Friday, December 31, 2021

во епизодата „Кога старата година си оди, а новата доаѓа„

Еве ја и оваа 2021година се спрема да кидне. Некој сигурно посакува усвет да фати, ама мене 2021 година ми донесе многу радости. Така некако беше и за 2020та. Покрај целата тапа атмосфера со корона и зафрканции нас на домашен терен ни се случија многу големи новости и радости, и поради сето тоа јас со насмевка на лицето ја испраќам старава и ја чекам новата 2022ра. 

2021ва ја започнавме со средување и аклиматизирање во новиот стан додека стомакот засилено растеше. Јас работев од дома, па имав можност да носам и земам од градинка на паузи и да поминувам време со женската која полека се спремаше да биде прваче. Па во мај, точно на терминот, на националниот празник на Норвешка ни дојде малечката женска. Нежно, слатко бебенце околу кое ни се врти целиот свет не само на нас големите, туку и на гордата голема сестра. Неколку недели подоцна ни дојде на гости и Госпоѓа Корона, ама ние убаво ја дочекавме и уште поубаво ја испративме, на нога што се вика. Летото ни помина со уживанции на плажа и безделничење, а во август веќе љиљаковиот школски ранец го обесивме на мелечкото телце кое по малку срамежливо, но решително и со насмеано лице зачекори во школскиот двор. Голема промена за мајкава, која ако би можела да бира би избрала времето да оди побавно, а по можност и да се врати некоја година наназад кога се тргнуваше во градинка, а не во школо. Јас и малечката женска тркнавме до Скопје, по „работа„ измешана со задоволство. Женската од 3 месеци беше примерно, умно, слатко, насмеано и неодоливо бебе и не се бунеше што мораше да одлежи 3 и кусур саати во авион. Во октомври веќе направивме сите 3 женски една тура која беше стриктно резервирана за уживање во Скопје. Големава женска едвај ја спакував за да си одиме од Скопје. Уште од сега ми најавува дека кога ќе пораснела ќе отишла да живее во Скопје, а јас сум морала сама за мене да си решам што ќе правам. Ах, бе душа мајкина. И недостасуваше многу да патува, а посебно да се дружи со фамилија. Година и пол никого немаше видено, а беше навикната барем два пати годишно да отидеме до Скопје плус низ годината да ни дојде по некој на гости. Годинава ја завршивме со еден зимско/летен одмор во Малага каде јас го заокружувам пострудничкото уживање со малата женска. Веќе од првиот ден од новата 2022година се враќам на работа. Ете така од прилика беше 2021 за мене. 



Мислим, не читај до толку буквално кога викам дека ја чекам 2022ра. Еве ме во дневна со лаптопот во скут и дотерана во тренерки и маица од студентски фестивал. Така као ја чекам новата. Децата заспаа во нормално време денеска. Сестра ми прееска на Viber ја с"скаше поголемата дека мора да ја чека новата година, никако да не заспие пред да дојде полноќ. Хаха.. се смеев јас додека го правев планот да досуредам низ дневна пред да ја истуширам и да ја легнам. Од сите 6 нови години во нејзиниот живот само за првата ја разбудија огнометите. Сите останати квалитетно си ги преспа и не ги примети. Лани комшијата имаше цела тезга пиротехника купено, ама џабе, ништо не и го поремети сонот. Ќе видиме како ќе ја дочека првата нова година најмалата женска, а и големава дали ќе ја разбуди нешто.

Негде читав дека тоа што ќе правиш на 31ви декември ќе одреди каква ќе ти биде следната година. Јас денеска спиев до 8.30ч, па се гушкав во кревет со малата женска, пред да ни се придружи големата женска на уште една доза гушкање. Доручек и пазарење, па дораспакување од одморот и перење и чистење низ дома. So far so good! После удривме една доза сликање пред елка. Сега си седам и пишувам, па ако поминам добар дел од 2022 во пишување so be it. Годинава се утепав желење како во дневната ми е темно и дека ни треба друго осветлување. Единствениот претставник од машкиот пол дома кај нас денеска ги спроведе новите сијалици, така да дневната ми блешти. Ти викам ја, светла ќе е 2022ра ;)


Од среќна стара во среќна нова година,

Славица Савеска- Кењереш

Thursday, August 19, 2021

во епизодата „Hakuna matata"

По карактер не сум некој авантуриста. Најудобно ми е кога се е исто како што секогаш било. Кога нема промени, кога се е познато и предвидливо. Ама ретко што е предвидливо во животот.. освен една работа.. Батали црни муабети, друго ми е поентата. 

Малава голема женска го имаше третиот ден во школо. Во 14ч требаше да ја земеме, а претходно испланиравме една шетња по продавници за да се докупат последните поклони за пред пат. На google maps најдов еден друг пат по кој можевме побрзо да стигнеме до школо од трговскиот. Тргнавме и одевме, и одевме и одевме. Пресметката на Google беше дека за 40минути ќе стигнеме. Релацијата вака едноставна ми се чинеше. После 20минути што да видам, треба да се качиме на мост над улицата. Три пара стрмни скали со по 30 скалила. Хорор...ние со количка и малата женска во кенгур. Се врткам и се премислувам..касно е да се враќаме назад пешки, а уште па пострашно да продолжиме по патот. Наеднаш ладен млаз пот ми го обвива телото... се врткам и барам решение, а не го гледам. Ништо, ќе барам такси.

Се паркираме со количката до една автобуска станица. Вртам на такси, а они па ме прашуваат за адреса, зошто не застанувале на автобуска станица. WTF!!! Додека се расправам со диспечерката дека немам адреса, ама имам бебе со мене и дека ќе треба седиште за нејзе.. се појавува автобус. Со брзина на светлината се укрцаваме. Нит карта имам нит бутур, ама тоа е помалку битно. Немам ни телефон во школо за да кажам дека ќе каснам. Додека го контактирам повторно Google за телефонски број и вртам веќе стигавме на крајната станица на автобусот. Од таму трчанката да го фатиме следниот автобус кој веќе почнува да се придвижува. Внатре купувам online карти и брцнувам да го земам новчаникот. Го нема на местото каде секогаш го ставам. Паника ме обзема зошто имам документи кои ми требаат за на пат и кои нема шанси да ги извадам повторно ако сега исчезнат. Немам време да барам.. за 3минути  сум веќе стигната на станицата додека другите продолжуваат накај дома. Саатот е точно 14. Низ глава ми се вртат какви се не мисли. Каква мајка сум јас, кога на трет ден од школо не стигнува да ја земе ќерката на време. Се обвинувам што лошо сум испланирала, што тргнавме касно накај школо, што баш денеска најдов да одам по непознат пат..се обвинувам за се. Such a failure!

Излегувам од автобусот и почнувам да трчам панично. Не сум трчала добри година и пол. После пораѓај дури и ми е страв да трчам. Се чувствувам толку зар'ѓано што мислам дека ќе се распаднам ако малце побрзо одам, а не па да трчам. Ама сега трчам ли трчам. Ме заболува стомакот, ама пак трчам. Си мислам дека што помалку каснам, толку полесно ќе ми биде да си простам што воопшто се ставив во позиција да каснам. Стигнувам во школскиот двор и забрзано одам накај зградата. Се јавувам дома за да прашам дали се било ок со малата женска. Веќе стигнале и се било ок. „А новчаникот? Во кесата со поклони да не е ?„-  прашувам. „Сега да проверам„ - слушам од другата страна на телефонот. „Еве тука е. Еден розев така? Hakuna matata што му пишува?„ 



Добро е.. таму бил. Додека спуштам пред очи ми доаѓаат Пумба и Тимон со Симба во позадина. Hakuna matata.. it means no worries for the rest of your days, it is our problem-free  philosophy... Влегувам во училница каде е веќе почната целодневната настава. Големата женска седи слатко на столчето со лицето потпрено на дланките. Среќа мајкина,.. душава ми се стопли кога ја видов..ми се стрчува во прегратка .. Додека ја гушкам заборавам на целата фрка во последниот саат. Such a medicine.. „Извини што закаснив.„ - и кажувам. „Не знаев дека касниш, ама ми кажа учителката. Ако, јас бев на целодневна„ - ми враќа.. Hakuna matata...

Friday, April 23, 2021

..во епизодата „Роден ден„

Роденден is the best! Како може да не го сакаш и да не го чекаш кога е твој ден?! Од сите други денови во годината, ете баш тој, еден е твој и само твој, посебен роден ден. Мајка ми секоја година ми се јавува еднаш наутро и еднаш во 20 за 4. Тогаш сум го здогледала светлото на денот. 23. Април. Баш убав датум. 

Јас од секогаш сум се доживувала себеси како многу постара, да не речам позрела од што сум била по години. Сега некако ептен станав голема (во обем) , а богами и стара. Пред неколку месеци ги забележав првите квалитетно бели влакна во коса. И тука напред дојдоа пустите, на сред чело паѓаат, да не можеш да ги утнеш. Ништо, што ќе се прави, ќе морам косата на патец ама од страна да ја терам. А, тие па упорни само нагоре одат, не се скротуваат лесно. Како да сакаат да најават дека големи промени се на повидок да се случат. Ако, за арно и за убаво нека е.

Низ годините, на родениот ми ден, ми се случија 2 работи кои целосно ми го променија животот. На денот на мојот 26ти роденден добив еден посебен меил со кој ме поканија да бидам дел од 1годишен проект во Осло. Се после е само надоврзување на парчињата од мозаикот наречен преселба во Норвешка. На 28миот ми роденден пак магично се појавија две цртки на едно стапче кои ја најавија неа, мојата најмила.

Овогодинешниот роден ден, 35ти, ми започнува со изненадување пред врата. Колегите ми порачале доручек и фино го обележале со балон со хелиом со испишано Happy birthday на него. Подоцна следуваат милиони гушки по дома, внимателно изработени алки и прстени, рачно испишани честитки , цртежи. Еден од цртежите дури го спремала скришно во градинка. Ние во новиот проширен состав. Па дури и напишала честитка. Се топам.. 



Овој роденден го прославувам како последен ден на работа пред труднично исчекување. Така се погоди, баш на роденден. 3 недели до термин ... ме фаќа паника уште одамна. Не толку за самите могучасовни вриштења, туку за се пред и уште повеќе за се после тоа. Овој пат имаме и една женска по дома која треба да ја мислиме и да ја сместиме на сигурно додека се одвива целиот болнички престој. Тука сме размазени, па таткото не само што е дел од целата дешавка, туку и останува на спиење за целиот престој на мајката и бебето во болница. Добро де, така беше пред светот да се преврти на глава, сега како ќе биде никој не знае.

Ги правам последните проверки на маил. Се е во ред. Им праќам на колегите 10тина документи со објаснување за процесот на извршување на моите одговорности во фирмата. Го пишувам и автоматскиот маил кој ќе се испраќа на сите што во моето отсуство ќе ми испратат порака. Како наближува моментот, ме фаќа повеќе паника. Не можам да се сконцентрирам за нешто вистински да сработам цел ден. Мислите летаат на сите страни и не успеваат да се фокусираат на ништо. На телефонот отварам подесување на аларм. Понеделник до петок, аларм во 6.40ч/ избриши/ ок. Ете и тоа е завршено. Сега што? Слушам вратата се отвара, стигнуваат веќе дома од работа и градинка. Се одлогирам од програмот на работа, го гасам компјутерот и одам на гушкање, ручек и торта. Среќен 35ти to myself! ;)

Tuesday, February 16, 2021

Душа ширум отворена во епизодата „Новости„

Од март 2020 па до сега, на многу наврати се обидувам да бидам смирена во однос на целава ситуација. Некогаш успева повеќе, некогаш помалку. Вести не гледам, од тоа лесно може човек да се дистанцира, ама од наслови и текстови на фб не сум се оттарасила. Со вакви линкови почнува денот, со такви завршува. И нив скоро и да не ги читам. Нема фајде од секирање, си зборувам на себе, ама ретко кога успевам да си го следам советот која сама си го давам. Во декември беше најизговарана реченицата „Ајде само да заврши оваа 2020„ . Као демек кога ќе помине 2020 и ќе дојде 2021, сите ќе се испогушкаме и избациме на плоштад и ќе се вратиме на нормалното дружење. Ништо од наведеново не се случи. Дури и бетер испадна, со нови „варијанти„ и нови зафрканции.

Во 2020 меѓу другото ми се случија две ГОЛЕМИ работи. После 1години разгледување огласи, посетување станови и истражување на населби, падна големата одлука и купивме стан. 8 години поминавме под нечии кровови. Време беше да нога ни стапне во нешто наше. До душа само дел од тоа наше е вистински наше зошто банката поседува голем дел од него, ама тие се ептен фини, па делот што е нивни ни го позајмуваат дур не им го исплатиме :D Сепак за нас беше со денови скроз нереално дека конечно купивме стан. Кога им го покажавме виртуелно станот на нашите во Скопје, сите ко договорени ни искоментираа „Ајде па третата спална соба да ја пополните„. Кој да знаеше дека за неполн месец ќе дознаеме дека четвртиот член на семејството е веќе на пат. 



За првата бременост два пати летнав до Скопје. Првиот пат да им ја соопштам големата новост, а вториот пат за да се пофалам со стомакот. Стомакот овој пат само на Viber го покажувам. Ракцијата е иста кај сите. „Машала„ по добар „македонски„ јазик, ќе кажат. Тоа така е културно, иначе на сите првиот збор кој им се врти во глава, ама кој успешно не го изговараат е „Лелееее„. Не ме гледаат често во стомак, па растењето доаѓа изненадно. :D Јас уште од сега во 7ми месец се осеќам како кит. Ама сепак е среќен овој китов. Најмилата моја ќе си добие сестричка. Од една, ќе одиме на две најмили женски што ќе скокаат низ дома, ќе не нервираат, ќе ни се качуваат на глава и ќе ни играат по живци, ама и ќе не смеат, ќе не радуваат и ќе ни ја исполнуваат душата со милина. Чудно е..се уште не можам да си го замислам новото секојдневие кое не чека. А, уште почудно е што кога ќе дојде, за миг ќе заборавам како ми било сегашното секојдневие. Таа способност да се приспособуваме на новите ситуации е веројатно најважната особина што ни помага да животот го живееме, а не да чезнееме за изминатото.

За 2020 имавме големи планови за шетање. 2020 и првата половина од 2021 ни беа испланирани да ги поминеме што е можно повеќе на пат, зошто од август 2021 женскава по дома ќе почне во школо, па тогаш нема да ни е оставена опцијата да фатиме авион до топли краеви кога ќе ни се посака. Ама, ете ништо од тие планови. Во последниве 8 години откако не живеам во Скопје редовно патував од оваа дома до првата дома. Статистиката вика дека во просек барем 3 пати годишно сум била во Скопје. Најчесто на по една недела, ама имало и подолги посети. Се според можност, ама како дадаено беше дека во годината неколку пати ќе се летне до доле. Во 2020 арно што и успеавме еднаш да отидеме, баш пред светов да се затвори. Среќа! Лани баш на денешен ден бев во Скопје на мала surprise party за роденденот на една од моите СЕстри.  Во 2021 за жал моја нога на тоа тло нема да стапне. Здравје догодина ќе надокнадуваме.

Тројцата сакаме многу да патуваме. Господ ни даде во изминативе години и можност да патуваме многу. Некои години имавме и по 5 заеднички патување во годината, што до Скопје на домашен терен, што во некоја до тогаш непосетена земја или град. За роденденот на мојата најмила последниве 2 години бевме на далечни дестинации. Си поставивме желба да ни биде традиција, нејзиниот зимски роденден да го прославуваме на топло, со сладолед на плажа. Оваа година нит топло видовме, нит со сладолед се почастивме за роденденот. Торта имаше, а роденден прослави во градинка. Со недели ги бореше деновите до роденденот. Неколку дена пред денот ми кажа дека друго дете во нејзината група има роденден на ист ден со неа. Туууу..си помислив, нејзинот ден ќе мора да го дели со друго дете, нема да е посебен ден кога само неа ќе и пеат родендеска песна и ќе ја фрлаат во воздух 6 пати, за 6тиот роденден. Таа пак целата насмеана ми вика: „Многу ќе е возбудливо мама. Ќе седиме една до друга на роденденски столчиња и ќе ни пеат сите на нас„. Ја слушав и си го осудував мојот примитивен начин на размислување. Како и кога сум заборавила дека славењето е поголемо ако се подели со некој?! 

Еве веќе вториот месец од 2021 изминува, а мене не ми изгледа дека во некое блиско време ќе не пуштат да живееме нормално. За еден месец ќе направам и една година откако работам од дома. Шминките ќе ми се испорасипат, на облеката што ја имам во шкаф, ќе и помине модата, штиклите си фаќаат прашина. Ништо не е ко што беше, а јас не успевам да го видам крајот на новово секојдневие. Ама јас секој ден, дури и во оние најпесимистичките денови, сум свесна и сум благодарна за се што имам. Затоа што ми е фамилијата здрава и жива, затоа што имам работа и сигурни примања, затоа што имам кров над глава и храна на маса, затоа што имам со кого да се карам , затоа што имам со кого да се смеам, затоа што имам кој да ми ја наполни кадата со топла вода и да ми остави време да уживам сама со себе. 

Пред некое време ми излезе на фб една од првите слики заедно со мојата најмила, направена само неколку саати по моментот кога дојде на свет. Толку малечка, лице скоро половина од мојата дланка ..ми доаѓаат наеднаш солзи во очите..мора да е од хаосот од хормони кој владее во моето тело. Една друга ваква мала среќа се создава во мене..волшебно...


На патот од една среќа до две среќи,

Славица Савеска-Кењереш

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...