Wednesday, September 18, 2019

"Славица Vs точакот„


Како мала имав еден црвен точак. Немам појма која марка беше, ниту дали беше некоја марка. Во тоа време беа хит BMX. Мојов не беше BMX, ама не е ни дека нешто ми правеше голема разлика што е. Се возеше и служеше, дур служеше, после ми се смали... добро де јас пораснав. Па накаде при крај на основно станаа популарни ролерките.  Штедев пари за нив веќе некое време, а кога дособрав 1200денари им кажав на моите дека сакам да си купам ролерки со нив. Отидовме со татко ми до Самопослуга у влез кај мене, подоцна Кам маркет и сегашен Жито маркет и он ги плати.1200денари си останаа во моето црвено лакирано новчаниче...радости. Љиљакови ролерки со пластични тркалца. Тогаш веќе излагаа оние со гумени тркалца што не се слушаа. Моиве ги слушаше цело маало, ама ич не му ја мислев. Се собиравме цела дружина на возење ролери. Кој филинг..ехее..уживање. Кога им помина модата на ролерките се возев само со градски превоз- и државен и приватен, зависи каде одев. Мајка ми уште од моја 18та година ме тераше да полагам за кола. „Земи си ја ти дозволата, па кога сакаш и каде сакаш ќе си одиш со кола, да не молиш да те возат. Јас частам„ -ми викаше мајка ми. Мене, па една желба за возење, да може во минус ќе отиде. Јас сакав само да одам, да шетам, не ми се возикаше нешто посебно. 

Завршив факултет, почнав да работам и си реков ајде и таа фешта да се заврши. Тогаш заработував, па реков сама ќе си платам. Положив тестови, положив и полигон, ама на градска 3 пати паѓав. Се на се цехот испадна неколку месечни плати и ни В од возачка дозвола. На последното паѓање веќе бев со сменета адреса на живеење во туѓина, па 4то полагање никогаш не бидна. 

Дури и да ја земев тука немаше да ми вреди. А тука во последниве 7 години се селевме 6 пати. Среќа градскиот превоз е составен од автобуси, трамваи, метроа, возови и бродови па кај и да бевме имаше добри алтернативи за стигнување каде и да ни требаше. Првото лето сепак добив на заем еден точак од едни пријатели дур беа они на одмор. Второ возење и прва удолница и ептен сочна средба на асфалтот и мојот образ. За втората средба со асфалтот има во епизодата "За мојата НајМила". Шта чеш, нече среча поштеног човека.

Лани се погоди лето и пол. Кога почна да стоплува во јули почна да се оди на плажа. Среќа плажата ни е блиску, па секој ден после работа одевме на една тура бањање пред спиење. Летото траеше до средина на септември. Стариот точак што беше као „за до овде/онде„ ептен се најде. Еднаш ме остави на сред пат, ама толку му беше душата кутриот. Кога дојде ова лето си реков ајде некој асален точак. Згора на тоа и сменив работа, па реков ајде летово да се возам до работа. Точакот неколку дена седеше спремен пред врата за возење. Понеделник 24 јуни, во 6.30ч спремна со хеланки, кацига, ракавици ја направив првата фотка со мојот нов точак и тргнав накај теретана. Веќе во 6.31ч лежев на асфалтот на буквално истата точка каде и последен пат паднав. Not again! Нејсе..станав и се подзачистив. Ништо не ме болеше премногу, ама шлемот пукнал на 3 места. Го кренав точакот и што ќе видам. Рачките искривени до даска. Пробувам да го исправам,ама не иде. Се вратив дома, го наштелуваа, па пак се качив. Баталив теретана и тргнав накај работа. Првата тура до работа ја извозев на тротоар. Од тротоар на тротоар. Качи се на еден, па симни се, па качи се на друг. Скоро 21мин за 4км. Да одев побрзо ќе беше. 😊



Вторник, 25ти јуни го качив пак точакот за накај работа. Овој пат поминаа 5мин пред ланецот да ми се откачи и пошто не знаев сама да го вратам го заклучив точакот до најблиската трамвајска станица и си фатив трамвај. Точакот во првите 2 дена веќе ме водеше 2/0. Ама не му се предадов. Возев секојдневно до работа 13 недели. Утринската температура доаѓаше околу 7степени па згора на тоа и дождови, па на 16ти септември ја затворив сезоната.

Ако ја сумираме во бројки вака некако ќе изгледа мојота прва точачка сезона:
  • Извозени 520,78 км
  • Ситуации за паѓање 2. Паѓања 1. Процент на успешно одбегнување паѓање 50%
  • Ситуации за да ме згази кола 3. Кола не ме згази, така да процент на успешно одбегнување кола е во случајов 100%
  • Ситуации за судир со друг точак 2. Суди со друг точак 0,5. Малце само се допревме, не се рачуна како судар. Процент на успешно одбегнување други точаци е во случајов 75%
  • Почетно време дома-работа (4км) 20,53минути. Последно време сезонава 11,32минути.

Е, вака некако мене ми беа овие 13 точаки недели заедно со сите подеми (во брзина) и падови (во буквална смисла на зборот). Не знам за вас, ама јас ја оценувам сезонава за ептен успешна. Норвешаните имаат една реченица „små gleder i hverdagen",  во превод -мали радости во секојдневието.

Од една затворена точачка до друга отворена трамвајска сезона,
Славица Савеска Кењереш

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...