Роденден is the best! Како може да не го сакаш и да не го чекаш кога е твој ден?! Од сите други денови во годината, ете баш тој, еден е твој и само твој, посебен роден ден. Мајка ми секоја година ми се јавува еднаш наутро и еднаш во 20 за 4. Тогаш сум го здогледала светлото на денот. 23. Април. Баш убав датум.
Јас од секогаш сум се доживувала себеси како многу постара, да не речам позрела од што сум била по години. Сега некако ептен станав голема (во обем) , а богами и стара. Пред неколку месеци ги забележав првите квалитетно бели влакна во коса. И тука напред дојдоа пустите, на сред чело паѓаат, да не можеш да ги утнеш. Ништо, што ќе се прави, ќе морам косата на патец ама од страна да ја терам. А, тие па упорни само нагоре одат, не се скротуваат лесно. Како да сакаат да најават дека големи промени се на повидок да се случат. Ако, за арно и за убаво нека е.
Овогодинешниот роден ден, 35ти, ми започнува со изненадување пред врата. Колегите ми порачале доручек и фино го обележале со балон со хелиом со испишано Happy birthday на него. Подоцна следуваат милиони гушки по дома, внимателно изработени алки и прстени, рачно испишани честитки , цртежи. Еден од цртежите дури го спремала скришно во градинка. Ние во новиот проширен состав. Па дури и напишала честитка. Се топам..
Овој роденден го прославувам како последен ден на работа пред труднично исчекување. Така се погоди, баш на роденден. 3 недели до термин ... ме фаќа паника уште одамна. Не толку за самите могучасовни вриштења, туку за се пред и уште повеќе за се после тоа. Овој пат имаме и една женска по дома која треба да ја мислиме и да ја сместиме на сигурно додека се одвива целиот болнички престој. Тука сме размазени, па таткото не само што е дел од целата дешавка, туку и останува на спиење за целиот престој на мајката и бебето во болница. Добро де, така беше пред светот да се преврти на глава, сега како ќе биде никој не знае.
Ги правам последните проверки на маил. Се е во ред. Им праќам на колегите 10тина документи со објаснување за процесот на извршување на моите одговорности во фирмата. Го пишувам и автоматскиот маил кој ќе се испраќа на сите што во моето отсуство ќе ми испратат порака. Како наближува моментот, ме фаќа повеќе паника. Не можам да се сконцентрирам за нешто вистински да сработам цел ден. Мислите летаат на сите страни и не успеваат да се фокусираат на ништо. На телефонот отварам подесување на аларм. Понеделник до петок, аларм во 6.40ч/ избриши/ ок. Ете и тоа е завршено. Сега што? Слушам вратата се отвара, стигнуваат веќе дома од работа и градинка. Се одлогирам од програмот на работа, го гасам компјутерот и одам на гушкање, ручек и торта. Среќен 35ти to myself! ;)
