Веќе неколку
недели на работа се подспомнуваше вирусот. Кога и некој да се закашлаше одма му
препишувавме корона дијагноза. Па, се смеевме. После почнаа да се јавуваат први
случаи на заразени пациенти. Пак се смеевме. Почнуваа полека да затвараат
граници. Тогаш јас единствено за што се секирав беше да не не можеме да отидеме
на планираниот одмор на Мајорка во април. После неколку дена јавивија дека од
следниот ден се затворени градинките и училиштата. Наеднаш скроз друга
атмосфера на работа. Сите од далеку само се поздравуваме. Никој кај никого не му
се доближува. Комуницираме само преку Teams. Од време на
време само некој ќе стане и ќе отиде да си ги премачка рацете со антибактериски
крем. Следниот ден веќе сите почнуваме да работиме од дома.
Првите неколку
недели некако и убаво на душата. 8часа на работа, ама сепак цел ден со неа. Ми
трча низ соба, скока, се превртува, игра, пее, бара нешто и не наоѓа, па се
жали и плаче. Следниот миг веќе се смее, ми раскажува нешто и доаѓа до мојата
работна маса само за да ме бацне. Убавини. Работам, а ја слушам што мудрости
смислува и се смеам. Си велам, благословена сум што ја задржав работата и што
можам да работам од дома, да работам, а сепак да ја гледам цел ден. Некако ми
изгледа како и на нејзе да и годи целата работа. Си наоѓа сама занимации, по
цели денови сади и пресадува цвеќиња во двор, прави торти од кал, песок и креди
и се растрчува на сите страни. За градинка не прашува нешто посебно. Зафатена е
со следење мравки низ трева и бегање од пчели.
Сѐ некако е
поедноставно, денот е мирен и сталожен. Утрото од кревет, миење заби и одма сум
веќе на работа. Нема будење по пола саат, нема бунење дека мора да измие заби,
нема тегнење за облекување, нема молење да јаде и нема брзинско носење во
градинка и трчање до трамвај. Кога ќе
завршам со работа, само ќе го затворам компјутерот, и веќе сум дома, со неа и
слободна да правам што сакам. Нема чекање трамваи, гужвање со луѓе, секирање
дали ќе стигнам на време да ја земам од градинка, па и трчање кон градинка.
Нема бркање низ градинка, нема убедување да се облече и нема молење да си одиме
дома. Нема ниту брзање да се стигне часот по гимнастика, ниту пак пливањето.
Секој ден стигнуваат пораки за откажани дешавки. Бришам од календар полагања,
стоматолог, трчање штафета. Сѐ е на статус кво. Многу работи нема и некако мир
во глава ми е.
После неколку
недели работење во тренерки почнувам да чувствувам потреба да изгледам како
човек. Станувам како претходно во 6.30, вежбам, па се туширам. Се шминкам, ја
пеглам косата и се облекувам. Убаво ми доаѓа и оваа промена. Ќе се средам и
некако пријатно се чувствувам со самата себе.
На крајот на
април секогаш доаѓа и мојот роденден. Планирано беше да отпатуваме и да го
поминеме роденденскиот ден во Виена, а следниот веќе да заминеме за Белград и
да одиме на свадба во Панчево неколку дена подоцна. Откажани се летовите,
хотелите и плановите. Ништо од планирање. Сѐ е ставено на почек. Ама роденденот
не чека, тој дојде. Денот сепак поминува роденденски. Таа ме разнежнува со
гушкања и бакнежи, ми прави торти од земја и ми ја пее Happy birthday сто пати. Прославата ја заокружуваме со
роденденска фотосесија на плажа. Убаво ми е.
Ама почнува 10.
недела како сме сите дома и нешто понува да ме јаде од внатре. Место не ме
фаќа, а сепак ми изгледа како да ќе можам да спијам цел ден ако некој ме
остави. Да не морам да зборувам, да не морам да објаснувам, да не морам да
спремам и да суредувам, никој да не ме бара и никој да не го барам. Толку! Сѐ
само се подзакарувам со некој и ‘ржам по дома. Сѐ ми
смета. И кога ми помагаат и кога јас морам сѐ да правам, па дури и кога тие
нешто прават. Таа како секогаш, се вртка околу мене, ми дава и ми бара работи.
Колку и што ја сакам, си помислувам дека еден ден мир е лекот за мојава
растревожена душа. Откако ми прелетува мислата, во глава доаѓа една друга
прекорувачка мисла. Се чувствувам дека сум најлошата мајка на свет што сакам
одмор од неа кога таа со таква радост го дочекува секој 16ч кога завршувам со
работа. Сафра ме фаќа...
Треба да земам
некои документи од работа, ама некако шубе ми е да користам трамвај. Го качувам
точакот и го фаќам патот додека таа легнува да спие. Ветрот некако оштар ама пријатно
ме разладува. На почетокот брзам, ама кога стигнав покрај морето, малку ја
намалувам брзината и уживам во тишината и во помислата дека сум сама. Ми годи
прошетката. Иако сме секој ден излезени, не се чувствувам како да правиме нешто
друго освен што сме дома. Оваа прошетка ми го раздвижува и растерува немирот.
Ме ослободува од некоја напнатост за која не сум ни свесна дека ја имам.
Цел април беше планиран да го шетаме. Прво пропадна Австрија и Србија. После пропадна и одморот во Шпанија. Ова е втор пат да ни пропаѓа веќе букиран одмор на Мајорка. За трет пат не верувам дека ќе се осудиме да букираме. Нејсе, не се оди со глава во ѕид.. Ама авио компанииве, гледам почнале со летови. Уште и најавуваат поволности за менување датум на патување. Ние во октомври обично го фаќаме патот до првата дома.. За вечерва имаме план да планираме.




