Saturday, December 29, 2012

Душа ширум отворена во епизодата “Магла свуда, магла око нас”

Дојде време и за одење накај дома... пак. Годинава ептен му ја затерав. Едно-две и ќе си фатам патот доле до Скопје. Ден пред одење мајка ми, ми вика на Skype “Не е ладно,ама многу магла има”. Јас слушнав ама не заушив. Утрото додека го пакував куферот оваа реченица ми пројде низ глава, си викам, па ако има магла густа сигурно нема да се лета. Трк на нет, отворам на скопски аеродром и гледам сите летови откажани до тогаш. Аууууу... а, сега?! Сепак мораше да одам и да ризикувам. Кога стигнав на аеродром во Гетеборг, ми ја соопштија несаканата, а очекувана вест- летот е преместен за утре. Четири-ѕвезденото хотелско сместување со неверојатно мек кревет и чиста посстелнина и се тоа на терет на авионската компанија не можеше да биде толку многу неудобно. Се спие како на трње кога си избројал 7 дена за во Скопје, а сега наеднаш истите стануваат 6. После 27- часовна сага, конечно слетавме во Скопје. Муабетов- роди ме мајко во ера на авиони и ефтини летови и пушти ми ја маглата.

Слетавме, а пак ништо не се гледа. Дрвцјата покриени со некоја бела кристална материја, која не е можно да е снег. Кој знае што е. Ех, драги мои градоначалничиња и министри и уште подраг ми премиере, ова баш не го мислевте а?! Па, овој воздух и вие го дишете, бегање од воздух нема. Ај, ако не се грижете за сопственото здравје, вањда сте до толку луѓе па ви е грижа за здравјето на вашите синови и ќерки, на вашите внуци. Ех, со таков отровен воздух ги храните секој ден.

Од маглата не го видов баш ни моето Скопје. Можеби и тоа е добро зошто моето Скопје одамна го нема. Му го умреа духот, се удави во кичот. Во новиот трговски кафе не испив. Кој знае зошто. Сепак барокната елка ја видов... за жал. Богами за жал ги видов и златестите канделабри на новиот трговски. Се надевам барем нема клубот кому со години му немав пропуштено ниту еден тренинг и натпревар, да добие нова спортска сала со барокни елементи. Ех, мое Скопје, затоа си удавен во магла- па тебе и воздухот ти е барок- стар, правлив и застојан.

Само што стигнав беше време да се враќам. Последните 2 дена во Скопје, маглата некако се намали. Си реков, добро е, барем да стигнам во Осло токму на денот за еден многу важен роденден. Кога почнавме да е наближуваме накај Петровец, маглата се зголемуваше, а тишината во колата гласно ја извикуваше нашата заедничка грижа- ќе полетам ли денеска?! После 5 објави за доцнења на летот, дојде и таа реченици фатална- Летот е откажан. Нервози и негодувања, ама што е тука е. Веројатно немаше да ми биде криво ако во следните 10 минути од објавата на откажан лет, немаше да слетаат и полетаат 2 авиони.  Ние веќе се спремавме за пат до Приштина. Муабетов- роди ме мајко штедаџија и кога ќе пуштам срце за бокирање нормален лет, пушти ми ја маглата.

Веќе бев уморна од 6-дневното неспиење, само за да се видам со сите луѓе што сакам. Откажувањево дојде како капак на се. Плус па гладна. Фатив патот накај првата пекара на аеродром и порачав тост и шишенце вода. Потем ги видов и цените- бурек 120 ден, баничка 100ка, колач со вишни 130 ден. Мојата нарачка дојде се на се 245 ден- тост 160 ден и вода 85. Ете ни ја Европа бе, кој ја бараше?! Со цените се следи на големо, нема везе што платите се исти едно 10 години наназад.

 


А, патници за низ цел свет, скоцкани во тој лет. Индија, Америка, Австралија, Финска, нешто и за Норвешка.. насекаде. Главно само мноооогу малку среќници кои патуваа само до Истамбул и стигнаа до крајната дестинација со само 8 саати задоцнување. На другите, како мене им се фати бајаги поголемо задоцнување. Јас стигнав по точно 18 саати задоцнување... веќе беше друг ден, важниот роденден веќе помина.. ама барем стигнав назад во втората дома.

Следниот пат ќе си идам пак со ефтиниве летови- ако ништо друго ќе платам најмалку 3 пати поефтини карти. Не попусто рекле старите- “Не удира гром во коприва”. Ја проколнав скапата авионска компанија со која требаше да патувам 8 наместо вообичаените 12 саати со ефтините компании. Громот тогаш ме најде и преку магла.

Од Осло до маглата и назад,

Славица Савеска Кењереш

 


во епизодата „Сама со себе„

На мои 38години за прв пат седнав сама на кафе. Беше тоа зимоска во Валенсија. Децата легнаа, таткото остана дома да ги чува, а јас си ја зе...