Пакување поклони во куфер и последна проверка на авионски карти и пасоши...овој пат два пасоши сместувам во проѕирната папка. Неполни 8 дооооолги месеци го чекав тој момент..на сите “мои” да им го покажам моето сонце и најголема среќа. Сместувам во големата ташна шишенце со вода, омилените играчки и омилената книга и подготвени сме. Патот поминува брзо, и оп жежок бран ни посакува добредојде во Скопје. Стигнавме.
Мојата најмила е целосно шокирана. Се впикува во мене
и почнува загрижено да плаче после секој нов лик кој се менува пред нејзе. А,
сите сакаат да ја видат, да ја поиграат, да поуживаат со неа. Не е дома, домата
што таа ја знае не изгледа вака. Не и прави никаква разлика што тоа е дома на
нејзината мајка... или беше дома. Првите денови е така, после се опушта по
малку. Им се насмевнува на братучедите, си игра со тетките, се шетка со баба и
дедо.
Братучедите се вртат најмногу околу неа. И прават
муабет, ја гушкаат, бацуваат, си играат со неа. Поголемите знаат дека нема уште
долго да останеме во Скопје. Најмалите не сфаќаат дека ќе си одиме, ама сепак
дури и на незнаење, го користат секој миг да бидат во нејзино присуство.
“Тето ти имаш кола?”- ме прашува 4годишниот внук.
“Немам тета.”- му одговарам. “Имаш само авион?”- следува дополнително прашање.
Се смеам на глас, го гушкам и бацнувам, додека ја сфаќам едноставната детска
логика дека ако тој секогаш доаѓа со кола кај баба на гости, а јас доаѓам со
авион, тогаш мора авионот да е мој. As simple as that!
Деновите пролетуваат како низ магла и веќе се пакуваме
за назад. Вечерта пред тргање се поздравуваме со сите. Му велам на 4годишниот
внук- “Тета ќе си оди утре. Ќе ми се јавиш ти на скајп?”. “Да”- одговара брзо.
“А, сакаш ти да дојдеш кај мене на гости?” Се двоуми и не одговара ништо. “Ќе
одиме со мојот авион.”- дополнувам. “Да, ќе дојдам.”- одговара експресно брзо и
за кратко се надоврзува. “Ама да ме вратиш.” Ех, злато теткино, уште не дојден
сака да се осигура дека ќе се врати. Сака да шета, ама и да се врати дома после
шетњата, зошто дома си е дома.
И мене таму ми беше дома. И јас сакав да се вратам во
мојата дома, дури и по најдобрите и најнезаборавни летни одмори, после
патувања, екскурзии. И јас си велев на крајот-Ми се оди дома.
Се разбудивме рано и пат пред нога. Добро е сега барем
има директен лет, па не мораме да се малтретираме со саати. Другарка ми ме
прашува на фејсбук како патувавме. “Поминавме супер по пат”- одговарам. “Какво
е чувството?”- следува подпрашање. “Одлично”- одговарам. “Како своја на
своето.”
После точно 8саати, лет комбиниран со автобус,
пристигнуваме ние двете во Осло. Ја спуштам торбицата и куферот, ја седнувам
неа на под и се напивам вода. Таа само ме погледнува и широко се насмевнува.
Четири бели бисерни запчиња заблеснуваат на дневната светлина. Некако ми се
гледа поинаква, поопуштена. После неколку саати доаѓа и татко и од работа. Ме
гушка и шепнува со олеснување- “Ох, се вративте.” “Да, се вративме.”-
одговарам. “Дома сме!”
Од новата до поранешната дома,
Славица Савеска-Кењереш