам што ќе правам. Ах, бе душа мајкина. И недостасуваше многу да патува, а посебно да се дружи со фамилија. Година и пол никого немаше видено, а беше навикната барем два пати годишно да отидеме до Скопје плус низ годината да ни дојде по некој на гости. Годинава ја завршивме со еден зимско/летен одмор во Малага каде јас го заокружувам пострудничкото уживање со малата женска. Веќе од првиот ден од новата 2022година се враќам на работа. Ете така од прилика беше 2021 за мене.
Мислим, не читај до толку буквално кога викам дека ја чекам 2022ра. Еве ме во дневна со лаптопот во скут и дотерана во тренерки и маица од студентски фестивал. Така као ја чекам новата. Децата заспаа во нормално време денеска. Сестра ми прееска на Viber ја с"скаше поголемата дека мора да ја чека новата година, никако да не заспие пред да дојде полноќ. Хаха.. се смеев јас додека го правев планот да досуредам низ дневна пред да ја истуширам и да ја легнам. Од сите 6 нови години во нејзиниот живот само за првата ја разбудија огнометите. Сите останати квалитетно си ги преспа и не ги примети. Лани комшијата имаше цела тезга пиротехника купено, ама џабе, ништо не и го поремети сонот. Ќе видиме како ќе ја дочека првата нова година најмалата женска, а и големава дали ќе ја разбуди нешто.
Негде читав дека тоа што ќе правиш на 31ви декември ќе одреди каква ќе ти биде следната година. Јас денеска спиев до 8.30ч, па се гушкав во кревет со малата женска, пред да ни се придружи големата женска на уште една доза гушкање. Доручек и пазарење, па дораспакување од одморот и перење и чистење низ дома. So far so good! После удривме една доза сликање пред елка. Сега си седам и пишувам, па ако поминам добар дел од 2022 во пишување so be it. Годинава се утепав желење како во дневната ми е темно и дека ни треба друго осветлување. Единствениот претставник од машкиот пол дома кај нас денеска ги спроведе новите сијалици, така да дневната ми блешти. Ти викам ја, светла ќе е 2022ра ;)
Од среќна стара во среќна нова година,
Славица Савеска- Кењереш