Tuesday, May 22, 2018

во епизодата „Мирисот на спомените„

Од сите месеци во годината, еден ми е посебен. Мај..мај, кога се раззеленува, кога птиците цврцорат наутро кога одам накај работа, кога се слуша првото зуење на пчелите, кога расцветуваат јоргованите во дворот, кога замирисуваат јоргованите низ сите дворови во населба... кога Осло ми  мириса на детство, ми мириса на спомени, ми мириса на мене во Скопје, на мене во Аеродром....



И не знам зошто, ниту како ама топло ми е на душичкава. Некој мир владее во тој свет на спомени. Ародром без сите експресно изградени цркви, без Capitol, без статуи па дури и без Бисер. Е тој Аеродром, далечно сивкаст Аеродром кој се бои во плаво-бело накај Вардар, накај салата на МЗТ каде ги доживеав најголемите радости и разочарување во моето безгрижно детство. Кога секоја победа значеше живот, а секој пораз рушење на целиот свет...

Па, сите оние лета во село со големи фиксирани агенди- доручек-по река-ручек- Раброец-вечера-во диско. Па дедо како се симнува од височинката и во рацете носи 4 големи кеси во кои се напикани 10 леба. За првите неколку дена од неделата де, после ќе мора да меси зошто кај Савевци има повеќе луѓе од прсти на рацете дури и тогаш кога сме половично друштво.

Овој мирис на јоргован ме враќа назад во сите тие моменти. Па она кога ќе те потсети ФБ какви статуси си пишувал пред 10 години и кога ќе го намирисаш секојдневието исполнето со толку неважни грижи во стилот „Добив покана за свадба, што ли ќе облечам?!„... ех, младост..

А, денеска си седиме со мојата најмила во двор, а таа само оди лево-десно, трча од еден до друг крај на дворот , па пак се враќа,потскокнува радосно додека нешто си зборува сама со себе, па со мене и исчезнува затоа што нема време да ме дослуша, занесена во својот свет на безгрижност... дише и расте. Одеднаш ми се губи од видик и ја слушам после кратко време како трча кон мене целата возбудена да ми каже нешто многу важно. "Мамо, една птица дојде да ја јаде нишалката.". Јас ја поглeнувам и се насмевнувам "Ох, како тоа?! Така не се прави. Што да правиме сега ние?" И очекувам да рече "Да ја избркаме птицата мамо"..очекувам да каже „Да ја искараме птицата, зошто ни ја јаде нишалката„... очекувам се нешто да каже, но не и „Па мамо, да и дадеме лепче да јаде. Гладна е.„ А таа тоа ми го кажува и веќе во следниот миг влегува дома со сандалите несоблечени да бара лепче. Ех, дете...невино, наивно.. подготвено да даде без да чека нешто да добие, да даде затоа што колку повеќе даваш- толку повеќе имаш... љубов, среќа...

А, јас секое утро суптилно се доближувам до секој јоргован кој ќе ми се покаже на патот кон работа, вдишувам длабоко и за миг ги затварам очите и патувам назад низ времето...патувам до оној миг кога се враќам од школосо клучот обесен на врат, на зелената врвка, а на трпезариската маса среќавам букет јорговани кои веќе ја исполниле цела куќа со мирис...спокојство, незгрижност...

Си набравме со мојата најмила букет јорговани од двор и ги ставивме во вазна во дневна. И љиљакови и бели. Нека и нејзе и се врежи овој мирис во душата.. нека го запомни мирисот на детството...

Од еден до друг мирис на јорговани,
Славица Савеска-Кењереш

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...