Tuesday, May 30, 2017

"За мојата НајМила"

Пред некој ден мојата најмила го најде моето 40грамско скриено богатствтво. Сјајното злато кое го носи името смоки. За вистинските смоки зборам, оние од Витаминка со вкус на кикиритки.. јаоооо.. се облизувам само кога ќе со слушнам терминот смоки. Она "со вкус на кикиритки" па скрос ме докрајчува.
Него што ми беше муабетот. Да ..ми ги наоѓа мојата најмила драгоцените смоки и така се радува што почнува да игра и да ги гушка. Никогаш не ги пробала, ама пакетчето и делува ептен примамливо. Сјајно и шарено па уште и шушка. Абе јами..хаха :) Се враќа повторно во ходник кај мене и ми изјавува "Ова мама и тато јучкаат". Лелееее...мене срце ми се стега, а таа се стрчува, радосно ја отвара вратата од шпаиз и ги сместува смоките на полица. Татко и не може да издржи- "Дојди, тато ќе ти даде" и вика. Таа ме погледнува повторно мене и по малку прашално констатира. "Само едно Мила пјоба". Ух, па каква сум тоа јас мајка си викам во себе и цел свет ми се руши пред мене како кула од карти. Вечерта за да си ја помирам совеста и правам "бомбони" од варено овошје и желатин, а таа си ги лапнува во еден здив и уште додава "Мамо те молам едно сакаш да пjобаш?". И не, не ми треба да пробам ништо, се додека ја гледам нејзе задоволна и насмеана. 

                                           *****
Пред заспивање следи неизбежното гушкање и приказна. Секој ден истата приказна. Секој ден за Снежана. И ми ги мушнува тие нејзини рачиња меки како памук и мазни и нежни како свила, под главата и ме гушнува изговорајќи го најслаткото на свет: "Мамо.." А, јас и возвраќам: "Ти си сонце на мама." Таа пак ми одговара: "Нееее.." и се поднасмевнува ѓаволесто и со таа блага насмевка на лиценцето ангелско заспива. И продолжувам да ја гледам како слатко сонува, а секоја секунда нејзин сон ко мене да ми ги полни батериите и ми дава сила за се.

                                           *****
Завчера фати некоја необјаснива и невообичаена жештина, па ги качивме точаците и правец на плажа. Ама не помина ни 1мин од тргнување и неискусниов возач жестоко го баци асфалтот. Се заврши со подуено, модросано и раскрварено колено, одрана дланка и лакт на рака. Си помислувам- Добро е, изгледа ништо не е скршено и рачунам како ќе се довлечкам до дома. Комшиите дотрчуваат на помош и се нудат тие 300метри до дома да ме префрлат со кола. Мојата најмила седи во седиштето на точак и само ме гледа. Ништо не кажува и од нигде никаде почнува да плаче. Уплашено и неутешливо плаче додека јас ја гушкам и и кажувам дека ништо не ми е. Ама не престанува...плаче ли плаче. Откако фрката помина, вечерта почнува да го враќа филмот од денот- " Мама падна точакот. Не сака мама точак вози, сака со кола да оди. Мила плачеше". "Зошто плачеше Мила"- ја прашувам. "Секијаше дека мама ја боли". Не, не ме боли ништо, ама баш ништо. Душа ми грее, а очи се полнат со солзи радосници.

                                            *****
И ја оставам секој ден во градинка, таа ме гушнува пред да си заминам на работа и радосно мафнува со рачето додека ги покажува на мегдан тие нејзини запчиња бисерни. A, јас се навраќам повторно и повторно на таа слика и си мислам колку сум среќна што ја имам токму неа, колку сум среќна да бидам нејзина мајка и како сум заслужила толкава среќа да ме исполнува секој ден повторно и повторно. Само среќа и радост и неописливо чувство на исполнетост, како да ништо пред неа и да не се случило, не било важно и неопходно, како да бил некој живот безмалку празен и чуден на некоја друга јас. Зошто денеска јас сум МАЈКАТА НА МИЛА и единствено тој мој успех е вреден за споменување.

Мајката на Мила

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...