Tuesday, February 16, 2021

Душа ширум отворена во епизодата „Новости„

Од март 2020 па до сега, на многу наврати се обидувам да бидам смирена во однос на целава ситуација. Некогаш успева повеќе, некогаш помалку. Вести не гледам, од тоа лесно може човек да се дистанцира, ама од наслови и текстови на фб не сум се оттарасила. Со вакви линкови почнува денот, со такви завршува. И нив скоро и да не ги читам. Нема фајде од секирање, си зборувам на себе, ама ретко кога успевам да си го следам советот која сама си го давам. Во декември беше најизговарана реченицата „Ајде само да заврши оваа 2020„ . Као демек кога ќе помине 2020 и ќе дојде 2021, сите ќе се испогушкаме и избациме на плоштад и ќе се вратиме на нормалното дружење. Ништо од наведеново не се случи. Дури и бетер испадна, со нови „варијанти„ и нови зафрканции.

Во 2020 меѓу другото ми се случија две ГОЛЕМИ работи. После 1години разгледување огласи, посетување станови и истражување на населби, падна големата одлука и купивме стан. 8 години поминавме под нечии кровови. Време беше да нога ни стапне во нешто наше. До душа само дел од тоа наше е вистински наше зошто банката поседува голем дел од него, ама тие се ептен фини, па делот што е нивни ни го позајмуваат дур не им го исплатиме :D Сепак за нас беше со денови скроз нереално дека конечно купивме стан. Кога им го покажавме виртуелно станот на нашите во Скопје, сите ко договорени ни искоментираа „Ајде па третата спална соба да ја пополните„. Кој да знаеше дека за неполн месец ќе дознаеме дека четвртиот член на семејството е веќе на пат. 



За првата бременост два пати летнав до Скопје. Првиот пат да им ја соопштам големата новост, а вториот пат за да се пофалам со стомакот. Стомакот овој пат само на Viber го покажувам. Ракцијата е иста кај сите. „Машала„ по добар „македонски„ јазик, ќе кажат. Тоа така е културно, иначе на сите првиот збор кој им се врти во глава, ама кој успешно не го изговараат е „Лелееее„. Не ме гледаат често во стомак, па растењето доаѓа изненадно. :D Јас уште од сега во 7ми месец се осеќам како кит. Ама сепак е среќен овој китов. Најмилата моја ќе си добие сестричка. Од една, ќе одиме на две најмили женски што ќе скокаат низ дома, ќе не нервираат, ќе ни се качуваат на глава и ќе ни играат по живци, ама и ќе не смеат, ќе не радуваат и ќе ни ја исполнуваат душата со милина. Чудно е..се уште не можам да си го замислам новото секојдневие кое не чека. А, уште почудно е што кога ќе дојде, за миг ќе заборавам како ми било сегашното секојдневие. Таа способност да се приспособуваме на новите ситуации е веројатно најважната особина што ни помага да животот го живееме, а не да чезнееме за изминатото.

За 2020 имавме големи планови за шетање. 2020 и првата половина од 2021 ни беа испланирани да ги поминеме што е можно повеќе на пат, зошто од август 2021 женскава по дома ќе почне во школо, па тогаш нема да ни е оставена опцијата да фатиме авион до топли краеви кога ќе ни се посака. Ама, ете ништо од тие планови. Во последниве 8 години откако не живеам во Скопје редовно патував од оваа дома до првата дома. Статистиката вика дека во просек барем 3 пати годишно сум била во Скопје. Најчесто на по една недела, ама имало и подолги посети. Се според можност, ама како дадаено беше дека во годината неколку пати ќе се летне до доле. Во 2020 арно што и успеавме еднаш да отидеме, баш пред светов да се затвори. Среќа! Лани баш на денешен ден бев во Скопје на мала surprise party за роденденот на една од моите СЕстри.  Во 2021 за жал моја нога на тоа тло нема да стапне. Здравје догодина ќе надокнадуваме.

Тројцата сакаме многу да патуваме. Господ ни даде во изминативе години и можност да патуваме многу. Некои години имавме и по 5 заеднички патување во годината, што до Скопје на домашен терен, што во некоја до тогаш непосетена земја или град. За роденденот на мојата најмила последниве 2 години бевме на далечни дестинации. Си поставивме желба да ни биде традиција, нејзиниот зимски роденден да го прославуваме на топло, со сладолед на плажа. Оваа година нит топло видовме, нит со сладолед се почастивме за роденденот. Торта имаше, а роденден прослави во градинка. Со недели ги бореше деновите до роденденот. Неколку дена пред денот ми кажа дека друго дете во нејзината група има роденден на ист ден со неа. Туууу..си помислив, нејзинот ден ќе мора да го дели со друго дете, нема да е посебен ден кога само неа ќе и пеат родендеска песна и ќе ја фрлаат во воздух 6 пати, за 6тиот роденден. Таа пак целата насмеана ми вика: „Многу ќе е возбудливо мама. Ќе седиме една до друга на роденденски столчиња и ќе ни пеат сите на нас„. Ја слушав и си го осудував мојот примитивен начин на размислување. Како и кога сум заборавила дека славењето е поголемо ако се подели со некој?! 

Еве веќе вториот месец од 2021 изминува, а мене не ми изгледа дека во некое блиско време ќе не пуштат да живееме нормално. За еден месец ќе направам и една година откако работам од дома. Шминките ќе ми се испорасипат, на облеката што ја имам во шкаф, ќе и помине модата, штиклите си фаќаат прашина. Ништо не е ко што беше, а јас не успевам да го видам крајот на новово секојдневие. Ама јас секој ден, дури и во оние најпесимистичките денови, сум свесна и сум благодарна за се што имам. Затоа што ми е фамилијата здрава и жива, затоа што имам работа и сигурни примања, затоа што имам кров над глава и храна на маса, затоа што имам со кого да се карам , затоа што имам со кого да се смеам, затоа што имам кој да ми ја наполни кадата со топла вода и да ми остави време да уживам сама со себе. 

Пред некое време ми излезе на фб една од првите слики заедно со мојата најмила, направена само неколку саати по моментот кога дојде на свет. Толку малечка, лице скоро половина од мојата дланка ..ми доаѓаат наеднаш солзи во очите..мора да е од хаосот од хормони кој владее во моето тело. Една друга ваква мала среќа се создава во мене..волшебно...


На патот од една среќа до две среќи,

Славица Савеска-Кењереш

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...