Friday, April 1, 2016

... во епизодата “ЧОВЕК и човек”

Тешко е човек да се дистанцира и да ги согледа работите онакви какви што се. Уште потешко е да видиш дека си грешел и да ја исправиш грешката или пак да не ја повториш. Муабетот често е во насока дека не ги правиме грешките еднаш, туку пет-шест пати, чисто да се увериме дека се грешки.
Велат пријателитеси ги бираме сами, а роднините ни се дадени. Демек, какви се- такви се, овие вторите-роднините, твои си се и ќе ги сакаш. Ајде бе, од кај па сега тоа?! И по која логика уствари? Не прифаќам! Добро де, од пред неколку години не прифаќам.Тогаш кога се преселив доволно далеку за да сфатам кој- каков е. Тогаш кога сфатив дека не се што е мое треба да се брани.
Кога ги започнавме првите подготовки за свадбата муабетот меѓу нас двајца беше- Не сакаме голема свадба. На крајот кога се пребројаа сите први, втори, трети братучеди, пријатели, комшии, колеги и слично стигнавме до 200 гости. Е, да де, не е ни тоа некоја голема свадба кај нас. Онака е, нормална свадба. :D Кога на норвежани им кажувам колку гости сме имале на свадба, паѓаат во несвест. Кај нив е нормална свадба од 30 луѓе, не од 200. Него друг ми беше всушност муабетот дека уште од тогаш имав луѓе кои не заслужуваа да бидат дел од нашиот ден ама ете беа. За атер на едни или други луѓе. Нејсе..
3 месеци пред да ја добијам мојата најмила, отидов во Скопје за да се пофалам со стомакот. Додека ручавме, ѕвони телефонот, кревем и од другата страна еден женски глас- “Па, кај си ти да се јавиш? Ти треба да се јавиш, ние ти требаме повеќе тебе отколку ти на нас?!”. Слушам и не им верувам на ушиве. “Молам?!”- прашалници се вртат околу мене ко на цртан филм. Да не не слушнав ко што треба?! Како одговор ја добивам потполно истата реченица. “Ние ти требаме тебе, повеќе отколку ти на нас”. Неколку секунди молк и сфаќам дека ни ни заслужува да се карам со неа. “Убаво е да се знае тоа”-одговарам. Завршува муабетот.
Кога дојде моментот да правиме прв роденден на мојата најмила, пак дојде до двобој помеѓу две групи. Број се, преброј се, пак многу луѓе- 50 возрасни, плус уште 20 деца во групата луѓе кои треба да ги викнеме. Во превод две и пол норвешки свадби. Втората група на оние кои сакаме да ги викнаме е значително помала од првата. Сестра ми ми вика- “Прв роденден е, сите сакаат да ја видат”. “Батали ги тие муабети”- оштро и враќам. “Тие што сакаа да ја видат ја видоа летоска кога бев во Скопје 20 дена”. Мисли, премислувај се и пак ете надвладеа малограѓанската јас и одлучивме да ги викнеме сите кои треба да ги викнеме. Овој пат за ничиј атер, туку ради што така треба. Крајниот исход- дојдоа сите кои сакавме да ги викнаме, со исклучок на неколку болни, па поради тоа и оправдано отсутни драги луѓе. Грешка направена по втор пат, или можеби трет...ма, кој брои веќе.
Затоа има човек и ЧОВЕК. Затоа има луѓе и ЛУЃЕ. Едни кои не најдоа за згодно да ја запознаат мојата најмила на мои две одења во Скопје. И едни други кои пратија поздрав и подарок две недели по нејзиното раѓање и од кои добивам порака на фејс- “Ставете некоја слика да ве видиме” и “Одвај чекаме да пратете некоја снимка”. Епа затоа едните се само роднини, а другите и ги сакам.

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...