Sunday, December 30, 2018

„прашања за крајот на 2018та„

Во Осло имам една мала група македонки со кои доста се дружиме. Се гледаме кога ќе стигнеме, некогаш по неколку пати месечно,некогаш ниту еднаш во месецот, а секојдневно муабетиме на фб. Кога ќе се збереме, ееее тогаш паѓаат многу сериозни муабети.. Си се жалиме за животот далеку од сестри и браќа, родители и внуци..тоа најмногу боли. Па после се потсетуваме меѓусебно колку треба да сме благодарни за она што го имаме. И врти сучи ќе се наметне муабетот за домаќинлук. Тогаш се разменуваат рецепти, се зборува за кифлите на мајките,  бурек во маалската бурекџилница, па рецепти за здрави бомбици и веган торти..абе се нешто. Ама муабетисувајќи за нашето детство на крајот се врти за детството на нашите деца. Кажувајќи им дека кај нас дома телевизор скоро и да не се уклучува, едната другарка ми вика „Уууу...па ти многу строга си„. Не знам, може и сум..се замислувам за муабетот кога си одам накај дома. Цртани и пуштам еднаш во 10тина дена, на таблет игра 2 пати месечно.. Тоа строгост е?
                                       
          ******************

Внука ми и сестра ми беа на гости пред Нова Година. Одејќи на божиќен базар разговаравме за Дедо Мраз. Раскажувавме како Дедо Мраз дојде кај баба и во Скопје пред некоја година за да им даде на сите подароци. Таа беше мала, не ми е ни чудно што не се сеќава. „А од каде дојдоа тие подароци?„- ме прашува. „Подароците ги купи тетка ти и му ги даде на Дедо Мраз за да ви ги даде на вас„. Внука ми ме гледа вџашено „Тетооооо„- викнува.  „Што е? Па јас не ја лажам за ништо„- одговарам. И ја уништувам ли магијата на новогодишните подароци ако и ја кажам вистината- дека Дедо Мраз не постои?!

          ******************

На работа за ручек разговарам со колешка која ми вика дека си купила нова куќа во која ќе има голема спална соба и 2 мали детски соби за синот и ќерката. „Конечно раат да сум„- додава.Другата колешка и вика дека нејзината спална е малечка зошто сака децата да имаат поголеми соби. „Не сакам по дневна да ми расфрлаат играчки„. „Да издржиме уште малце, па ќе се отселат„- го заокружува излагањето. Хммм....јас им викам дека ние сме во иста соба и иако има свој кревет, навечер кога ќе заспие ја земаме во нашиот кревет, заедно да спиеме. Ме погледнуваат двете прашално. „Значи заспива во својот кревет, а вие во спиење ја преместувате во вашиот?„- ме потпрашува зошто очигледно ништо не и е јасно. „Да„-одговарам кратко. „Чудни родители сме нели?!„- ја прашувам. „Да, чудно е„- ми вика.  А мојата најмила ноќите кога ќе се подразбуди скоро во сон ќе ми се намевне така слатко и ќе ме гушне и ќе заспие во истиот момент. Душата ми се полни од милина, животот ми се продолжува. А, сега строга ли сум или ја мазам и кога не треба?!

          *******************

Спремајќи ручек ми се лизна ножот и сочно се заби во кутриот ми показалец. Викнав несвесно, а таа се стрча накај кујна да види што се случило. И кажувам смирено дека не е ништо страшно и дека само сум се исекла додека го притскам цврсто прстот, а капка крв капнува во лавабо. Ме гледа безнадежно и молежливо ми вика „Па треба да внимаваш мамо„ и веќе во следниот момент се расплакува. Си мислам колку и како тоа нејзе ја погодува и боли иако не е физичка болката која ја чувствува. Исто кога ќе ја искарам, а таа плаче и откако сме се разбрале и смириле со објаснување дека „не ми е убаво во телцето„... душа мајкина... На зафркавање знаеме да ја прашуваме на кого е. Одговара дека е на мама и брзо се надоврзува дека е и на тато. Ја прашувам дали таа мене ме сака. „Да, најмногу на светот„-одговара. „А, зошто?„ - ја прашувам пак. „Не знам зошто те сакам„- едноставно одговара. И нема подобар одговор на тоа прашање. Затоа што љубовта не е рационална ниту со претходна прерачунка, затоа што само се случува. Јадеме интегрален леб, многу зеленчук и овошје затоа што е здраво, одиме во теретана за да се оджуваме во форма, благо се јаде во ограничени количини еднаш во неделата затоа што не е здраво, пиеме многу вода затоа што е важно да е телото доволно хидрирано, читаме книги, гледаме документарци, се образуваме за да бидеме доволни информирани и свесни за опасностите во животот.... Добро е што барем за љубовта не мораме да бараме причини.

Од едни дилеми во 2018 до други во 2019,
Славица Савеска-Кењереш

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...