Tuesday, January 7, 2014

Душа ширум отворена во епизодата “Македонско млеко”

Во последно време почнав се почесто да размислувам за заедничките карактеристики на еден народ. Некој ќе рече, тоа се стереотипи во кои само глупавите веруваат. Сепак на крајот излегува дека стереотипите се многу повеќе од само круто обликуван израз за културата на една нација. Кога мислам за нас, македонците, ми се издвојува меѓу другите и една наша заедничка особина- скромност. Такви сме сите ние, таков ни е кројот, со такво млеко сме растени.

А, беше Септември, кога јас најдов слободно време и супер цени на авионски карти, па си летнав доле на југ. Се знае за што постои Септември. Ранци, тетратки, учебници, моливчиња, панкала, гуми. Ја прашав сестра ми, што им треба на внуците да им купам од Осло. “Ништо бе. На секое ли ќе им купуваш. Се си имаат”. Одговор што секогаш можам да го очекувам, а кој се надевам дека нема да го добијам. По триста моленици ми кажа дека на едниот внук му треба ранец. Е, супер си реков, таман ете за него нема да мислам што да купам. Шетав по продавници, видов многу, бендисав неколку и на крај не се решив за ниту еден ранец. Си реков, може подобро сам да си одбере некој од продавница во Скопје. Кога стигнав им поделив по некоја играчка и нешто ситно облека, па отидовме до Бисер на сладолед. Одиме накај Бисер јас гордатата тетка со моите сонца- двајцата најголеми внуци и најголемата внука и им викам “ На кој му фали ранец за во школо?“ Одговорија сите тројца во еден глас, како договорени “Мене НЕ”!!

Да, кажам дека и ова не го очекував, ќе лажам. “Како бе на никој?”, упорна сум јас. “Јас си имам”, ”И јас”, ”И јас имам”, пак ми одговараат. Оф леле, мака. Нејсе, викам “А, кој е за сладолед?”. Тишина, никој ништо не одговара. Ги погледнувам прашално и ги гледам срамежливо климаат по малце со главата. “Па, може”, некако се осудува едниот внук да каже.

Неколку дена претходно зборував со другата сестра и внукот на Skype. Тогаш, како и сега, внук ми ми одговори дека не сака да одам кај него на гости, ама он ќе дошол на гости кај мене со авионот. Хаха.. шетаџија е детето уште од мали нозе.  Нему му викам “Ќе дојдам кај тебе на гости. Што да ти донесам?”. Ме гледа со тие очиња теткини најубави и ми вика- “Лижавче”. Оф леле... пак ли?! Неколку дена подоцна ја смени изјавата, тогаш побара Бони Топ. Оооогромна разлика!!

Се јавив вчера да прашам како поминаа коледарите. Едниот внук вика “Многу убаво, ама и уморно”.  “Ако”, одговарам јас. “Што добивте за Коледе?”прашувам. ”Многу работи”, ми одговара. ”А, пари колку собравте?”, не престанувам јас со прашања.  ”Ние за парите воопшто не размислуваме”, ми одговара 8-годишниот внук, сонце на тета.

Сите со исто млеко сме задоени, македонско млеко, научени од мали на скромност и претпазливи со барањата. Се сеќавам порано кога вујко ми ќе дојдеше кај нас на гости. Се зафркаваше тој често со нас дека доаѓа вујко од Америка, а уствари доаѓаше од Битола. Секогаш пробуваше да ни тутне по некоја пара во рацете. Јас се сеќавам и денеска како вчера да беше како упорно ги одбивав и му ги враќав во рацете иако веќе ја имав прерачунато бројката на сладоледи кои можат да се купат за тие пари. Ама кај смееш да земеш пари кога ти даваат?!

Се мислам колку или дали воопшто ваквата скромност е добра. Нели е малку преценета?! Колку можеш да постигнеш ако не целиш на високо? Колку далеку можеш да стигнеш кога скромно се задоволуваш и со подпросечното? Колку можеш да сонуваш ако си научен да бидеш реален?! Тоа е тоа македонско млеко кое не пораснало од цуцла до чаша. Во таков калап сме правени. Нам дури и калапот ни е скромен- 2 милиони, ни угоре ни удолу, таман толку!

Од свежо македонско млеко до тетрапак,

Славица Савеска Кењереш

 

во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...