Monday, March 10, 2014

Душа ширум отворена во епизодата “Кога вистински бараш прошка”

Како мала чувствував посебна омраза и презир кон празникот Прочка. Ми беше баш некако безвезен празник. Јас како најмала во семејството требаше да барам прошка буквално од сите останати. Мислев дека нема правда таквата традиција. Што па, сега баш јас морам од сите да барам прошка?! Зашто по дифолт се поставува констатацијата дека малиот му згрешил на постариот и следствено на ова дека најмалата им згрешила на сите останати?! Епа стварно нема смисла.  Значи во три збора- ја мразев Прочка.

Бев бунтовна по природа, особено кога стануваше збор за тоа дека јас нешто сум згрешила. Од секогаш ми било стваааааарно многу тешко да признаам дека сум згрешила. Тешко ми е некако и сега, ама со годините научив малку од малку да бидам реална и да признаам кога грешам. Не ми успева секогаш, некогаш е невозможна мисија да бидеш субјективен кога се работи за тебе, нели?!

Како мала одевме секогаш на ручек кај баба ми и дедо ми. Таму уште на влезот ќе не пречекаше дедо ми со сува гранка и ќе не мавнеше благо со неа,таков бил адетот, после ќе ручавме и ќе амкавме јајце. И се беше толку фино и убаво се додека не дојдеше делот на одење назад  дома и обврската да се каже “Прости ми”, која мене ми беше тооооолку многу тешко да ја прифатам. Ма, просто не излегуваа тие зборови од мојата уста, колку и да се трудев. Размислувајќи сега за тоа сфаќам дека ми било тешко да ја кажам затоа што не сум ја мислела, а како може дете да натераш да каже нешто во што не верува?! Имаше години и години кога вешто ја избегнував реченицата “Прости ми”, а дедо ми ми прогледуваше низ прсти. Велеа секогаш дека му бев миленичка.

Кога заминаа од овој свет баба ми и дедо ми, традицијата ја продолжија мајка ми и татко ми. На Прочка секогаш се собиравме кај нас дома, па сестрите, зетовците и внуците доаѓаа кај нас на ручек. Семејните собиранки секогаш беа вистинска радост исполнети со незаборавни игри со внуците, смеа и по некоја плачка за играчка. И во овој случај се беше суперско се до делот на “Прости ми”. Тогаш не си одев дома јас, ама си одеа сите други, па јас ги испраќав во дневната за да не морам да одам до излезот каде тие два збора “Прости ми” беа задолжителни. И успевав да не ги кажам, успевав да се прикрадам и да го избегнам тој, за мене, толку непријатен дел од празникот кој го мразев иако веќе не бев дете. А, што ако мене ми згрешиле, а? Што правиме тогаш? Кога тие од мене ќе побараат прошка? Се водев од овие прашања кои како низ торнадо струеа низ мојата глава и не успевав да се натерам да кажам јас “Прости ми”. Татко ми секогаш ми замеруваше и гласно ќе прокоментираше дека не сум побарала прошка. Јас ќе преќутев и веќе следниот ден беше се заборавено. И волкот сит и овците на број.

Но, еве дојде ден Прочка кога јас не ја чувствувам таа омраза кон празникот. Дојде ден Прочка кога јас сакам да бидам таму пред вратата кога се изговара таа реченица “Прости ми”. Денеска јас вистински за прв пат во мојот живот почувствував потреба да побарам прошка од сите- од мама и тато, од сестрите, од зетовците, па дури и од внуците, иако сега конечно не сум најмалата во семејството. Во ова обично норвешко утро кое го навестува празничниот македонски ден барам прошка од сите. Им згрешив на сите, и на постарите и на помалите од мене и треба да побарам прошка. Простете ми за се. Простете ми за секоја викенд-собиранка на која нема да присуствувам, за секој роденден, именден, празник и веселба кои ќе ги пропуштам. Простете ми што не бев таму кога се роди најмалата внука, што не го видов проодувањето на најмалиот внук. Простете ми што не секогаш наоѓам начин и зборови да ви кажам и објаснам колку ве сакам.

На крајот, простете ми што одбрав ваков пат во животот. Простете ми што отидов.

Од Осло до Скопје,

Славица Савеска Кењереш

 

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...